Макета на уривањето на Европа

19.10.2012 07:59
Макета на уривањето на Европа

Петти пат во својата историја, Каталонија се соочува со можноста за независност. Патот кон одвојување од Мадрид го следи долгорочна и конјунктурна логика. Шпанската држава е политичка творба зависна од низа договори кои ја гарантираат постојаноста на нејзината економска и социјална доминација, и таа обединува многу нации со нивните поединечни идентитети и истории. Во 1978 година оваа структура се покажа како многу кревка при измената на уставот со цел да се премости јазот помеѓу национализмот и централизмот: давањето автономија на покраините беше институционална и правна последица на тогашната спогодба.

Но, тоа не беше единствената одлика на овој договор: автономните заедници добија и прилика да искористат многу средства за јавни работи, модернизација и развој. Додека имаше пари за инвестиции кои ја зацврстуваа мирната доминација на локалните елити, овој аранжман функционираше. Размените помеѓу националната и регионалната десница беа типични за тогаш преовладувачкото расположение: кога Хозе Марија Азнар (премиер од 1996 до 2004) изјави од палатата Монклоа дека „на Шпанија ѝ оди добро“, Жорди Пужол (претседател на каталонската влада од 1980 до 2003) одговори од своето седиште во Палатата Генералитат: „А на Каталонија ѝ оди уште подобро“.

Но, тогаш стапија на сила конјунктурните фактори. Десничарската влада на Каталонија, Convergència i Unió, сега треба да излезе на крај со 822.000 невработени, после дваесет и два месеци постојано намалување на социјалната помош. Оваа потенцијално експлозивна ситуација е влошена со замрзнувањето на средствата за автономните покраини, кое го протурка централната влада по измените на шпанскиот устав, спроведени со брзина на светлината по диктат на Берлин и Брисел. Интересно е тоа што полетот со кој локалните претставници на Брисел и Берлин - Народната партија (PP) и Социјалистичката работничка партија на Шпанија (PSOE) - ја извршија оваа наредба, сега е заменет со инсистирањето на истите партии на тоа да не може да се промени уставот така што на Каталонците ќе им се дозволи организирање референдум за самоопределување.

Во контекст на барањето за промена на уставот, новиот буџетски договор на Мадрид и автономните покраини, со потполна опседнатост со штедењето, изгледа како сведоштво за недостигот на политички здрав разум: особено во одбивањето да ги предвиди експлозивните последици кои големите резови во јавните трошоци ќе ги остават врз односите помеѓу централната влада и регионите. Како што направија во Португалија и Грција, берлинските пиромани и нивните локални помагачи успеаја да го запалат пламенот на социјалната нерамнотежа и во Шпанија, не размислувајќи за страшните демони кои може да се разбудат од сјајот на жртвениот оган, кој секогаш гори на олтарот на божицата на штедењето.

Каталонската влада брзо-брзо го искористи овој недостиг на политичка одговорност. Претставувајќи се како водач на движењето за независност, актуелниот претседател на Генералитат (каталонската покраинска влада) Артур Мас, во многу нешта потсетува на Алберто Жоао Жардим (претседател на владата на Мадеира): реагирајќи на катастрофалните економски и социјални резултати од своето владеење, обележани од стратегијата на укинување на јавните служби и социјалните трошоци, конзервативниот Мас го обвинува Мадрид дека се однесува како дупка без дно во која се слеваат каталонските пари, затоа што не сака да вложува во јавните служби и проекти во регионот. Зарем тоа не звучи познато? Генералитат се заканува со независност обидувајќи се да го сврти вниманието од социоекономската пропаст предизвикана од својата политика.

Повеќе отколку Португалија или Грција, Шпанија сега претставува макета на уривањето на Европа, која покажува какви резултати даваат методите кои ги пропишува Тројката, а тоа се процесите на социјална, политичка и територијална фрагментација. Би можело да се помисли дека научиле нешто од балканската трагедија. Но, би било премногу да очекуваме претставниците на Тројката и нивните работодавци да имаат политичка совест.

(Авторот е социолог и професор по предметот Меѓународни односи на Универзитетот во Коимбра)

Извор: Diário de Notícias/PressEurop, 02.10.2012.

Слични содржини

Европа

ОкоБоли главаВицФото