Алдо Роси и мисинтерпретацијата на историцизмот

18.10.2012 15:50
Алдо Роси и мисинтерпретацијата на историцизмот

Алдо Роси и мисинтерпретацијата на историцизмот во посткомунистичките општества

СКОПЈЕ 2014 – ИСТОРИЈА ВРЗ ИСТОРИЈА

Но, ако (според Роси) Моделот треба да се прави врз Типови и Типологии битни за колективната свест на градот, тогаш на што се базира Скопје 2014? На типот на едно за нас тотално ново искуство?! Единствени пресвртници за нашиот колективитет се мемориите за Скопје пред и по 1963 и некои културни споменици од средниот век како византиските цркви, калето, џамиите.

Архитектурата и изгледот на Градот како таков била повод за многу дебати во минатиот XX век. Историјата на урбанизмот нè учи за развојот на градските средини како едно пресликување на тековната културолошка или политичка матрица - нешто што е евидентно и во „проектот“ Скопје 2014. Но, во случајот на Алдо Роси и неговите современици би рекле дека е обратно: во 1966 година овој италијански архитект ја објавува контроверзната книга „Архитектурата и градот“ со која за прв пат (како Италијанец кој не може да избега од минатото на еден Рим) го отвора прашањето на Историцизмот како категорија на Градот и како негова нужност. Чудно или не, книгата набрзо извршува такво бранување, што го направи Роси да биде „виновник“ за доаѓање на Постмодернизмот и новиот „географски“ еклектицизам на светската сцена кој трае до ден денес.


НОВИТЕ НАЦИОНАЛНИ МИТОВИ


Каква е импликацијата на постмодернизмот кај нас и во сличните источноевропски посткомунистички општества? Со падот на Источна Европа и распаѓањето на сојузи како СССР, Југославија и Чехословачка, желбата за ново онтолошко препознавање со националниот мит беше проследена со еден бран на квази национал-романтичарска постмодерна која повеќе ги следеше (и ги следи) тековите на транзициската корупција и „инаетот“ кон претходното комунистичко наследство, кое пред сè беше во духот на модерната. Желбата да се замени стариот колективизам со еден новосоздаден , се покажа како задолжителен апарат и пропагандна завеса зад која стоеја и денес стојат непроменети тоталитаристички општества на стравот и незнаењето.


ОТУЃЕНОСТА НА МОДЕРНИСТИЧКИОТ ГРАД – Отуѓеноста на Танге?


Најбитната критика која Роси ја упатува е кон оттуѓеноста на модерниот град. Тој потекнува од принципите на модерната архитектура која сакајќи да расчисти со традицијата воспоставува автономија на објектот во времето и просторот. Ваквата негирачка архитектура го негира и сопствениот социјален контекст, сè до самот момент кога Архитектурата и Градот ќе бидат комплетно разделени. Алдо Роси сентиментално ја бара изгубената врска на овие два ентитети и единствениот одговор го наоѓа во градовите на историјата каде архитектурата и урбаното ткиво прават нераскинлива духовна целина. Отуѓеноста се наоѓа и во материјалот – многумина пријатели кои ги знам ја мразат „ладнокрвноста“ на бетонот на Танге, Георги Константиновски или Петар Муличковски кој очигледно бил многу популарен во тоа време.

МОНУМЕНТОТ: ПАТОЛОГИЈА ИЛИ РЕАЛНА ПОТРЕБА?

Некои историски објекти стануваат „споменици на градот“. Нивната истрајна монументалност низ времето за Алдо Роси е од витално значење за колективната свест за градот и спомениците се неговото фундамент. Слично како Умберто Еко, тој зборува за промената на доживувањето на објектот низ времето, на тоа доживување:

а) Палатата на правдата во Падова, во неа не само што се доживува минатото, туку таа ја сменила својата функција и со новата функција повторно станала важно жариште во градот( во случајов, нејзиното приземје служи за мал плоштад)

б) Алхамбра во Гранада: не се здобила со нова функција, но со својата изолираност и фактот дека во модерното време никаква нова функција не може да и се додаде, таа ја искусуваме ( и е) трајно непроменлива


ГРАДОТ КАКО МЕМОРИСКИ АРТЕФАКТ - СКОПЈЕ 1963?

За Роси архитектурата доаѓа заедно со првите траги на градот и е перманентен и универзален артефакт. Со време градот се надраснува и самиот себе , стекнувајќи сознанија и меморија. Во неговата структура, оригиналните теми сè уште постојат , но тие се модифицираат во многу поспецифични за време на неговиот развој. На пример, фотографиите на разрушено Скопје, ја создаваат визијата за тоа каков бил градот пред 1963. За жал, оваа Влада сака засекогаш да ги избрише таквите спомени.

Џорџо де Кирико, кој многу влијаел врз Роси

 

ГРАДОТ КАКО ИСКУСТВО

Роси вели дека постојат луѓе кои што не сакаат одредени места , затоа што ги асоцираат на некои непријатни моменти од нивните животи , а некои луѓе гледаат ветувачки карактер на тоа место. Сите тие искуства и нивната сума го конституираат градот.

ТИП И МОДЕЛ

Кога Роси зборува за историските типологии, тој разликува тип и модел: типот е нешто што ѝ претходи на формата, идеограм на мислите кој одамна е даден во традицијата. Моделот, пак, е негова имплементација во сегашноста и тој може да претрпи промени како одредена интерпретација и реконтекстуализација на типот. Во 1979 за годинешното биенале во Венеција ќе го реализира својот Тeatro del mondo, кој е модел на тип преземен од барокните цркви.

Teatro del Mondo во 1979 и скиците за истиот

 

СКОПЈЕ 2014 – ИСТОРИЈА ВРЗ ИСТОРИЈА

Ако (според Роси) Моделот треба да се прави врз Типови и Типологии битни за колективната свест на градот, тогаш на што се базира Скопје 2014? На типот на едно за нас тотално ново искуство? Единствени пресвртници за нашиот колективитет се мемориите за Скопје пред и по 1963.

РОБЕРТ ВЕНТУРИ – ПОВЕЌЕ Е ПОВЕЌЕ („MORE IS MORE“)

Роберт Вентури, Американецот кој со книги ќе го оправда враќањето на орнаментот, вели дека еклектицизмот и историцизмот му даваат нова слобода на архитектот да игра со референците од минатото, да ги сече и прекројува во нови контексти. Но, не да ги копира! Често, во своите објекти тој ги исмејува историските контексти или им дава ново значење! Еклектицизмот е врата кон продирање на етничките и географските елементи во архитектурата – процес кој подоцна го нарековме „ глобализација“.

ЧАРЛС МУР И КИЧОТ ВО ПОСТМОДЕРНАТА

Придонесот на американската буржоаска психологија за прекинување со левичарските колективистички традиции на Модерната е и тоа како голем. Во 1979 Чарлс Мур на сред Њу Орлеанс го направил плоштадот Piazza Italia каде иронично од современ челик направил јонски и други видови старогрчки столбови и ги осветлил со неонки. Во учебниците по историја на архитектура тој ќе остане како дефиниција за кич, заедно со објекти како Белата Куќа кои го изразуваат империјализмот на САД. Но сепак, Чарлс Мур изјавил дека сето тоа го направил иронично!

ЗНАЧЕЊЕТО НА РОСИ

Роси ќе биде запаметен како човекот кој на светот му го продаваше „италијанското“ – еден успешен дијалог на старото и новото. Неговите теории за урбанизмот беа набрзо признати од стручната заедница. Историскиот случај на Италија нè учи дека во земјите со силна традиција, (како што се впрочем земјите од ЕУ!) единствениот начин е таа да се претопи во современоста оставајќи белег. Земјите како Шведска, Финска и Јапонија направија свои архитектонски школи во XX. Ако во тие земји можеше да постои интелектуален разговор, па и компромис меѓу левицата и десницата, зошто тој разговор не постои во Македонија веќе дваесет години?

И ако веќе сакате, што „македонско“, па дури нека е и античко (а не е), „продаваме“ во Скопје 2014? Но, кој е, ве прашувам сограѓани и архитекти од комората, нашиот Алдо Роси? Кој ќе ги помири сентименталната десница и техницизмот на левицата? Груевски? Пх!

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото