970 чекори далеку од слободно општество

04.10.2012 11:26
970 чекори далеку од слободно општество

Србија ќе го добие она што го бара, изјави во разговор за Радио Слободна Европа известувачот на Европскиот парламент за Србија, Јелко Кацин, откако во Белград е соопштена одлуката на МВР да ја забрани Парадата на гордоста. Со одлуката за забрана на Прајд, државата јасно им кажа на граѓаните дека немаат право да живеат како слободни луѓе и дека се принудени да се плашат и кријат во сопствениот град и земја пред заканите, откако тоа го направија и институциите, со суспензија на правото на слободно собирање, се наведува во соопштението на Либерално демократската партија.

Социјалдемократската унија оценува дека со одлуката и оваа година да се забрани Парадата на гордоста, Ивица Дачиќ и МВР на Србија повторно покажале неспособност да ги заштитат основните човекови права и слободи. „Аргументот дека сè уште не стекнале услови и дека не е моментот за одржување на Парадата на гордоста во Белград го наметнува прашањето дали некогаш државата ќе почне да работи на создавање услови за почитување на едно од основните човекови права. Држава која не може да им ја гарантира безбедноста на своите свои граѓан(к)и го доведува во прашање својот легитимитет. Власта во Србија и денес докажа дека не е способна да се пресмета со клерофашистичките групи и хулигани, затоа што се повлече пред нивните закани“, се наведува во соопштението на СДУ и се додава дека дококу оние кои се на власт во Србија не се доволно способни, храбри и одлучни да ја работат својата работа, односно да создадат услови за демократска и цивилизирана држава, тогаш најодговорните меѓу нив треба да го признаат тоа и да поднесат оставка.

Парадата на гордоста е забранета со образложение дека може да дојде до „попречување на јавниот сообраќај, загрозување на здравјето, јавниот морал или безбедноста на луѓето и имотот“. Оваа одлука известувачот на Европскиот парламент за Србија, Јелко Кацин, ја оцени како порака на Србија до своето граѓанство, особено ЛГБТ популацијата, но и до Европската Унија, на која ќе уследи и соодветен одговор. Во разговор за Радио Слободна Европа, Кацин наведе дека Белград треба особено да биде загрижен поради реакциите кои ќе следат од Шведска и Холандија.

Кацин напомена дека властите во Белград пропуштиле „шанса да им дадат на силите за безбедност можност да докажат дека можат да обезбедат секаков собир каде било во Србија, не само тој мал Прајд од деветстотини и седумдесет чекори“.

Ако државата се плаши од хулиганите, тогаш сите членови на владата би требало да поднесат оставки, оценува професорката по право Весна Ракиќ Водинелиќ и додава дека не може да се исклучи ни тоа дека луѓето кои се на власт всушност сметаат дека ЛГБТ популацијата треба да биде дискриминирана и да остане меѓу „четири ѕида“.

„Меѓу политичарите преовладува матрицата според која такво нешто е непотребно, според која нешто како Парада на гордоста ги навредува нивните лични чувства или чувствата на мнозинското население и според која е всушност оправдано да се дискриминираат ЛГБТ луѓето. Од друга страна, може да се заклучи и тоа дека државата всушност се плаши од хулиганите и дека тие претставуваат некој вид четврта државна власт која им се заканува“, вели Ракиќ-Водинелиќ.

Оцена дека не се работи само за група екстремисти кои ја тероризираат јавноста туку за некој вид параполициска организација деновиве изнесе Весна Милиќ, директорка на Центарот за Евроатлантски студии од Белград. Во соопштението на оваа организација се оценува дека одлуката за забрана на Парадата би можела да биде донесена само од две причини. „Првата е што државата Србија не ги контролира сите делови од секторот за безбедност, па не може низ синџирот на командување да испрати наредба за заштита на граѓаните кои го користат своето право на собирање загарантирано со Устав, со што Србија станува слаба држава и регионална безбедносна закана. Втората причина е тоа што актуелната власт ги користи услугите на паравоените формации поврзани со неа кои погрешно се нарекуваат екстремисти, хулигани и навивачки групи, чие организирано дејствување го видовме во 2010 во Белград и во 2011 на северот на Косово, за реализација на своите политички цели кои не смее јавно да ги артикулира“, истакнато е во соопштението на ЦЕАС.

Забраната на Парадата на гордоста е „погрешен чекор и незрел потег, затоа што така само се потврдува дека државата не е во состојба да го гарантира почитувањето на законите. Ниедно демократско општество не смее да се повлекува пред заканите за насилство“, стои во соопштението на Либерално демократската партија. Ако властите не се способни да го почитуваат законот за забрана на дискриминација, „ако не им се допаѓа или го трпат само заради Европа, тогаш е најдобро веднаш да го укинат и да продолжат да ја водат државата само според својот коалиционен договор и со суфлирање на оние сили кои би требало да бидат пендрек и бејзбол палка за газење на човековите права во оваа земја“, пишува во соопштението.

„Денес, прашањето за државата е што направи претходните години и зошто не направи ништо за да стане нормално во Србија сите да имаат право да го изразат својот идентитет или мислење, а државата да е способна да го спречи насилството. Власта, премиерот и целата држава со недели калкулираа и го претворија во тажна сапуница прашањето на способноста на државата да обезбеди почитување на Уставот на Србија и одлуките на Уставниот суд. Одржувањето на Парадата не е само борба за право на слободен живот и поинаква сексуална ориентација, туку и фундаментално прашање за почитување на човековите права и граѓанските слободи во една земја“, заклучува ЛДП.

„Забраната на Парадата на гордоста не е пораз, туку победа за Србија“, порача министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, од приемот во германската амбасада. Според него, организаторите на изложбата Ecce homo се подеднакво виновни за стварање негативна атмосфера во општеството колку и оние кои се закануваат и не дозволуваат некој да ја изрази својата различна сексуална определба.

Извор: e-novine