Драгиње и СК 014

16.10.2012 10:42
Драгиње и СК014

На регионалниот пат Ваљево-Шабац се наоѓа чудесната населба Драгиње, по многу нешта дупликат на скопската општина Центар, во благородните груевистички фантазии позната и како Александрија. Драгиње, поточно, е симболички брат-близнак не толку на целата општина Центар, колку на нејзиниот најспектакуларен, најкремкаст дел наречен СК014. Затоа текстов има за цел да предложи побратимување на општината на Тодоровиќ со населбата Драгиње од општината Кисељево во Република Србија.

Патниците што минуваат низ Драгиње обично имаат зинати усти: покрај асфалтниот пат се наоѓаат големи бели куќи со големи порти, со бели лавови и коњи разиграни, со големи бели тераси, дворови, понекои и со фонтанички, црквички и базени (токму како во друга славна скопска општина, Аеродром). Целиот тој архитектонски раскош на Драгиње граден е главно пред десетина години, додека Ромите од населбата на големо се занимавале со препродажба на свињи, стока, цигари... Последниве години, како што згаснаа шверцерските бизниси и како отежна заминувањето на печалба, така престана и изградбата на спектаклуци и палати. Денес Драгиње е жива разгледница на „среќните времиња“, иако добар дел од Ромите се жалат дека последните пари ги спискале во огромните куќи. Раскошната архитектура на населбата стана тема и на семинарите на студентите на белградскиот Архитектонски факултет. Проучувањето на „барокното“ Драгиње архитектите го водат под работниот наслов „Ромска архитектура“.

Повеќето Роми од Драгиње биле гастарбајтери, а кон куќите се однесуваат како кон славите - најбитно е да бидат што поголеми. Угледните домаќини се спремни неколку децении да рмбаат по германии и австрии само за куќата да ја украсат со по уште некој кат и со што повеќе орнаменти од типот: лебед, лав, орел, џуџе и фонтана.

Психологијата на градителите на Драгиње и на СК014 е совршено иста: склоност кон големина, лажна раскош и декорација. Не е проблем што пари главно се немаат и што оние едвај стекнатите пари залудно се фрлаат - има нешто посилно во градителите, а тоа е „уметничкиот порив“, желбата да се остане запаметен и да се обележи територијата.

Еден краток расказ, Живеалиште, од Митко Маџунков, ми се чини дека совршено ја долувува „ситуацијата“ што ја имаме со утописките места од типот Драгиње и СК014:

„Прво сè беше урнатина.
Потоа почна да се sида, доsидува и преsидува. Тули, вар, мистрии. Пепелосани мајстори.

Сеопштиот хаос ги запрашуваше нашите нови шејови (добиени на поклон од министерството за обнова): двата шифоњера, раскошниот креденец со дрвена резба... Жената не можеше да поверува. Само украсните предмети – што sиркаа како трофеи од sидовите – вредеа повеќе од нас самите. Стилизираниот нож, на пример, чинеше цела животна печалба.

Ми стана јасно дека стариот намештај сега великодушно можам да им го отстапам на синовите. Само, каде да ги сместам овие нови шејови со сета нивна личба и убавина?! Урнатината сè уште не беше расчистена.

Во недостиг на друго решение, штом не најдов начин да го засолнам скапоцениот намештај, решив да се сместам во него самиот – како Јона во утробата на китот; од тој миг, започнав среќно да живеам во барокните витрини, фиоки и огледала како во готска катедрала исполнета со звуци на оргули, наполно засолнет од правливата бучава на урнатината.

Што рекле стари луѓе, прв комшија ми беше Бах, и од ништо немах страх!

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото