Каде сте, Македончиња?!

11.10.2012 13:18
Каде сте Македончиња?!

Во некоја мината држава и некои минати времиња некој минат лидер на некоја мината манифестација велеше – „Со ваква младина не треба да се грижиме за иднината!“ Веднаш ми се наметнува прашањето: доколку во денешната држава, денешниот лидер на некоја денешна манифестација каже – „Со ваква младина не треба да се грижиме за иднината!“ – на која младина и на чија иднина ќе мисли? Па најверојатно... ќе мисли на младината која се образова во нашата држава – но не и во државните училишта.

Ќе мисли на младината која се натпреварува под државното знаме – но не и со подршка на државата.
Ќе мисли на иднината на САД, Канада, ЕУ ...
Во изминатите две години македонскиот народ е горд на македонските кошаркари и македонските ракометари. „Гоцевата“ раса се гордее на освоените четврто и петто место на европските првенства и сите, ама баш сите во државава знаат кои се: Антиќ, Илиевски, МекКејлеб, Лазаров, Ристовски, Мојсоски; истите овие луѓе би сакал да ги прашам дали знаат кои се Предраг Груевски, Стефан Стојчевски, Христијан Богоевски и Филип Станковски. Дали некогаш слушнале за овие имиња? И уште повеќе – каде се тие сега?

Со огромна чест и задоволство би сакал да Ви ги претставам најуспешните македонски натпреварувачи на меѓународни научни олимпијади во изминативе години:
Предраг Груевски – MIT Massachusetts Institute of Technologies USA; 2 бронзи на ИМО (2009, 2011) и 2 бронзи на ИОИ (2010, 2011)
Стефан Стојчевски – University of Waterloo Canada; 2 бронзи на ИМО (2009, 2012)
Христијан Богоевски – University of Waterloo Canada; 2 бронзи на ИОИ (2011, 2012)
Филип Станковски – Jacobs University Bremen; 1 бронза на ИМО (2012)

Навистина не треба да се грижиме за иднината на САД, Канада, ЕУ. Нивната иднина е во сигурни раце. Познавајќи ги Пеце, Стефан, Кико и Филип, како и десетиците нивни врсници кои ја напуштија државава, иднината на западниот свет е повеќе од сигурна – но што е со нашата иднина? Кој ќе ја гради нашата иднина?

Одамна ја немам сретнато фамозната „Образованието е сила, Образованието е моќ“ на ТВ екраните, најверојатно затоа што сè помалку гледам телевизија, но можеби и владата реши дека моќта и силата се на некое друго место. Отсекогаш оваа кампања ми беше малку, во недостиг на посоодветен збор, чудна. Кога започна, си мислев дека конечно дошла владејачка гарнитура која ќе обрне сериозно внимание на образовниот процес, потоа сметав дека со подигање на свеста на чинителите во образовниот процес следниот чекор ќе биде подобрување на образованието, на крајот сметав дека владата ќе направи сериозни промени со што образованието ќе се подигне на повисоко ниво. Денес заклучувам дека сум бил наивен оптимист дека владата ќе направи нешто повеќе од рекламирање, дека можеби нешто навистина ќе се смени на подобро.

За жал, како што одминува времето, бројот на ученици од државните училишта на листите на изборните натпревари драстично се намали. Во изминативе две години дваесет ученици учествувале на меѓународни натпревари за ученици до 19 години од кои дури пет се од државните училишта. Со оглед на напредокот и начинот на фунционирање на приватните училишта, очекувано е оваа бројка да се намали, па прашање на време е кога ќе се повтори случајот од 2011 година кога сите ученици на ИМО доаѓаа од приватните средни училишта. Дали и тогаш владата ќе смета дека „проектот“ компјутер за секое дете придонесува за подобрување на квалитетот на образованието?

Во овој момент, некаде во државава, во некое државно основно училиште седи дете на не повеќе од 10 години. Неговото мозоче може со огромна леснотија да изнајде решенија на многу проблеми на кои ниту оние пет години постари од него не можат. На неговите родители би сакал да им препорачам – платете си приватен ментор кој ќе го подготви да добие стипендија во некое приватно средно училиште, таму ќе има кој да се грижи за вашето дете, за неговата иднина и за иднината на западниот свет – а за Македонија, не берете многу гајле и така веќе го обравме бостанот.

ОкоБоли главаВицФото