Окно анкета за СК014 (6)

04.10.2012 12:51
Окно анкета за СК014 (6)

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект? (На неколку луѓе, заради актуелноста, наместо првото прашање им го поставивме прашањето: „Што мислите за споменикот „Паднатите херои“?)
2. Што друго би издвоиле од „Скопје 2014“, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект?


Минас Бакалчев, архитект

1
Движејќи се по внатрешните рабови на паркот „Жена борец“ или на јужната тераса на Градскиот трговски центар, погледот кон златната фигура на ангелот над крошните на дрвата создава една нова интригантна димензија на тој простор. Фигурите на мажот, коњите и ангелот гледано фронтално имат невообичаен ефект на колажна суперпозиција. Но пешачкиот допир со споменикот е нелагоден. Постаментот е непотребно издигнат, пристапните елементи се пренагласени. Па сепак, и покрај типолошката хибридност и отсуството на мерило во некои сегменти, мислам дека од мноштвото скулптури, споменици и згради овие скулптури се едни од ретките што имаат авторски допир и уметничка вредност, освен илустративната функција.

2
Нешто што е посредно поврзано со СК014, а сепак го одразува неговиот „херојски подвиг“, е подземната сообраќајница од мостот Гоце Делчев до Комплексот банки (Народна банка) по линијата на кејот. Бездруго тоа е најапсурдниот потфат. Прво, не постои сообраќаен потенцијал кој би ја оправдал таа речиси километерска траса. Второ, таа траса конечно ќе го разори кејот на реката Вардар онака како што тој од почеток е замислен: отворен јавен простор со континуиран дрворед. Начинот на кој се планира таа траса ќе ја елиминира целата линиска шума во центарот на градот. И не само што дрвата ќе страдаат, туку веќе никогаш во таа зона нема да има почва за да се насадат други дрвја. Трагично. Било какво дизајнирање на новиот јавен простор ќе изгледа иронично и само ќе ја нагласи артифициелноста на целото опкружување.

3
Сè уште размислувам за проектот. Онака како што се појавува тој сè повеќе станува тематски парк и во таа смисла популарно место за еднозначно консумирање. Дали времето ќе му даде друга димензија? Неговата суровост кон постојните ситуации, места и згради е необјаснива. Зошто до таа мерка? Од друга страна, неговата наративност е опсесивна, привлечна за многу луѓе. Тој проект привлекува многу луѓе во физичка, визуелна, вербална интеракција, но за многу други луѓе тој станува стапица. Станува збор за вистинско интелектуално гето, во кое почнува и завршува целиот архитектонски хоризонт. Би сакал да можам да мислам преку него, но имам чувство, колку и да сакаме да воспоставиме дистанца со секој следен потфат овој проект сè повеќе ни се наметнува и нè втурнува во својот вртлог...


Мирослав Грчев, архитект

1
За Прометеј и Златните коњи се трудам да немам никакво мислење. Не затоа што немам мислење туку зашто се трудам мислењето, како и сликите од виденото, болните сетилни дразби, стомачниот спазам како неизбежен рефлекс, тегобните асоцијации и мисли што му претходеа на мислењето, сето тоа да го исфрлам од свеста, како штетна и контаминирана протеинска материја... Ова антиуметничко, антикултурно и антицивилизациско загадување на центарот на градот и паркот „Жена борец“ треба да се избљува од мозокот со некој новоизвежбан антиперисталтички неуронски рефлекс, поради заштита на централниот нервен систем од контаминација.

2
Единствена позитивна последица од "проектот Скопје 2014" која можам да ја смислам е што тој со својата монструозност, кич и грдотија, помпезност и гротеска, психопатска нарцисоидност, криминална лукративност... со сите свои својства го направи видливо психопатското јадро на идеологијата на ДПМНЕ, ја направи транспарентна фашизоидната суштина на режимот кој владее со Македонија од 2006. Со тоа (се надевам!) ќе се забрза неговото историско исчезнување.

3
"Скопје 2014" е најниска точка во постоењето на македонскиот државен и културен проект. Тоа е негација на сите културни и општествени постигања на Македонците од 1945 година до денес. Како историско исходиште, проектот ги обесмислува сите културни, уметнички и научни напори во последните шест децении, па може да се рече дека Македонија со "Скопје 2014" не си го заслужува ни постоењето...

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото