1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 23:59
Господине Хобсбаум, кој според вашето мислење може да понуди решенија за денешната ситуација? Можеби Карл Маркс?
Верувам дека најголемиот проблем со кој се соочуваме денес е тоа што капитализмот во последниот половина век ги обесмисли сите морални конвенции. Правилата кои управуваа со човечката егзистенција неограничениот капитализам потполно ги уништи. Се случи токму она што Карл Маркс го предвиде. Стварањето нови правила во овој момент не може да се постигне со морално проповедање.
Кој може и треба да го промени светот?
За некого од мојата генерација е исклучително тешко да го игнорира она што го кажа Макс Вебер. A тоа е дека променaтa на социјалната ситуација е можна само преку политиката. Сигурно е дека денес политиката е нешто друго отколку што беше во времето на Вебер кога партиите биле образовни организации за масите. Денес постојат групи кои полесно се снаоѓаат во глобализираниот свет, тука пред сè мислам на младите, студентите и останатите кои би сакале да го променат светот, но често не знаат како. Факт е дека сепак тие сакаат нешто да променат. Подоцна кога човек ќе се ожени, ќе основа семејство и ќе се вработи некаде, сè потешко и потешко е да биде носител на промените.
Како понатаму?
Проблемот е што тоа не го знаат ни капиталистите ни левичарите. Четириесетте години економски ултралиберализам беа нешто сосема единствено. Единствено и во голема мера потполно нереално. Идејата дека пазарот сам себеси се контролира и природно тежнее кон стабилност е бесмислена. Знаеме дека тоа не е точно. Но, изградбата на нешто ново е нешто што до сега за носителите на политички одлуки беше невозможно. Сè е глобализирано, освен политичкото одлучување.
Она што зачудува е дека сегашноста се анализира со помош на Маркс и Кејнз, но каде се денешните великани? Ни левицата нема многу да каже.
За Кејнз доста се зборува и може да се каже дека моментално тој е многу влијателен. Една од причините зошто е така е тоа што тој не може да се смести меѓу левичарите. Кејнз бил просветен припадник на буржоазијата и така се изјаснувал. Сакал просветен капитализам кој би бил добар и за неговата класа, но и за останатите. Теоријата на слободниот пазар е мртва, но сè уште ништо не ја заменило. Левицата е релативно и апсолутно гледано послаба од порано, освен како протестно движење. Како таква сè уште е значајна и може да стане уште повлијателна, што може да се види од примерот на арапската пролет, каде се урнати цели системи.
Маркс сакал идеално општество. Што се случи од тоа?
Од почетокот на марксизмот се поставува прашањето дали човекот сака идеално општество и дали е во состојба да го изгради. Општество во кое им е добро на луѓето, општество во кое основната политичка цел е обичниот граѓанин. Тоа може да се препознае, а тоа веројатно го имал на ум и социјалдемократскиот теоретичар Едуард Бернштајн кога рекол: „крајната цел не е ништо, движењето е сè“. Многу нешта се постигнати. Најголемиот нето ефект на руската револуција беше системското насочување на капитализмот кон држава на благосостојбата.
Освен советскиот марксизам постоеше и друг облик на учењето на Маркс, а тоа е социјалдемократијата. Но, ниту таа не нуди решенија за денешните проблеми и се чини дека и самата е во криза.
Големиот период на социјалдемократскиот марксизам, капитализам со човечки лик, беа педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, во текот на кои буржоаските влади знаеја дека не сакаат да се вратат на претходните форми на капитализмот. Целокупната политика на луѓето како Кејнз се засноваше на максимата - никогаш повеќе масовна невработеност. Од таа причина повеќе не можеа да се потпираат на неконтролираниот пазар, туку сите, вклучително и Американците, се обидоа со различни политики на државата на благосостојба и соработка со работничките организации да го стабилизираат системот, што дваесетина-триесет години им поаѓаше од рака, сè додека во осумдесеттите повеќе не беше можно компаниите да остваруваат голем профит со истовремен задоволувачки пораст на заработка за работниците. Во овој миг започна и кризата на социјалдемократијата, која подоцна се влоши поради ослабнувањето на работничката класа.
Европа важеше за позитивен пример за политиката на социјалните држави. Дали политичарите сега ќе го прокоцкаат она што го градеа нивните претходници?
Да, постои таква опасност. Не е јасно што навистина тогашните политичари сакаа да направат од Европа. Прво кон што тежнееја беше подоброто разбирање помеѓу Франција и Германија, затоа што често недоразбирањата помеѓу овие две земји доведуваа до војна. Второто нешто беше економска унија и тоа на релативно напредните економии. И на крајот можеме да кажеме дека ЕУ на почетокот беше и некаков вид американски сојуз, а подоцна сојуз кој се ориентираше на долгорочна соработка со Америка. Подоцна, во текот на седумдесеттите и осумдесеттите, имаше обиди за проширување на Европската Унија во земјите кои ниту економски ниту политички не се вклопуваа во првобитниот модел. Веќе Ирска и Грција, кои се примени во седумдесеттите, покажуваа значајни слабости. Беше економски неразумно и политички опасно да се шири ЕУ на исток после распадот на источниот блок.
Еврото е воведено за Европа уште повеќе да се обедини. Дали овој проект пропадна?
Англичаните не го усвоија еврото, како и голем број членки на ЕУ. Дали еврото ќе опстане, не знам. Веројатно ќе опстане, затоа што за многу земји враќањето на националната валута нема никаква смисла. Проблемот е во тоа што брзите одлуки во Европа не се можни, сè додека ги донесуваат националните влади, но обединета Европа со една влада во блиска иднина изгледа малку веројатна.
17.11.2011, Frankfurter Rundschau
Извор: Pescanik