Преобразбите на семејството на Западот

17.10.2012 10:44
Метаморфизите на семејството на Западот

Кога ја уби Француската република таа злокобна 1940 година, маршалот Петен го отфрли слоганот наследен од Француската револуција – Слобода, Еднаквост, Братство – за да му даде предност на новото тројство – Работа, Семејство, Татковина. Претпоставувам дека дури и денес десницата и левицата, помалку или повеќе, се распозаваат (кога не се изигруваат меѓусебно, што често се случува од мај 1981 година) – според својата посветеност на едното или другото тројство, според сопственото видување на противречниот свет. Тоа семејство што го сакаше маршалот којшто, како што е познато, не ги ценеше ни Евреите, ни комунистите, ни хомосексуалците, ни интелектуалците – има датум на раѓање и, за среќа, датум на смрт. Неговото потекло е јудео-христијанско, поточно од првиот век, во времето на Павле од Тарс (за да се увериме во тоа треба да ја прочитаме неговата морничава серија посланија). Во Франција, неговиот погреб е одржан во Париз, во мај 1968 година, на барикадите (за тоа, пак, погледнете подетално во Анти-Едип на Делез и Гатари).

Но, навистина сме должни да го прецизираме неговото потекло: целата работа Павле не ја завршува сам; постојат филозофи што, со него и по него, од Тертулијан до Августин преку Григориј Ниски и другите црковни отци расправаат, ad nauseam, за доблестите што се стекнуваат со целибатот и невиноста – за бракот и девственоста. На оваа тема се појавиле голем број списи... Исто така, убавиот мај ги забрза и кристализира – во хемиска смисла – идеите што веќе постоеа, на пример, во работата на франкфуртската школа – во делата на Адорно и Хоркхајмер, меѓу останатите – за авторитетот и семејството во триесеттите години. Историските зони на генеалогијата и смртта тежнеат кон тие две спротивности: првиот и дваесеттиот век.


Карло Сарацени, Венера и Марс, околу 1605

Изворното христијанство поставува идеал: девственост и целибат. Одрекувањето од светот, значи и од плотта, вреди повеќе од сè. Но, треба да се има предвид реалноста. Не поради ризикот од исчезнување на цивилизацијата поради ова залагање да се изгони сексуалноста – што е восхитувачко гледиште за христијанството, опседнато со омразата кон себе, телото и светот – туку, бидејќи луѓето се тоа што се, поради веројатноста дека тој план на трајно одрекување од либидото нема, доволно масовно, да обезбеди поддржувачи! Него го следат само неколку невротични личности и заедници засновани врз принципот на поттикнување на смртта – анахорети или кеновити.

Машината што ја измисли јудео-христијанството за да стигне до своите цели, се нарекува семејство. Павле вели: ако не можат да се држат до совршенството (1 Кор, 7, 1), тогаш нека стапат во брак – зашто подобро е да стапат во брак отколку да се возбудуваат (1 Кор, 7, 9). Брак, што ќе рече верност, моногамија, делење ист кров, сексуалност осудена само на размножување. Од тоа време, класичниот брак, каков што им се допаѓа на Ватикан, конзервативците, десницата, Петен, хомофобите, се вдахновува од таа логика и цврсто ги здружува сите тие инстанци за да го произведе семејството: една жена со еден маж, а не со двајца, еден маж со една жена, нема хомосексуалност – ужас над ужасите! – делење на секојдневниот живот до најситните подробности, ограничување на сексуалните односи на планирање потомство. Надвор од сето ова се гревовите на блудот, страста и зоофилијата, оттаму и вечното проклетство – што во некои периоди воделе дирекно на клада.

Тој модел трае приближно два милениуми. Навистина, катехитските клетви на Црквата, што имала монопол над образованието, нејзиното поучување што на секоја служба се заканувало со пеколот, принципот на исповед во вид на усмено признание и другите механизми на христијанската машинерија, ја спречуваат слободната сексуалност, претставувајќи ја како грешна. Но, сладострастието, либидото, и покрај сè, си го пробиваат патот: од Плаут до Лабиш преку Молиер – рогоносците и изневерените жени постојано се во игра, докажувајќи дека телото постои и надвор од семејството – ако не и уште повеќе.

Благодарение на дехристијанизацијата, Француската револуција го овозможи напредокот на полето на световното дефинирање на семејството: создавањето пријателска заедница на два пола (1790 година), декларацијата за правата на жените (1791 година), секуларизацијата на цивилната држава и законот за договорен брачен развод (1792 година), законот за брак што се сведува на граѓански договор (1793 година), одвојувањето на Црквата од државата (1794 година) – толку реформи што го оттргнаа семејството од прегратката на Црквата. Ја знаеме историјата: термидор , Бонапарта, царството итн. Смртта на таа надеж беше стапувањето на индустриската револуција. Семејството се врати во грижата на Црквата, што им дозволуваше на сопствениците да ги венчаваат своите деца, значи и своите имиња, богатства, капитал.


Жан-Луи Дуци, Наполеон и неговото семејство во Сен-Клод, 1810

Повторната дехристијанизација, со метафизичката револуција од мај 1968 година, гарантираше напуштање на секаков авторитет на божественото право: крај на господарот, професорот, учителот, надзорникот, но и таткото, мажот, главата на семејството со наследната власт, Небото, каде што моќта се соединува во рацете на еден. Оттогаш, на власт се принципите на еднаквоста и договорот. Крајот на биолошкиот маж од божественото право и семејството, неговите омилени етиолошки територии, се случува истовремено со молекуларната револуција, според зборовите на Феликс Гатари, додека Жан Франсоа Лиотар истовремено зборува за либидиналната економија и нагонскиот диспозитив, Жил Делез за машините на желбата и бутновите на флуксот (текот), а Рене Шерер за страсното привлекување, Раул Венегем за конструирањето на страсниот живот и, конечно, Фуко за користењето на љубовните уживања и грижата за себе. Самиот дух и креативноста на мислата од 1968 година, е неизбежен за разбирањето на постмодерното семејство!

Заедничката точка на овие мисли? Радикалното раздвојување на она што Павле и христијанството го составија: хетеросексуалноста, верноста, моногамијата, заедничкиот живот и размножувањето. Секоја од овие области станува независна и самостојна: класичното семејство се распаѓа. Се раѓа неговото постмодерно толкување, што се карактеризира со номадската пракса на сексуалноста, можноста за мултисексуално организирање, фуриевоското користење на главните и непостојаните страсти (што кај Сартр и Бувоар ја даваат случајната и нужната љубов, старата спротивност меѓу „за една ноќ“ и „до крајот на животот“) постојаната или моменталната полигамија, организирањето на самотничкиот живот и метафизиката на стерилноста, односно мајчинството во постари години.

Етичкиот напредок оди заедно со научниот. Еден ден, двата создаваат нови закони: молекулите што ги овозможуваат контрацептивните пилули стануваат, благодарение на Лисјен Нојвирт – слава му, како и Симон Вајл, што работеа против своето избирачко тело, но во име на Историјата! – прилика за онтолошка револуција: да се одвои сексуалноста од детерминизмот на природата, а потоа да му се предаде на волунтаризмот на културата. Законот на контрацепцијата овоможува забавна, весела, слободна и договорена сексуалност, без страв од казнување со несакана бременост. Ете зошто тетка Ивон не сакаше...


Лоренцо де Ферари, Адам и Ева со децата Каин и Авел, 18. век

Љубовта и сексуалноста веќе немаат никаква врска со ангажманот за живот, со обврската да се основа семејство, да се стапи во брак и да се живее во заедница: тие стануваат начини на интерсубјективноста на (веројатно драгото) тело и битие на другиот. Оттогаш, хомосексуалноста предлага можно отстапување на оваа тема. Долго време таа означуваше чиста сексуалност, чиста сексуалност зашто природно е одвоена од репродукцијата. Од сега, генетскиот дух и/или законодавството, што дозволуваат посвојување, ќе овозможат културно создавање семејство со родители од ист пол. Бидејќи хетеросексуалниот брак повеќе не е поприроден – знаете ли за бракови меѓу животни? – од хомосексуалниот модел, мрморковците ќе мораат да најдат други аргументи за да негодуваат.

Зошто да не им се дозволи на гејевите она што им се дозволува на хетеросексуалците? Можноста да се имаат, а потоа и да образуваат деца? Затоа што свештениците, некои психоаналитичари, во основа монотеисти, хомофоби, голем дел од избирачкото тело на десницата – Лајонел Жоспен и неговите поддржувачи, одбиваат да согледаат дека, од сега, трансгенезата овозможува преобразување на семејството во место на јасни и свесни договори во коишто желбата, чувствата и стремежот за создавање среќни битија ја победуваат секоја друга религиска причина или морал, што беа инфицирани од моралистката – да го употребиме Ничеовиот израз.


Маркантонио Франческини, Раѓањето на Адонис, околу 1685-90

Постмодерното семејство (веќе не нуклеарно, туку молекуларно), што се октрива и со кое се експериментира пред наши очи – понекогаш неспретно – од сега располага со вештачкото оплодување и преместувањето на ембрионот, донирањето сперма или јајце клетки на мајките „носилки“, постменопаузна бременост, делотворни контрацепции, медицински абортуси што им овозможуваат на жените потполно да владеат со својата судбина. Ни преостанува да откриеме нов облик на живот – ново семејство – што напредува со сите свои можности, за да може интерсубјективноста помалку да се впишува во знакот на религијата и општеството, а повеќе во знакот на сопствените склоности на избор.

Тоа вистинско егзистенцијално прибежиште некогаш го отворија Жан-Пол Сартр и Симон де Бовоар – да се прочита и повторно да се чита „Проштална церемонија“, потоа Жан Тусен и Доминик Дезанти – да се прочита и повторно да се чита „Слободата сè уште нè сака“ – во коишто животите во пар се – филозофски егзистенцијални конструции! По ваквите истражувачи нека дојде времето на експериментаторите, власта над сè во секого: зашто содржината на животот не ни ја даде некој трет – племето, заедницата, обичајот, црквата, државата, туку таа се конструира лично. Напомена за аматерите: храната се голта само еднаш.

Избор и превод: П. В.

ОкоБоли главаВицФото