За бескорисноста на револуцијата (1)

05.10.2012 08:27
За бескорисноста на револуцијата (1)

Уништувањето ни дава чувство на моќ и му ласка на нешто мрачно, исконско во нас. Само со уништувањето, а не градењето, можеме да го достигнеме таинственото божјо задоволство. Оттаму привлечноста на уривањето и илузијата која тоа ја предизвикува кај сите лудаци во сите времиња.

Секоја генерација живее во апсолутното: се однесува како да стигнала на врвот, ако не на крајот на историјата.

Секој народ има одреден час во својата кариера кога верува дека е избран. Тогаш дава сè од себе, најдоброто и најлошото.

Не е случајно тоа што Трапистите се појавиле токму во Франција, а не во Италија или во Шпанија. Шпанците и Италијаните зборуваат без престан, но тие не го слушаат својот говор, додека Французинот ужива во својата елоквентност, не заборавајќи никогаш дека тој зборува, за што во најголема мера е свесен. Само тој може да гледа на тишината како на искушение и аскеза.

Големата Револуција ми ја расипува тоа што се случува на сцената; што изведувачите се новопечени глумци, што гилотината е само декор. Историјата на Франција, во својата севкупност, делува како историја по заповед, една одиграна историја: сè е тука совршено ако се гледа театарски. Тоа е театрализација, низ големи движења, настани кои повеќе се гледаат отколку што се трпат, спектакл од десет столетија. Оттаму впечатокот на фриволност кој го овозможува дури и Теророт, гледан оддалеку.

Напредните општества се неспоредливо покршливи од другите, затоа што им преостанува само чекањето на нивното сопствено уништување; благосостојбата не е идеал кој се поседува, а уште помалку кога е веќе тука со генерации. Не сметајќи дека природата не го вклучила во своите сметки и дека таа не би знаела да го направи тоа без умирањето.

Кога народите истовремено би станале апатични, повеќе не би имало судири, не би имало војни, не би имало империи. Но, несреќата го сака опстанокот на младите народи - и младите воопшто - пресудна препрека на сонот на филантропите: да се направи сите луѓе истовремено да стигнат до ист степен на безволност и млитавост...

Во сите околности треба да се биде на страна на угнетените, дури и кога не се во право, со тоа што сепак не треба да се изгуби од вид дека се замесени од иста глина како и нивните угнетувачи.

Особина на режимите во агонија е да допуштаат нејасно мешање на верувањата и учењата и исторвремено да оддаваат илузија дека ќе може до бесконечност да се одложува часот на избор... Оттаму - и само оттаму - потекнува привлечноста на предреволуционерните времиња.

Само лажните вредности се развиваат, затоа што секој може да ги асимилира, да ги фалсификува (лага од втор степен). Идејата што успева е нужно псевдоидеја.

Револуциите се сублимат на лошата литература. Во јавните несреќи, мачно е тоа што секој се смета повикан да зборува за тоа.

Правото на отстранување на сите оние кои нè раздразнуваат би требало да стои на прво место во уставот на идеалниот Град.

Единственото нешто кое младите луѓе би требало да го научат е дека од животот не треба да очекуваат ништо, или речиси ништо. Човекот сонува за една Слика на разочарувањето на која би биле предочени сите незадоволства резервирани за секого, и која би била закачена по училиштата.

Според кажувањата на принцезата Палатина, госпоѓата де Ментенон имала навика, во годините кога после смртта на кралот немала никаква улога, да повторува: „Од пред некое време владее духот на бунилото кој се рашири насекаде.“ Тој „дух на бунилото“ е факт кој губитниците постојано го воочувале; до душа, со полно право би можеле да ја разгледаме и целата историја, поаѓајќи од тој образец.

Прогресот е неправда која секоја генерација му ја нанесува она што ѝ претходело.

Прејадените не се мразат меѓусебно тајно, туку јавно, и сакаат на кој било начин да бидат збришани. Во секој случај, тие ѝ даваат предност на желбата тоа да биде со нивниот сопствен придонес. Тоа е најнеобичниот, најоригиналниот облик на секоја револуција.

Еден народ крева само една револуција. Германците никогаш не го повторија подвигот на реформацијата, или подобро, го повторија без да го озаконат. Франција засекогаш остана должник на ’89. Истото важи и за Русија и за секоја земја - тоа тежнеење да се плагираат самите себе во однос на револуциите, е нешто истовремено смирувачко и растажувачко.

Римјаните од времето на декаденцијата го почитувале само грчкиот одмор (otium graecum), нешто што најмногу го презирале во времето на моќта. Аналогијата со цивилизираните нации е толку очигледна, што не би било непристојно да се инсистира на тоа.

Аларик велел дека некој „демон“ го гони против Рим. Секоја истоштена цивилизација го чека својот варварин, а секој варварин го чека својот демон.

Запад: трулеж што мириса пријатно, замирисан леш.

Белците сè повеќе и повеќе го заслужуваат името бледолики, кое им го дале американските Индијанци.

Во Европа среќата завршува во Виена. Понатаму, проклетство над проклетствата, постојано.

Римјаните, Турците и Англичаните можеле да основаат трајни империи, затоа што, непокорни на секоја доктрина, не наметнувале ниту една на покорените народи. Тие никогаш не би успеале да спроведат толку долга хегемонија, да ги снашол некаков месијански пророк. Администраторите и паразитите на господ се без уверувања, значи без наклоност кон идеолошка тиранија, најлошата што постои, затоа што бара длабока приврзаност, строгост и попустливост. Тоа е умешност, тајна на вистинскиот господар, некогаш им недостасувала на Шпанците, како што им недостасува на освојувачите од нашето време.

