Култура на слободата

09.10.2012 09:32
Култура на слободата

Исчезнувањето на националните граници и воспоставувањето на пазарно поврзан свет ќе значи смртен удар за регионалните и националните култури, како и за традициите, обичаите, митовите и начините на однесување кои го чинат културниот идентитет на секоја земја или регион. Бидејќи најголемиот дел од светот е немоќен да ѝ се спротивстави на инвазијата на културни производи од развиените земји - или, да бидеме поконкретни, од суперсилата САД, која со себе влече големи транснационални компании - наскоро на сите ќе им биде наметната северноамериканската култура, која ќе го стандардизира светот и ќе ја уништи неговата богата флора на разновидни култури. На тој начин сите народи, а не само малите и слабите, ќе го изгубат својот идентитет, својата душа и ќе се сведат на колонии во XXI век - на зомбија или карикатури извајани според културните норми на еден нов империјализам кој освен што владее со планетата и планетарниот капитал, воената сила и научното знаење, тежнее да им ги наметне на другите и својот јазик, како и своите начини на размислување, верување, уживање и сонување.

Овој кошмар или негативна утопија за светот кој, поради глобализацијата, ја губи својата лингвистичка и културна шареноликост и станува културна сопственост на Соединетите Американски Држави, не е ексклузивен домен на левичарските политичари кои носталгично се свртуваат кон Маркс, Мао или Че Гевара. Овој делириум на прогонетост - поттикнат од омразата и завидливата злоба кон северноамериканскиот џин - е забележлив и во развиените земји со висока култура, и не само во еден политички сектор, левицата, туку и во центарот и во десницата.

Во овој поглед најпознат случај (но не по добро) е Франција, во која гледаме чести државни кампањи за одбрана на францускиот „културен идентитет“ кој е наводно загрозен од глобализмот. Огромна галерија интелектуалци и политичари се наоѓа во состојба на тревога поради опасноста државата која своевремено ги произвела Монтењ, Декарт, Расин и Бодлер - а и државата која долго време била арбитар во облекувањето, ликовните уметности, храната, мислителството и сите духовни домени - да се најде под окупација на „Мекдоналдс“, „Пица-хет“, „Кентаки-пржени-пилиња“, рок и рап музиката, холивудските филмови, фармерките, патиките и маичките со кратки ракави. Последиците од овој страв се, меѓу другото, големите парични дотации на француската влада за локалната филмска индустрија, како и барањата со закон да се нареди кината да мораат да прикажуваат одредена квота домашни филмови и да не смеат да прикажуваат повеќе од одредена квота американски филмови. Тој страв е и причината поради која општинските власти во Франција објавуваат строги директиви и пропишуваат високи казни за секој кој на јавно место ќе го употреби јазикот на Молиер загаден со ѓубре од англицизми. (До душа, кога се шетате низ Париз, имате впечаток дека тие општински прописи баш и не се почитуваат доследно.) Поради истата причина Хозе Бове, фармерот-крсташ против la malbouffe (очајно лоша храна), стана ни помалку ни повеќе туку херој на народот. Неодамна е осуден на три месеци затвор, а неговата популарност поради тоа ќе порасне.

