1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Етимолошки, за „дете“ се смета секое човечко суштество додека не проговори. Во поширока смисла, детството е период од животот што му претходи на влезот во периодот на одговорноста на возрасните. За историчарот Филип Ариес, „чувството“ на детство се афирмирало во 18. век со новото задоволство на возрасните да го милуваат детето, на пример, да воспостават телесен контакт со него: „да се галат“. Но, за овој историчар, чувството на детство е и растечката моќ на педагогијата што се конкретизирала во сè поголемиот број колежи пред крајот на стариот режим (до 1789 година). Веќе тука „чувството“ добива злосреќен облик. Еден од главните заклучоци на Филип Ариес е дека со откритието на детството оди и воспоставувањето голема дистанца меѓу светот на возрасните луѓе и оној на децата, како на симболички, така и на физички план, а грижата и оддалечувањето постојано се во парадоксален заемен однос.
Иако Историјата на приватниот живот (Ариес, Дуби, 1985) или Историјата на семејството (Бружиер, 1985), Историјата на детството во западните земји (Беки, Жилие, 1998) носат трага од овој пристап, одредени современи историчари сметаат дека Ариес треба да се побие. Историчарките Даниела Александер-Бидон и Моник Клосон се бореа против идеите неприфатливи од нивната позиција, за отсуството на љубовта кон детето во книгата Детето во сенка на катедралата (Александер-Бидон, Клосон, 1985). Анализирајќи ги илуминациите во текстовите од 15. век, тие покажуваат дека постоела „средновековна грижа за децата“. Меѓу останатите документи, претставите за животот на Исус Христос откриваат колку, пред крајот на средниот век, мажот и жената се грижеле за здравјето на новороденчињата, колку средниот век е епоха на напредокот во хигиената и негата.
Според Игл Беки, промената на статусот и претставите за детето се совпаѓа со создавањето на детската психологија, инаку во исто време кога е октриено и несвесното и кога е создаден поимот „инфантилно“ кај Фројд. Најпознатиот извор на новата детска психологија во 19. век е монографијата што Чарлс Дарвин му ја посветил на набљудувањето на својот син, „Биографска скица на едно мало дете“, каде што теоретичарот на еволуцијата го опишува она што денес би го нарекле психомоторен развој на детето. Што се однесува до фројдовската психоанализа, таа допринесува кон истакнувањето на важноста на детството и развојот на неговото либидо во создавањето на психичкиот живот: детето е „полиморфен перверзник“; детските нагони постојано го одредуваат несвесното кај возрасните, а „инфантилното“ повторно се јавува во етиологијата на неврозите.
Шведската феминистка Елен Кеј, во 1900 година предвидувала дека 20. век ќе биде „век на детето“; можеме да се запрашаме дали 20. век, на крајот, не се врати кон непознавање на детето. Сè поголемот број случаи на педофилија и злоставување, а со тоа и постоечките тешкотии во дефинирањето на овие кривични дела, делуваат како знак на регресија на свеста на возрасните во однос на специфичните потреби на детето.
Цртежи: Aisha Franz
Извор: Le dictionaire du corps, 2008