1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Да се зборува за женското тело во термини надвор од употребата и користењето на Фотошоп, денес е речиси невозможно. Во време на дигитална манипулација, ниту еден миг во историјата не влијаел врз перцепцијата на женското тело како Фотошоп. Разгледувајќи ги каноните кои ги задале старите мајстори за перцепцијата на женското тело, може само да кажеме дека тогашните девојки биле прилично пополнички во однос на денешните супермодели, иако знаеме дека и овие претходно и тоа како биле подложни на сликарската манипулација и идеализација на телото. Значи, совршенството на телото во барокната визија исто така на неколку рамништа било оддалечено од стварноста. Четката или кликот со глувчето, во секој случај, довеле генерации жени во големи неволји.
Занимавајќи се со темата на идеалот на едно раздобје и неговото транспонирање во сегашното време и според сегашните стандарди за убавина, италијанската уметница Ана Утопија Џордано лесно го провоцира уметничкиот свет, а особено цела гарнитура историчари на уметност. Имено, таа создава серија фотошопирани актови од класичната уметност под насловот „Венери“.
Нејзината цел е да ги примени современите стандарди на атрактивност, односно телата кои ги идеализираат сите женски списанија, врз примерите на најпознатите Венери на Ботичели, Ингрес, Бронзино... Со компаративна анализа на „оригиналот“ и „разубавениот оригинал“ забележуваме дека уметницата интервенирала на оние критични точки: ги истенчила бедрата и колковите, ја стеснила половината, ги зголемила градите. Во ремек-делата на уметниците, на Венерите им се избришани сите несовршености, но интересно е тоа што на современото око дури тогаш му изгледаат „нормално“.
Сите нејзини обиди, освен што ги демонстрираат можностите на дигиталната манипулација, помалку или повеќе успешни, ги преиспитуваат и субјективните културални стандарди кои секојдневието ни ги наметнуваат огласувачите.
Повеќе за делата на Ана Утопија Џордано може да прочитате овде.
Извор: pogledaj.to