Иако верувам дека овој културен аргумент против глобализацијата е неприфатлив, би требало да констатираме дека длабоко во него сепак постои една неспорна вистина. Овој век, како и светот во кој ќе живееме, ќе биде помалку живописен и помалку натопен со општествено шаренило отколку што беше минатиот, дваесетти век. Фестивалите, носиите, обичаите, церемониите, верувањата и ритуалите кои во минатото му даваа на човечкиот род фолклорна и етнолошка разновидност, постепено исчезнуваат или се ограничуваат на малцинствата, а поголемиот дел од општествата ги напушта и прифаќа други, посоодветни за реалноста на нашето време. Сите држави на планетата Земја го доживуваат овој процес, некои побрзо, а некои побавно; но, тоа не е поради глобализацијата. Тоа е поради модернизацијата, на која глобализацијата не е причина, туку последица. Секако дека е можно со ламенти да се проследи фактот дека тој процес се случува, да се биде носталгичен што паѓаат во сенка оние некогашни, древни начини на живот, кои особено кога ние ги гледаме од денешна позиција, изгледаат преполни со забава, оригиналност и боја. Но, овој процес е неизбежен. Тоталитарните режими во земјите како што се Куба или Северна Кореја, во силен страв дека какво било отворање ќе ги уништи, креваат ѕидови околу себе и воведуваат секакви цензури и забрани против модерноста. Но, дури ни тие не се во состојба да го спречат бавното инфилтрирање на модерноста и постепеното поткопување на нивниот таканаречен културен идентитет. Теоретски можеби е можно некоја држава да го задржи тој свој идентитет, но само ако реши - како некои племиња во Африка или Амазонија - да живее во тотална изолација, да ги пресече сите врски со другите нации, ако се определи за самодоволност. Културниот идентитет сочуван во тој облик би ја вратил таа човечка заедница на праисторискиот животен стандард.

Вистина е дека поради модернизацијата исчезнуваат многу традиционални начини на живот. Но, во исто време таа отвора нови можности: таа е важен чекор напред за целото човечко општество. Поради таа причина народите, кога им се остава можност за слободен избор, се определуваат, понекогаш и наспроти она што би им се допаднало на нивните лидери или интелектуални традиционалисти, и тоа го бираат јасно и гласно, без никаква двосмисленост.

Обвинувањата против глобализацијата, а во корист на културниот идентитет, откриваат една статична концепција на културата. Таа концепција не е заснована врз историска вистина. Кои култури останале непроменети цело време, останале недопрени од времето? За да ги најдеме, мораме да трагаме меѓу малите и примитивни магиско-религиски заедници кои живеат во пештери, го обожаваат громот и одредени ѕверови, и кои поради својата примитивност, сè помалку се способни да ѝ се спротивстават на експлоатацијата или дури и истребувањето. Сите други култури, а особено оние кои имаат право да се нарекуваат модерни и живи, еволуирале до таа мера што сега се само матни одблесоци на она што биле пред само две-три генерации. Оваа еволуција лесно може да се воочи во земјите како што се Франција, Шпанија и Англија, каде промените во последните педесет години беа толку длабоки и спектакуларни, што денес еден Марсел Пруст, Федерико Гарсија Лорка или Вирџинија Вулф тешко би ги препознале општествата во кои се родени - и за чија обнова со своите дела толку придонеле.

Поимот „колективен идентитет“ е опасен. Од општествена гледна точка, тој е сомнителен и вештачки, но не повеќе од тоа; меѓутоа, кога се гледа од политичка перспектива, гледаме дека тој го загрозува најдрагоценото достигнување на човештвото: слободата. Не порекнувам дека луѓето кои говорат ист јазик, кои се родени и живеат на иста територија, кои се соочуваат со исти проблеми и практикуваат иста религија имаат и некои заеднички особини. Но, тој заеднички именител не може никогаш во целост да дефинира ниту еден од нив; тој само ги укинува или ги фрла на некое презрено второстепено ниво сите оние единствени атрибути и црти според кои еден член на групата се разликува од останатите. Концептот идентитет, освен кога се применува само на поединци и на ништо друго, е инхерентно редукционистички и дехуманизирачки, тој е една колективистичка и идеолошка апстракција извлечена од сето она што е оригинално и креативно во човековото битие, сето она што не е наметнато од наследството, географијата или општествениот притисок. Вистинскиот идентитет произлегува од способноста на човечките суштества да им се спротивстават на таквите притисоци и на нив да им ги спротивстават слободните постапки кои самите ги измислуваат.

