Окно анкета за СК014 (7)

10.10.2012 13:35
Окно анкета за СК014 (7)

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект? (На неколку луѓе, заради актуелноста, наместо првото прашање им го поставивме прашањето: „Што мислите за споменикот „Паднатите херои“?)
2. Што друго би издвоиле од „Скопје 2014“, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект?

Златко Теодосиевски, историчар на уметност

1
Кога ќе го слушнете „уметникот“ Аџиевски како го објаснува значењето на „делото“, односно дека „значењето е универзално, светско, сите елементи што се на споменикот се од универзална природа“ – се’ ви е јасно. Кога тој самиот не знае што направил, како ќе знаеме ние? Во секој случај, македонската историја на уметноста ќе го забележи како најголем (по димензии) плагијат на овие простори. Жалам што во минатото сум потрошил прилично време за овој „уметник“.

2
Желбата нешто да се направи, да се гради, да се остави белег ,,, можам да ја разберам и да ја оправдам. Но секоја желба мора да биде придружена со соодветни интелектуални потенцијали, со знаење, способност. Инаку...! Поточно, инспиративни двигатели на тој процес не можат да бидат ретроградни типови, самобендисани филозофи од балканската крчма, луѓе без биографија и самонаречени стручњаци од типот на нашиве квази-уметници и самопромовирани интелектуалци. Тоа секогаш завршува лошо, да не речам катастрофално!

3
Моето мислење полека го склопувам во книга којашто го следи „проектот“ и, се надевам, во догледно време ќе се појави пред публиката. И цело време ме буни едно нешто: како може луѓе – уметници, архитекти, интелектуалци – кои до вчера одеа по трагите на модернитетот (или постмодернитетот), прогресот, либералната мисла, ни продаваа широкоумие ... денес да ги видиме во овие нови старовремски партали, луѓе со стеснет ум кои живеат во 21-иот век а мислат (ако воопшто мислат!) како во 17-иот, чудни персони кои божем одат напред а гледаат назад!? А забораваат дека во таков случај на првиот свиок ги чека – бандера!
И не можам да си објаснам кога ли не’ лажеа, порано или сега?!? И кога ли овие остапбендеровци алиас станковци, аџиевци, жанети, хаџипуљевци, величковци ... повторно ќе се превртат, ќе се преоблечат...!?


Никица Корубин, археолог и историчар на уметност

Цивилизираното општество ги почитува јавниот простор и урбанизмот како јавно добро и приоритет во своето уредување. Негирањето на истото во основа е негирање на суштината, цивилизиран и организиран систем. Узурпацијата на јавниот простор е узурпација на системот. Не може начинот на уредување на централен јавен простор да се подведе под името „проект“. Тоа означува суштинско непознавање на континуираното уредување на јавниот простор и фрапантна недемократичност. Тоа во својата основа го проблематизира целото општество, а не културата или уметноста како таква. Но, изведбата на овој проект го проблематизира и нашиот однос кон јавниот простор. Очигледно никој или малкумина, централниот и во суштина привилегиран урбан дел на градот го сметаат за „свој“ простор кој е неподложен на брутална узурпација. Тоа за мене е суштината на проблемот. Односот на државата кон јавниот простор и односот на граѓаните кон истиот и, за жал, површноста во пристапот и суштинската индолентност се заеднички. Се разбира, манипулацијата е во рацете на моќта, но ставот и отпорот е секогаш поединечен избор, и тука нема поделба на одговорноста, како што нема и оправдание за „незаинтересираноста“ или лаконската и недоветна забелешка за „оние кои барем градат“. Квантитетот е замена за квалитет само за неуките. „Било што“ не е „нешто“ по својата суштина, туку присвојување на заеднички простор и негово обликување по сопствен (не)вкус. А наједноставната дефиниција за тоа е узурпација.
Т.н. уметничка димензија на проектот е всушност нетрпеливост кон вистинската уметност, која треба да ни ја покаже во суштина моќта да се гради било што по избор на оној што гради. Тоа е деградација на уметноста, бидејки вистинскиот уметник ги одредува стилот и формата, а не нарачателот. Тоа барем е случај во модерната архитектура, која е, се разбира, непостоечка, а и несфатена категорија во овој „проект“. Ми се чини дури несоодветно да се зборува за „духот на времето“ кога имаме суштинско не-разбирање на проблемот со овој проект, иако тоа се чини како прва асоцијација на истиот. Импровизацијата со историски стилови, нецелосно, несмасно, површно и несоодветно употребени говорат за незнаење, за ароганција која секогаш оди со истото, и за крајна поединечна и колективна фрустрација. Тежнеењето по наводна монументалност каде апсолутно не постојат никакви услови за тоа, е сериозен проблем на недоволна едукација или вистинско разбирање на континуитет и почит кон сопственото, но и севкупното културно наследство. А, тука и нема простор за импровизација која се наметнува како водечки елемент во целиот проект. Оттука и произлегуваат чудните и аморфни мешавини на квази стилови, лошо изработени и вклопени елементи, неконзистентни целини и крајно несоодветна симболика, за жал невидливи за обичниот набљудувач, но недозволиви и проблематични за оној кој го осмислува и изведува.
И на крајот доаѓа историјата и манипулацијата со истата. Суштинското непознавање на историјата кај нас доведува до крајностите во „прифаќањето“ или анимозитетот кон овој проект, во однос на „историските“ ликови. Ниту една „скулптура“ објект или „споменик“ на може да биде супститут за образованието, знаењето и вистинското познавање на историјата.
Употребата на историски ликови во функција на промоција и нивно несоодветно и невкусно изложување, всушност означува нивно крајно непочитување. Историјата не е лоша изведба на невкусни „споменици“ во погрешен материјал, несоодветно вклопени во амбиентот, историјата е нашиот однос кон минатото, анализа на различни мислења, тези кои постојат за секогаш одново да се предизвикаат, отворена и жива дебата за континуитетот на времето, начин да се сфати цивилизацијата на што е можно порелаксиран начин. Било кој историски лик не е проблематичен сам по себе, туку манипулацијата и злоупотребата на истиот е проблематична. Затоа, слободата е суштинскиот недостаток на овој „проект“. Ограничениот ум создава ограничување (проект). Слободниот ум живее во своето време со вистинска почит кон минатото. Но, за сето ова треба првенствено да постои потреба за слобода, потреба за демократија и потреба за уметност. Ако постои таа суштинска потреба ќе постои и почит за истите. А почитта се гради со знаење кое создава, а не ограничува. Ако немаме ништо од ова, тогаш не изненадува што во нашиот изолиран свет не постои суштински однос кон овој проект. Треба примарно нешто да чувствувате за свое, за да може да се борите за истото. Во спротивно колку и да се исполни нашиот заеднички урбан јавен простор, суштински тој е симбол на нашиот празен и сиромашен дух.

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото