Чиновникот како револуционер?

15.10.2012 10:20
Чиновникот како револуционер?

Пер Штајнбрук е кандидат за канцелар на СПД и зборува работи кои се очекуваат од некој на таа функција. „Одиме на победа, а не на место во владата“. Крупни зборови. Всушност, кандидатурата на Штајнбурк е само дел од онаа персонални рокади, поради кои политиката толку често остава мрачен впечаток. Кој воопшто верува дека овој човек има какви било шанси против Ангела Меркел? Две третини од Германците сигурно не. А луѓето често имаат добро чувство за вакви работи.

Партиската претстава наречена тројка беше бедна тактика. Насетувавме дека овде нешто не штима. Несреќната режија во овој политички театар беше запрепастувачка. Кому ли само му падна на памет? Тројцата кандидати беа во трка исцрпувајќи ја сета сила, која можеа да ја искористат многу подобро, на демантирање на шпекулациите за тоа кој од нив ќе ја претставува партијата на следните избори.

На крај, Зигмар Габриел откри дека цело време сето ова всушност било мачкање очи. Веќе во февруари 2011 година одлучи дека му е доволно местото претседател на СДБ. „Пер Штајнбрук и Франк-Валтер Штајнмаер одамна беа запознаени со сето тоа“. Што значи дека тие тројца и партијата година и пол ја влечеа јавноста за нос.

Ви благодариме за ова!

Вака се урива довербата во политиката.

„Најдобар избор“, на овој начин коментаторите ја поздравија одлуката за избор на Штајнбрук за кандидат на СПД, па и овде, на онлајн изданието на Шпигел. Тие ја ценат неговата интелигенција и хумор, но проблемот е во тоа што никој не се избира поради тоа што е интелигентен или има смисла за хумор. Најдобар кандидат би бил оној кој може да ја победи Ангела Меркел. А за да се случи тоа, СПД би морала да биде вистинска опозициона партија која непрестано ја критикува и притиска владата и ја удира таму каде што најмногу боли. Не видовме ништо од тоа. Изминатите години, кога и да се најдеше владата во незгодна ситуација, тоа не беше заслуга на СПД, туку на членовите на владата или партијата Die Linke.

Своето опозициско дејствување СПД го ограничи на пријателско следење на владините активности: да помогне кога ќе зачкрипи, да се стави на располагање кога е потребен совет, да скокне кога е итно. Сè на сè, колегијално однесување.

Еј, другари, многу ви благодариме!

Тоа и не треба да нè чуди, затоа што во последно време СПД и ЦДУ се конкурентски партии само по тоа што претставуваат групи кои се намерачиле на исти државни функции. За различните политички концепти кои ги оправдуваат називите на овие партии, тие одамна не се залагаат. Не би згрешиле многу ако предложиме фузија на овие партии, предлог кој би го поддржале и многу нивни членови - во Единствена капиталистичка партија на Германија.

ЦДУ и СПД заедно сносат одговорност за тоа што Германија е неправедна земја која води неправедна политика. Германскиот дампинг на платите и извозните вишоци го нарушуваат европското единство. Даночната политика им користи на богатите, а тешко ги оптоварува сиромашните. Образовната политика го зацврстува системот без социјална мобилност: ако си роден како сиромашен, тука и ќе останеш.

Социјалдемократската опозиција мораше да се бори против овие неправди. Наместо тоа, таа мирно ги прифати. Постојат толку можности за кариера, во сенка на министрите и државните секратари, во Бундестагот, во разните парламентарни одбори, и секако, во Брисел и Франкфурт. Насекаде функции и пензии, а највисоката политичка цел е остварувањето, но на сопствените потреби.

Пер Штајнбрук не издржа ни три години како претседател на покраината Северна Рајна Вестфалија. На изборите оствари најлош резултат кој СПД го имала од педесеттите години на минатот век. Пред тоа беше на функции во министерствата кои се занимаваа со просторно планирање. Му беше помошен референт на Хелмут Шмит и шеф на бирото на Јохан Рау, а најдобро го знаеме како министер за финансии во големата коалиција (2005-2009). Заедно со Меркел, ја водеше Германија низ финансиската криза, за чиј настанок придонесоа тој и неговиот претходник Ханс Ајхел. Слобода за хеџ фондовите, гласеше отприлика мотото на владата на Шредер, а коалицијата под водство на ЦДУ остана на истиот курс.

Промената на овој курс би била пожелна. Но, дека Штајнбрук е вистинскиот човек за тоа? Овој револуционер со сигурна пензија го претстави планот за ре-регулација на финансискиот сектор, кој на прв поглед и не изгледа толку лошо. Банките би требало да се поделат на комерцијални и инвестициони и би требало да формираат фонд за спас во случај на некоја идна криза. Тука се и куп други правила во врска со банките во сенка, рејтингот на агенциите, финансиските деривати, кредитите поврзани со недвижностите, големите банки - насекаде сè би требало подобро да се регулира и контролира. Но, штом овој план го пофали и поранешниот гувернер на германската централна банка, Јозеф Акерман, се појавија причини за загриженост.

Штајнбрук заврши фантастична работа со дерегулацијата. Дали тоа го гарантира успехот на новото регулирање? Добриот службеник обично се обидува совесно да ја заврши работата што му е доверена, според своето најдобро знаење и умеење. Но, дали е ова доволен предуслов за доверба во политиката на еден канцелар?

Извор: Spiegel, 01.10.2012.

ОкоБоли главаВицФото