Поимот „колективен идентитет“ е идеолошка фикција и темел на национализмот. Според мислењето на многу етнолози и антрополози, колективниот идентитет не е вистина дури ни кај најархаичните човечки заедници. Практикувањето исти постапки и обичаи може да биде од големо значење за одбрана на една општествена група, а индивидуалните разлики преовладуваат над колективните црти штом почнете да гледате еден поединец како таков, а не како „член“ кој е обичен периферен елемент на еден колективитет. Глобализацијата радикално ја шири и ја става на располагање на сите граѓани на оваа планета можноста секој да го конституира својот личен културен идентитет, со својата сопствена волна акција, во согласност со своите преференции и интимни мотивации. Граѓаните повеќе немаат обврска, како во минатото и како на уште многу места во сегашноста, да респектираат еден идентитет кој ги затвора во концентрационен логор од кој нема бегање - идентитет кој им се наметнува преку јазикот, нацијата, црквата и обичаите на местото во кое се родиле. Во таа смисла, мораме да ја дочекаме глобализацијата со добредојде, затоа што таа видливо ги проширува хоризонтите на индивидуалната слобода.

Две истории на еден континент

Можеби Латинска Америка е најдобар пример за тоа до која мера се вештачки и апсурдни сите обиди за воспоставување колективен идентитет. Каков би можел да биде културниот идентитет на Латинска Америка? Што тоа би било вклучено во еден кохерентен збир верувања, обичаи, традиции, постапки и митологии кој наводно му дава на овој регион некаков обединет персоналитет, уникатен и непренослив? Нашата историја е искована во интелектуални полемики - од кои некои беа многу жестоки - кои се обидуваа да одговорат на ова прашање. Најславна е онаа која е започната рано во дваесеттиот век и во која во арената се најдоа хиспанистите од една и застапниците на домородците од друга страана; таа имаше одеци ширум континентот.

За хиспанистите како што се Хозе Де Ла Рива Агуеро, и Франциско Гарсија Калдерон, Латинска Америка е родена тогаш кога, благодарение на Откривањето и Освојувањето, е припоена кон шпанскиот и португалскиот јазик, и кога со прифаќање на христијанството, станала дел од Западната цивилизација. Хиспанистите не ги омаловажуваа пред-хиспанските култури, но сметаа дека тие култури сочинуваат само еден слој - и тоа не примарен - на една социјална и историска реалност која својата природа и персоналитет ги направила целосни благодарение на оживувачкото влијание на Западот.

Застапниците на домородците, таканаречените индигенисти, ги отфрлија со морална индигнација тие благодати кои Европејците наводно ги донеле во Латинска Америка. Според мислењето на индигенистите, нашиот идентитет ги наоѓа своите корени и својата душа во пред-хиспанските култури и цивилизации, чиј развој и модернизација се брутално прекинати и згазени од насилството на дојденците, цензурата, репресијата и маргинализацијата, не само во текот на трите века колонијализам, туку и подоцна, после воведувањето на републиканско уредување. Според индигенските мислители, автентичен „американски израз“ т.е. „американска експресија“ (да го употребиме насловот на една книга на Хозе Лезама Лима) лежи во сите оние културни манифестации - од домородските јазици до верувањата, ритуалите, ликовните уметности и популарните начини на однесување - кои се спротивставувале на западњачката културна опресија и кои издржале сè до нашето време. Еден угледен историчар наклонет кон ова гледиште, Перуанецот по име Луис Е. Валкарел, дури рече дека сите цркви, манастири и други споменици на колонијалната архитектура треба да се запалат затоа што претставуваат „Анти-Перу“. Сè се тоа лажни работи, вели тој, негација на чистиот, изворен американски идентитет кој се заснова исклучиво на индигенските корени. А еден од најоригиналните романописци во Латинска Америка, Хозе Марија Агуедас, чии приказни се одликуваат со голема деликатност и вибрантен морален протест, раскажа еп за опстанокот на Културата Квечуа во светот на Андите, опстанок наспроти задушувачкото и изобличувачко присуство на Западот.

