Иронијата на крајот на светот

10.10.2012 15:19
Иронијата на крајот на светот

ЈОАКИМ-ИНТЕРФЕСТ-12. – „ЧЕКАЈЌИ ГО ГОДО“од Семјуел Бекет – режија Владимир Милчин – продукција ТУРСКИ ТЕАТАР, Скопје, Македонија – Кнежевски српски театар, Крагуевац – понеделник, 8 октомври 2012

Ако е нешто сигурно кај Бекет – тоа е дека секој негов текст е секогаш повеќезначен, или уште подобро – многузначен. Тоа е како да читате повеќе книги истовремено, или да гледате неколку филмови, театарски претстави, да читате неколку весници и книги и згора на тоа сами си го пишувате романот на животот! А сѐ изгледа – ако прочитате само една страница на некој негов текст, случајно одбран – сосема едноставно и дури можеби премногу секојдневно, да не речам банално. Па, едниот лик му вели на другиот лик на сцената – додај ми го чевелот, или дај ми го оној морков, па денес како и вчера, некои ме претепаа, зар повторно истите? – прашува вториот лик – не знам, одговара првиот – дај ми го оној морков што ти остана од вчера во џебот... и така натаму, се редат реплики од секојдневните настани со изобилство лесна иронија, но ако ви се случи да прочитате ЦЕЛО некое драмско или прозно дело на овој волшебник и гигант на литературата – ќе го добиете токму оној впечаток што го опишав на почетокот.

Кога на почетокот на педесеттите години на минатиот век се појави пиесата „Чекајќи го Годо“, интелектуалната и уметничката Европа беше стаписана. Оваа пиеса требаше да се игра и во Белградско драмско позориште – но иако веќе подготвена, претставата отпадна од официјалниот репертоар, бидејќи, верувам, како и да е, дека белградската театарска публика во тој момент не беше подготвена да ја види. Малку подоцна, одиграна е за мал број избрани гледачи во ателјето на Миќа Поповиќ на старото сајмиште, па дури подоцна, во театарчето во зградата на „Борба“ – тукушто отвореното „Ателје 212“. Сите тие недоумици околу оваа пиеса и нејзиниот писател се случуваат во тоа време и во Европа и во Југославија од повеќе причини, а најважната - би рекол – е недоразбирањето меѓу/несогласувањето на новиот оптимизам и Бекетовиот суров и ироничен тотален песимизам. Во време кога во Белград сѐ уште постоеше социјалистички елан – барем на официјално ниво и каде што беше страшно да се биде тажен и сомничав – да се присетиме/сетете се на Бранко Миљковиќ и на неговиот поетски песимизам и животен пат – во она време кога во Европа се залауфаа/забрефтааобновените држави и новите финансиски сили –Бекет пишува за некаков вид посткатаклизмичен свет, во кој живеат два саркастични кловна на едно ритче покрај исушено дрвце, а покрај нив талкајќи по светот, поминуваат некои две креатури, лика и прилика на неизживеаното робовладетелство... И сите чекаат некаков ГОДО... Кој, каков... и што е Годо воопшто, се прашуваше љубопитната интелектуална елита?... Имаше разни одговори, но ниеден не беше сосема задоволителен – во секој одговор имаше премногу неодговорено – а Бекет на прашањето – КОЈ Е ГОДО? одговараше со загадочното и за него веќе својствено – НЕ ЗНАМ!

Како што се утврди во текот на овие шеесет години откако пиесата првпат беше одиграна во Париз – најдобро е да НЕ СЕ ОДГОВАРА на тоа прашање, туку да се фатиме за работа и да се соочиме со сложениот театарско-интелектуален апарат на овој мајстор на модерното уметничко творење. Владимир Милчин, искусен режисер, ја разбрал таа порака на писателот и сосема зрело решил, како што го направи тоа еднаш Бекет пишувајќи го овој ненадминат драмски текст - да ја раскаже својата и наша СОВРЕМЕНА приказна за катастрофата во која живееме! Милчин со младиот и високо образован ансамбл на Турскиот театар – па, сѐ се тоа негови поранешни студенти по глума, секако – успеал да склопи еден навистина примерно повеќезначен и многузначен МОЗАИК – на идеи, слики, асоцијации, загатки... и сето тоа раскажано со одлично разбраниот јазик на Семјуел Бекет – низ игра на иронијата и трагичното преиспитување на секојдневните маки, но и на крајните гранични поими на филозофијата – на смртта, траењето, причините за постоењето на човекот, природата и светот... Приказната што ја раскажа Милчин, ја сфативме веднаш и до крај – зашто тоа е приказна од нашите улици, од нашите размислувања, за нашата беда и за нашето насилство, кои секојдневно ги трпиме.

