Феликс Баумгартнер успешно скокна од работ на вселената!

14.10.2012 21:53
Феликс Баумгартнер успешно скокна од работ на вселената!

 

Во 20:07 часот, Феликс Баумгартнер скокна кон Земјата од височина од 39 068 метри. После само четиринаесет секунди го проби звучниот ѕид, а по петминутниот лет безбедно се спушти на Земјата.

Набрзо по пробивањето на звучниот ѕид, при брзина од 1.000 километри на час, Феликс започнал неконтролирано да се врти, но после неколку мигови успеал да го стабилизира летот и ѝ довикнал на командата дека е добро. Уследиле аплауз и одушевување и слободниот пад кон земјата е продолжен.

Иако постоела можност за далечинско отворање на падобранот, немало потреба од тоа, затоа што после четири минути и дваесет секунди летање, Феликс го отворил рачно и мирно се спуштил на Земјата, каде го пречекале лекарите. Според лекарите, немало потреба од интервенција, затоа што тој се чувствувал одлично.

Феликс Баумгартнер влегува во историјата како единствен човек кој со слободен пад го пробил звучниот ѕид и ги урнал сите досегашни рекорди на своите претходници кои на сличен начин се обидуваа да го направат тоа на почетокот на шеесеттите години.

Главната цел на проектот Red Bull Stratos, во чии рамки беше изведен скокот, е да се соберат важни податоци кои би им помогнале на научниците да ја подобрат безбедноста на вселенските патувања и да овозможат евакуација од вселенските летала на големи височини.

Хронолошки преглед на летот

Околу 16:55 започнува дувањето на балонот, најголемиот на светот кој е користен за таа намена. Околу 17:30 Баумгартнер изгледа мирно во капсулата, кога му дава податоци на водачот на проектот, Џо Китинџер, чиј рекорд го собори.

Историскиот момент се случува во 17:31, кога балонот полетува, а само две минути подоцна достигнува височина од 2500 метри. По осум минути летање, достигнува осум километри височина. Во 18:01 капсулата се наоѓа на 11 200 метри, за пет минути подоцна Баумгартнер да премине во „зоната на смртта“ од тринаесет километри.

Во 18:36 капсулата ја преминува и „линијата на Армстронг“ која се наоѓа на 19 200 метри надморска височина. На оваа граница гасовите не можат да опстанат во растворите на човековото тело, и доколу дојде до дефект на системот за притисок во кабината и скафандерот, би испарил кислородот и јаглеродниот диоксод од крвта со фатални последици за пилотот, капсулата и мисијата.

Во 19:23 Баумгартнер ја преминува точката од 31 333 метри надморска височина од која Џо Китинџер скокна во 1960 година.

Во 19:34 повторно соборува уште еден рекорд - ја надминува и точката до која дојдоа Малколм Рос и Виктор Пратер, а точно девет минути подоцна е донесена одлуката дека Баумгартнер треба да скокне.

Во 20:07 Феликс конечно скокнува и се запишуваа во историјата на човечката цивилизација како единствен на кого тоа му пошло од рака.

 

Историскиот скок на Феликс го пренесуваа четириесет телевизии во светот, стотици интернет портали, а на Јутјуб го гледаа речиси десет милиони луѓе од целиот свет.

Оваа историска мисија ја снимија и камерите не Би Би си и National Geographic кои за еден месец ќе прикажат документарец за патувањето и скокот на човекот од работ на вселената.

Извор: mondo.rs