Додека една нација ја чува свеста за својата надмоќност, сурова е и почитувана; штом ја изгуби, се хуманизира и повеќе не е почитувана.

Кога беснеам против епохата, за да се разведрам, доволно ми е да помислам што ќе се случи поради ретроспективната љубомора која ќе нè следи. А ние целосно припаѓаме на старата хуманост, онаа која сè уште може да жали за својот рај. Но, оние кои ќе дојдат после нас нема да имаат способност дури ни за такво жалење; ќе ја познаваат само идејата, само зборот.

Мојата визија за доаѓањето на бог e толку јасна, што кога би имал деца, веднаш би ги задавил.

Кога човек помислува на берлинските салони во времето на романтичарите, на улогата која тука ќе ја одигра една Хенриета Херц и Една Рахел Левин, на пријателството кое ја поврзувало втората со наследникот на принцот - наследник Луј Фердинанд, и кога потоа си вели дека кога тие би живееле во овој век би морале да умрат во гасна комора, не може да се воздржи, а да не ја смета вербата во прогресот за најпогрешно и најглупаво празноверие.

Хесиод прв имал обработена филозофија на историјата. Исто така, тој ја вовел идејата за самракот. Каква светлина врз опстојувањето на историјата е фрлена со тоа? Ако тој во срцето на потеклото, во полнотата на постхомеровскиот свет, оценил дека хуманоста постоела и во железното доба, што има да се каже неколку векови потоа, што има да се каже денес?

Освен во времињата замрачени од лекоумност или утопија, човекот секогаш мислел дека го достигнал прагот на најлошото. Знаејќи го тоа што е познато, со кое чудо можел без престан да ги варира своите желби и своите стравови?

Кога вториот ден од војната во 1914 година се воведе електрична енергија во моето родно село, настана општа еуфорија, а потоа нема жалост. Но, кога воведоа во црквата (имаше три), секој беше уверен дека дошол Антихристот и со него крајот на времето. Тука селаните од Карпатите гледаа точно, гледаа далеку.

Од моите предрасуди против сè што завршува добро потекнува и мојот вкус за историска лектира. Идеите се несоодветни за агонија; тие умираат, јасно, се разбира, но умираат не знаејќи, додека некој настан постои само во однос на неговиот крај. Тоа е доволна причина да се сака повеќе друштвото на историчарите отколку филозофот.

За време на своето знаменито работење во Рим, во вториот век пред Христа, Карнеад го искористил првиот ден во корист на идејата за праведност, а утредента против неа. Од тој час, филозофијата, дотогаш непостоечка во таа земја на здрави навики, ги започнува своите пустошења. Значи, што е филозофијата? Црв во овошка...

Катон Цензор, кој им асистирал на Грците во дијалектичките перформанси, бил преплашен од тоа и барал во Сенатот да им се удоволи на атинските делегати што е можно побрзо, толку го сметал за штетно, дури и погубно, нивното присуство. Римската младина не треба да ја посетуваат толку развратни духови.

На морален план, Карнеад и неговото општество биле погубни подеднакво колку и Картагенците на воен план. Народите во подем најмногу се плашат од отсуството на предрасуди и забрани, од интелектуалната бесрамност која е чар на исцрпените цивилизации.

Поради тоа што бил успешен во сите свои подвизи, Херкул бил казнет. Исто така, премногу среќна, Троја морала да пропадне. Имајќи ја предвид таа заедничка визија во трагичното, човекот, наспроти себе, е принуден да си мисли дека светот прогласен за слободен, преполн со секакви прилики, неизбежно ќе ја спознае кобта на Илиј, затоа што љубомората на боговите ќе го надживее нивното исчезнување.

„Французите повеќе не сакаат да работат, сите сакаат да пишуваат“, ми рече мојата домарка, не знаејќи дека тој ден водела расправа за цивилизациите.

Идеолошките расправи го достигнуваат својот врв само во земјите каде луѓето се тепаат поради зборовите, каде се убива поради нив... накратко, во земјите кои ги спознале религиските војни.

Народот кој ја исцрпил својата мисија е како писател кој се повторува; не како оној кој нема што да каже. Затоа што да повторуваш значи да докажуваш дека сè уште веруваш во себе и она што го тврдиш. Но, ниту еден докрајчен народ нема сила дури ни да ги прераскаже своите некогашни гесла што му ги обезбедиле надмоќта и сјајот.

Темистокле со еден декрет, прифатен од сите, го осудил на смрт преведувачот на гласниците кои Ксеркс ги испратил да побараат вода и земја од Атињаните, „затоа што се осмелил да го употреби грчкиот јазик за искажување на варварски навреди“. Еден народ не прави таков гест само на врвот на кариерата. Тој е во целосна декаденција; тој е надвор од тековите штом повеќе не верува во својот јазик, штом престанува да мисли дека токму јазикот е врвна форма на изразување, јазикот како таков.

Филозофот на последниот век сметаше, со својата наивност, дека Ла Рошфуко има право во врска со минатото, но дека ќе биде поништен во иднината. Идејата за напредокот го обесчестува интелектот.

Колку повеќе човекот напредува, толку помалку е способен да ги решава своите проблеми, и кога на врвот на заслепеноста ќе биде уверен дека дошол до крајната точка, тоа значи дека одеднаш ќе се појави нешто дотогаш нечуено.

Ме вознемирува, строго гледано, Апокалипсата, но не и некаква си револуција... Соработувањето на некаков крај или настанок, на некое последно или почетно зло, но не и на менувањето на што било на подобро или на полошо.

Уверувања има само оној кој не продлабочил ништо.

(продолжува утре)

Извор: tacno.net

Слики: Френсис Бејкон

ОкоБоли главаВицФото