За да биде јазикот на претставата поударен и уште понеобичен отколку кај самиот Бекет – улогите на двата кловна-питачи – легендарните ликови на симпатичните и сурови скитници – Владимир и Естрагон, Милчин ги дал на две одлични актерки – Зиба Бекир-Радончиќ и Несрин Таир. Тие две ги играа тие два изгубени бивши човека/тие двајца изгубени бивши луѓе на дното на цивилизацијата како две необични жени во повоени самотии – оставени, како во некоја негативна утопија, како во некоја футуристричка грозна бајка, да се снаоѓаат на остатоците на угасената цивилизација и култура, по некое тотално уништување. Тие се задеваат меѓусебно и се надмудруваат во секојдневните работи – околу парченце одвај собрана и сочувана храна, но и околу филозофски теми за крајот и почетокот на светот. Постојано се во однос на ситна меѓусебна завист, но и на некоја таинствена топлина и привлечност... па сепак, како заеднички да се подготвуваат за некој тежок и крвав потфат – како да се закануваат дека ќе се обвијат околу половината соподготвенишипки динамит и ќе кренат во воздух сѐ околу себе и себеси... Такви беа тоа фигури – смешни и смешливи, но и убиствени и топли, истовремено. Стилот со кој играа овие две актерки беше толку точен за Бекет и за Годо што сето тоа изгледаше како/личеше на повеќеслоeн мајсторски ракопис– магистратура за модерна глума. Браво!

Двата загадочни лика – на робовладетелот Поцо и робот на кучешки синџир Лаки, ги играа многу јасно и успешно Џенап Самет и Селпин Керим, обајцата многу млади, но мошне подготвени актери, со посебен сензибилитет за поетскиназнаки и горчлива иронија, истовремено. Изненадувачка е појавата на робот Лаки во костим како од сликите на раниот Пикасо – млад тажен кловн. Играјќи во овој костим на авторката Марија Пупучевска и во соодветен стил – ликот на Лаки станува слика на жалост поради пропаста на уметноста како целина... Неговата игра станува став на уметничкиот тим на оваа претстава, за распаѓањето на тој свет на кој и самите му припаѓаат – распаѓањето на светот на уметноста пред светот на насилството и ароганцијатана капиталот. Зашто – Поцо е лика и прилика на современите сопственици/газди на бесни џипови и богати куќишта на разните Дедиња на сите градови на транзициските земји... Но Поцо е и моќниот капиталист на Западот, кој ја малтретира кутрата и немоќна јужна и источна хемисфера со своето моќно оружје – задолжувањето и експлоатацијата. Тој лик – терористот Поцо – дури и кога во вториот дел сосема ќе ослепи – не губи ништо од суровоста, туку води сѐ околу себе во смрт. Ликот на Момчето – гласник ненаметливо и интелигентно го одигра младиот Аксел Мехмет.

Сценографијата на Крсте Џидров нѐ одведе на саркастична свечена гробница и во некој музеј на туѓи победи – сцените се играат врз црн саркофаг со три златни медалјони кои треба да сведочат за моќта на тука погребаниот големец. Иронијата ја зголемува еден смешен и претенциозен синџир, како во некој премногу важен музеј – а сето тоа е сместено под некој дупнат небесен свод, низ кој ѕиркаат три-четири гранки од дрво – или е тоа слика на неговиот корен?... бидејќи можеби сите ликови се во некој таен подземен свет – во Пеколот или Адот – којзнае? Во секој случај, ликовноста на претставата е значаен фактор на комуникацијата и на значенската сложеност на овој сценски настан.

Гледавме навистина вреден уметнички резултат на сериозната и студиозна работа на режисерот Владимир Милчин и на целиот ансамбл и соработниците на Турскиот театар од Скопје. Фестивалот ЈОАКИМ-ИНТЕРФЕСТ тукушто се загрева – ова е само втора претстава – па верувам дека ќе има уште вистински театарски возбудувања – а за Бекетовиот ГОДО – СЕКОЈА ЧЕСТ – Браво!

Горан Цветковиќ, Радио Београд, вторник, 9 октомври 2012.