Жана Мамен

10.10.2012 09:20
Жан Мамен

„Отсекогаш сакав да бидам само пар очи, невидлива да шетам низ светот и само јас да можам да ги видам другите. За жал, ме видоа...“, изјави во една прилика Жана Мамен. Како и нејзините современици во вајмарска Германија, сликарите Ото Дикс и Георг Грос, Мамен била посматрач и критичар на светот околу неа, чии дела често го опишувале уличниот живот и невидливата страна на буржоаското општество од триесеттите години на минатиот век.

Родена во Берлин во 1890 година, пораснала и се образовала во Париз, што недвојбено влијаело на нејзиниот уметнички израз. Во почетокот на Првата светска војна, Мамен заминува од Франција каде што поради војната, општеството било особено нетрпеливо кон странци. По враќањето во Берлин осиромашила и работела секакви работи за да преживее. Меѓутоа, притоа запознавала луѓе од различни класи што подоцна ќе ги портретира.

Нејзината кариера оди по нагорна линија во почетокот на дваесеттите години, кога ќе почне да дизајнира постери за филмови и насловни страници на списанија, а во 1930 година веќе имала самостојна изложба на своите дела. Токму на врвот на кариерата ги илустрира Песните на Билитис на Пјер Луис, варијациите на тема лезбејска љубов.

Но, по доаѓањето на националистите на власт, нејзините дела веќе не биле прифатливи. По соработувањето со изложбата на здружението на сликарки во Берлин, се појавиле првите критички текстови во нацистичките гласила, кои ги прогласуваат нејзините мотиви и ликови како „еврејски“. Наместо да се прилагоди на цензорските правила на некогашните соработници во медиумите, таа одбила да продолжи со изработување плакати и насловни страници и преживувала со работење на улица. Се свртела кон кубизмот како стил.

За жал, поради бомба што ја уништила зградата во која живеела, најголем дел од нејзините дела не се сочувани. По Втората светска војна повторно работела во јавноста, дизајнирала театарски поставки и плакати. Со текот на времето, Мамен развила навика да не ги потпишува и датира делата. Верувала дека тоа се неважни информации за уметноста што треба да биде проучувана со поинаков сензибилитет.

Извор: queer.hr
 

ОкоБоли главаВицФото