Десетте најоткачени првоаприлски шеги

11.09.2009 12:38
rca55tv.jpg

10. Инстант телевизор во боја

1962: Во 62-та во Шведска постоел само еден ТВ канал кој емитувал во црно-бела техника. Техничкиот стручњак на ТВ станицата, Кјел Стенсон, се појавил на вестите за да објави дека, благодарение на новата технологија, гледачите ќе можат да ги префрлат нивните телевизори во опцијата да гледаат во боја. Сè што треба да направат е да навлечат хулахопка врз екранот. Стенсон им го покажал процесот на телевизија. Илјадници луѓе наседнале на шегата. Инаку, ТВ во боја се појавиле во Шведска во 1970 г., токму на први април.

9. Никсон за претседател

1992: Националното Public Radio, во емисијата Talk of the Nation објавило дека Ричард Никсон, како најголемо изненадување, повторно се кандидира за претседател. Слоганот на неговата нова кампања бил „Не направив ништо лошо, и нема да го направам повторно“. Објавата била придружена од аудио исечоци од Никсон кој го кажувал својот говор за кандидатурата. Слушателите веднаш реагирале на оваа вест, засипувајќи го радиото со телефонски повици и изразувајќи ги својата шокираност и бес. Дури во вториот дел на емисијата на гледачите им било кажано дека се работи за шега.

8. Алабама ја менува вредноста на Пи

1998: Априлското издание на списанието New Mexicans for Science and Reason содржело статија во која се велело дека властите од Алабама изгласале предлог за менување на вредноста на математичката константа Пи од 3.14159 на „Библиската вредност“ 3.0. Набрзо списанието се појавило и на интернет и веста брзо се проширила низ светот, особено преку е-пошта. Станало јасно колку се проширила откако властите на Алабама почнале навистина да добиваат стотици повици од луѓе кои протестирале против одлуката. Оригиналната статија, која била пародија на обидот на власта да го ограничи учењето за еволуцијата, била напишана од физичарот Марк Бослоу.

7. Сендвич за леваци

1998: Burger King објавиле реклама на целата страница во USA Today во која се зборувало за воведувањето на нов производ во нивното мени: „Сендвич за леваци“, специјално дизајниран за 32 милиони левораки Американци. Според рекламата, новиот сендвич ги вклучувал сите состојки што се содржеле во оригиналните сендвичи, само што тие биле свртени за 180 степени налево за подобро конзумирање од страна на левораките потрошувачи. Иако уште истиот ден Burger King издале соопштение дека станува збор за шега, илјадници посетители во нините ресторани за брза храна го нарачувале „сендвичот за леваци“. Истовремено, според пишувањето на тамошниот печат, многумина други нарачувале од „верзијата за деснаци“.

6. Метричко време

1975: Австралиската програма за вести This Day Tonight објавила дека набрзо земјата ќе се префрли на „метричко време“. Според новиот систем, ќе има 100 секунди во минутата, 100 минути во часот, и 20 часа во денот. Понатаму, секундите ќе се преименуваат во милиденови, минутите во центиденови, а часовите во дециденови. Веста вклучувала и интервју со заменик премиерот Дес Коркоран кој го фалел новиот систем за мерење на времето. Тие дури и покажале како ќе изгледа часовникот кој ќе го мери таквото време. ТВ станицата добила безброј повици од гледачите кои наседнале на штосот. Еден исфрустриран гледач дури сакал да праша дали може да префрли својот новокупен дигитален часовник на метричко време.

5. 26-дневниот маратон

1981: Весникот Daily Mail објавил приказна за некој несреќен Јапонец, Кимо Накајими, тркач на долги патеки, кој се пријавил да учествува на Лондонскиот маратон, но поради грешка во преводот, мислел дека наместо 26 милји треба да трча 26 дена. Наводно, Накајими сега се наоѓал некаде низ патиштата во Англија, сè уште трчајќи, решен да ја заврши трката. Наводно, многумина го забележале но не успеало да го застанат. Грешката во преводот му ја припишале на Тимоти Брајант, кој изјавил: „Му ги преведов правилата и го пуштив да трча. Но јас само две години го учам јапонскиот јазик, и веројатно некаде сум згрешил. Изгледа дека тој го сфаќа маратонов како оние трки на долги патеки што ги имаат таму“.

4. Пијаници не смеат да сурфаат на интернет

1994: Статијата во списанието PC Computing пишувала дека во Конгресот се расправало дека користењето интернет во пијана состојба ќе биде прогласена за незаконска. Документот наводно бил означен со бројот 040194 (т.е. 04/01/94 год.), а како личност за контакт била наведена некоја си Lirpa Sloof (April Fools - или априлилили наопаку). Во статијата се велело дека ФБИ ќе ги прислушкува телефонските линии за да утврдува дали „некој користел или злоупотребувал алкохол“ додека бил закачен на интернет. Исто така, во неа пишувало дека „без разлика што се работи за електронски автопатишта, Конгресот бил решен да го забрани нивното пијано користење“. Статијата предизвикала гнев кај многу корисници на интернет кои го опседнале Конгресот со повици, а неодамна починатиот американски сенатор Едвард Кенеди морал да објави и официјален демант на гласините дека таму се расправало за нешто слично.

3. Биг Бен станува дигитален

На радиото Би Би Си објавиле дека Биг Бен, со цел да биде во чекор со времето, ќе биде претворен во дигитален часовник. Објавата предизвикала огромни реакции кај слушателите кои биле шокирани од веста. Исто така Би Би Си објавиле дека стариот часовник ќе му биде продаден на првиот што ќе се јави. Некој јапонски морнар од Атлантикот веднаш се јавил.

2. Холанската болест на џуџињата ги напаѓа црвенокосите

1973: BBC Radio емитувале интервју со постар академик, доктор Клотиер, кој ги објаснувал владините напори за спречување на Холанската болест на џуџињата. Клотиер опишал дека некои почетни откритија довеле до заклучокот дека таа настанала од три други болести. На пример, тој се повикал на истражувањето на Емили Ланг од London School of Pathological and Environmental Medicine. Ланг открила дека Холанската болест на џуџињата не ги напаѓа луѓето кои прележале настинка. За жал, имало спореден ефект. Изложеноста на болеста предизвикувала црвената коса да се претвори во жолта, и можно било и нејзино опаѓање. Па така, црвеносите биле советувани да се држат подалеку од шумите во блиска иднина.

1. Пази, бомба!

1915: Една од најоткачените првоаприлски шеги се случила во 1915 г., во средината од Првата Светска војна, кога некој француски пилот прелетал преку германски воен камп и исфрлил нешто што личело на голема бомба. Германските војници веднаш се рабегале во сите правци, но немало експлозија. По некое време, војниците се вратиле и внимателно и’ се приближиле на „бомбата“. Откриле дека, всушност, станува збор за фудбалска топка на која бил закачен лист хартија на кој пишувало „Априлилили!“.