Хиспанизмот и индигенизмот дадоа одлични историски есеи и многу креативни книжевни дела, но, оценувани од нашата сегашна перспектива, двете доктрини изгледаат подеднакво секташки, редукционистички и лажни. Ни едната ни другата не можат да ја сместат експанзивната разновидност на Латинска Америка во своите подготвени лудачки кошули; двете имаат смрдеа на нацизам. Кој денес би се осмелил да тврди дека единствените легитимни претставници на Латинска Америка се „Хиспанци“ или „Индијанци“?

Па сепак, настојувањата да се изолира нашиот дистинктен „културен идентитет“ продолжуваат, со политичка и интелектуална жар која заслужува да биде насочена кон некои достојни цели. На обидите да му се наметне на еден народ културен идентитет еквивалент е заклучувањето на тој народ во затвор и ускратување на правото на единствената слобода на тие луѓе која е најдрагоцена од сите - а тоа е слободата да изберат што, кој и како сакаат да бидат. Латинска Америка има не еден, туку многу културни идентитети; ниеден од нив не може да си припише некоја поголема легитимност или чистота од останатите. Нормално, Латинска Америка во себе го вклучи и пред-хиспанскиот свет и неговата култура, која во Мексико, Гватемала и андските земји и денес има многу голема социјална сила. Но, Латинска Америка исто така е и огромен рој говорници на шпанскиот и португалскиот јазик, кои зад себе имаат пет века традиција и кои со своето присуство и дејствување секако одлучувачки влијаеле на изгледот и одликите на овој континент. А зарем не е Латинска Америка во еден дел сочинета и од она што е африканско, и што на нашите брегови стигнало во исто време кога и Европа? Зарем не е африканското присуство неизбришливо вткаено во нашата кожа, нашата музика, нашата идиосинкразија, нашето општество? Културните, етничките и социјалните состојки кои ја сочинуваат Латинска Америка нè поврзуваат речиси со сите региони и култури во светот. Ние имаме толку многу културни идентитети, што тоа е како да немаме ниту еден. Таа стварност е, наспроти она во што веруваат националистите, наше најголемо богатство. Исто така, таа е и одлична легитимација, кредибилитет кој ни овозможува да се чувствуваме како полноправни граѓани на нашиот глобализиран свет.

Локални гласови, глобална чујност

Стравот од американизација на планетата Земја е повеќе идеолошка параноја отколку реалност. Нема сомнеж, секако, дека со глобализацијата англискиот стана генерален јазик на нашето време, како што бил латинскиот во Средниот век. Подемот на англискиот ќе продолжи, затоа што тој денес е инструмент без кој не се може во меѓународните трансакции и комуникации. Но, дали тоа мора да биде на штета на другите големи јазици? Апсолутно не. Всушност, вистината е спротивна. Исчезнувањето на границите и сè поголемата меѓусебна зависност во светот се елементи кои ги поттикнуваат новите генерации да учат за другите култури и меѓусебно да се асимилираат со нив, не само од хоби, туку затоа што мораат, бидејќи денес способноста да се зборуваат неколку јазици и да се плови успешно низ разни култури стана клучна за професионалниот успех. Разгледајте го случајот со шпанскиот јазик. Пред половина век, оние кои зборуваа шпански беа заедница која гледа „кон внатре“; се проектиравме себеси само на неколку многу ограничени начини надвор од нашите традиционални лингвистички рамки. Денес шпанскиот јазик е динамичен, тој се развива бујно, воспоставува свои мостобрани или дури огромни нови територии на сите пет континенти. Фактот дека во Соединетите Американски Држави живеат помеѓу дваесет и пет и триесет милиони луѓе кои зборуваат шпански, објаснува зошто двајцата неодамнешни претседателски кандидати во САД, гувернерот на Тексас Џорџ Буш и потпретседателот Ал Гор, ги водеа своите кампањи не само на англиски, туку и на шпански.

Колку милиони млади луѓе ширум планетата одговорија на предизвиците на глобализацијата така што научија јапонски, германски, мандарин-кинески, кантоншки, руски или француски? За среќа, оваа тенденција во следните години ќе се засилува. Затоа најдобрата одбрана на нашите култури и јазици се состои во тоа да ги промовираме енергично насекаде по овој нов свет, а не одбранбено да се свиткаме за да „одолееме“ во наивното верување дека постои некаква вакцина против опасноста наречена англиски јазик. Оние кои се за одбранбено затворање, со своето постоење кажуваат многу за културата, но тие во повеќето случаи се незналици; тие ја прикриваат својата вистинска вокација, а тоа е национализмот. Ништо не е толку во расчекор со универзализмот на културата како таа локалистичка, исклучувачка, збркана визија која националистите, настапувајќи од своите перспективи, се обидуваат да ја наметнат на културниот живот. Најубавата лекција која можеме да ја научиме од културите е онаа која вели дека на нив самите, на културите, не им е потребно да ги штитат ниту бирократите, ниту комесарите, ниту железните решетки, ниту царинската изолација, за да останат живи и бујни; напротив, од таквите обиди за заштита културата само се овенува или дури се тривијализира. Културите мораат да живеат слободно, во постојано притискање и борење со другите култури. Тоа ги реновира и подмладува, тоа им допушта да еволуираат и да се прилагодат на непрестајниот тек на животот. Во антиката, латинскиот не ја убил културата на Грците; напротив, уметничката оригиналност и длабочината на хеленската култура проникнала и ја натопила римската цивилизација низ која, потоа, филозофијата на Платон и Аристотел и Хомеровите спевови стигнаа до целиот свет. Од глобализацијата нема да исчезне локалната култура; во општата светска отвореност, сето она од која било локална култура кое навистина вреди, што е навистина добро, ќе преживее и ќе најде нови плодни територии за процут.

Ова се случува во Европа, насекаде. Особено треба да се забележи Шпанија, во која сега се случува изразит процут на тамошните регионални култури. Тие во времето на диктаторот Франциско Франко се потиснувани и осудувани да се држат во тајност. Но, со доаѓањето на демократијата, ослободено е богатото културно шаренило на Шпанија, на кое сега му е дозволено да се равива слободно. Во таа земја е на сила режимот на автономија, под кој локалните култури извонредно процветаа, особено во Каталонија, Галиција и Баскија, но исто тка и во останатите делови на Шпанија. Нормално, не смееме да ги мешаме овие регионални културни преродби, кои се позитивни и збогатувачки, со феноменот национализам, кој е сериозна закана за културата на слободата.

Англискиот писател Т.С. Елиот во 1948 година во својот прославен есеј „Белешки за дефиниција на културата“ предвидува дека човечкиот род ќе доживее ренесанса на локалните и регионалните култури. Во тоа време се чинело дека ова пророштво е многу смело. Но, со глобализацијата тоа најверојатно ќе се оствари уште во дваесет и првиот век, а ние треба да бидеме среќни поради тоа. Преродбата на малите, локални култури ќе му ја врати на човечкиот род онаа богата многукратност на однесувањето и искажувањето која националната држава ја уништи во обид да создаде таканаречени национални идентитети кон крајот на осумнаесеттиотот и особено во деветнаесеттиот век. (Овој факт лесно се заборава или ние и самите се обидуваме да го заборавиме затоа што има многу мачни морални конотации). Националните култури во многу случаи се создадени во крв и оган, забрани да се предава во училиштата или да се објавува што било на локалните народни дијалекти или кој било да практикува религија или обичаи во каков било расчекор со она што нацијата-држава го смета за идеално. На тој начин во многу земји светата нација-држава насилно им наметнувала на локалните народи една доминантна култура, а нив ги потиснувала и елиминирала од официјалниот живот. Но, спротивно на предупредувањата на оние кои се плашат од глобализацијата, не е лесно во потполност да се избришат културите - колку и да се мали - ако зад нив стои богата традиција и народ кој ја практикува, макар и тајно. А денес, благодарение на ослабнувањето на националните држави, гледаме враќање на заборавените, маргинализирани и замолчувани локални култури кои покажуваат знаци на нов динамичен живот во големиот концерт на оваа глобализирана планета.

Извор: katalaksija.com

ОкоБоли главаВицФото