Жена од брегот

14.09.2009 13:33
Mervin.jpg

Летај

Бев суров кон дебелиот гулаб
Оти не сакаше да лета
Туку само да живее како старец

Се претвори во валкано дрто
Самоуверен и див по храна
Го тепаше мачорот на ѓубриштето
Незаинтересиран за гулабицата
Постојано мрсулав околу клунот
Смрдеше се гегаше
И требаше да се носи низ скалите
За ноќе да заспие

Летај реков фрлајќи го во воздух
Но тој ќе плеснеше и ќе притрчаше
Очекувајќи храна
Го реков истото и го фрлав одново
Но тој беше с
è полош и полош
И секој пат
Требаше некој да го подигне
Додека не го пронајдов во гулабарникот
Цркнат од излишните напори

Значи таков сум јас

Размислувам за неговото око
Коешто не можеше да сфати
Дека сум суштество
Од кое требало да бега

Од мене којшто отсекогаш
Премногу верував во зборовите

 

Кога војната ќе заврши

Кога војната ќе заврши
Ќе бидеме горди секако воздухот ќе биде
Добар за дишење и конечно
Водата ќе се поправи
Лососот и тишината на небото
Ќе патуваат помирно

А мртвите ќе мислат
Дека живите го заслужуваат тоа
Ние ќе знаеме
Кои сме
И сите одново ќе се пријавиме

 

Повик со шепот

Низ вечерта
планини една кон друга итаат
преку пустина

едра од кралството без ветар

тишина трча низ птиците
сенките им мрзнат

каде си ти

каде си каде си ти
ги раширив едрата на брзата планина
чија сенка е сегде

 

Кога ќе заминеш
              
за Дидо

Кога ќе заминеш ветрот врти кон север
Молерите работат цел ден
Но приквечер бојата отпаѓа
И никнуваат црни ѕидови
Часовниците се враќаат да го избијат
Истиот час
Кој нема место во годините

А ноќе
Завиткан во кревет од пепел
Во еден здив се будам

Тоа е време кога брадите на мртвите
Растат
Тогаш си приспомнувам дека паѓам
Дека јас сум причина
Што моите зборови се облека
На она што никогаш нема да биде
Како подвиткан ракав на еднорако момче

 

Врата

Ова е место кајшто би можело да има
врата
овде кајшто стојам
во светлината надвор од сите ѕидови

овде би била сенка
по цел ден
и врата во сенката
таму
каде што сега сум јас

и некој би дошол
и би зачукал
по воздухов
долго по моето заминување
и тука пред мене
животот би се
отворил

 

Пеперуги

Студено е овде
Во железната трева
При дното на невидливата статуа
Извајана од неизлечивите и од нив наречена
Правда

Од голема раздалечина
Публиката ги набљудува черепите
На лидерите
Нанижани на ист црв

Мракот се дига низ шајка

А јас се враќам кон дамна измината ноќ
Во која паѓа дожд
И крик допира од станиците
Додека на дофат од рака глас на жена
во грне под ветрот
Се обидува да пее

Никој не и’ покажал
Никаква статуа
Музика се издига низ неа
И речиси започнува
А пеперугите
Лежат во црната трева и чекаат

 

Март е

Март е и црна прашина од книгите капе
Наскоро заминувам
Високиот дух што бил овде
Веќе одлутал
И во излозите безбојни конци лежат
Под старите цени

Кога ќе погледнете наназад секогаш постои минато
Дури и кога го нема
Но кога ќе погледнете во иднината
Со валканите зглобови и бескрилната
Птица на рамо што
Што можете да напишете

Горчина сеуште расте во старите рудници
Тупаница се раѓа од јајце
Термометри од устата на мрши

На одредена висина
Опашите на змејовите за момент
Се изгазени од стапала

Сè што треба да направам уште не почнало

 

Жена од брегот

Мислев дека празна врата
стои покрај мене
а тоа си била ти
знам дека токму така стоеше
студена како столб
додека за тебе зборуваа приказни

 

Сега ми е јасно

Сега ми е јасно дека ниеден лист не е мој
ниеден корен не е мој
и каде и да тргнам ќе бидам трн од чад во шума
и шумата тоа ќе го знае
обајцата ќе го знаеме

птиците исчезнуваат поради нешто
што помнам
и одлетуваат од мене како да сум големиот ветар
додека камењата се вовлекуваат во земја
а дрвјата во себе
гледајќи како да сум големиот ветар
а тоа е сето она
на што му се молам

јасно ми е дека не можам да се вратам
но некои од нас
повторно ќе се сретнат
дури и овде
како сопствени статуи
и уште подоцна некои од нас ќе останат
без имиња а некои ќе изгорат
со брзина на бескрајните заминувања

и никогаш веќе нема да бидат пронајдени
и изгубени

 

Далечини

Кога помислувате на далечини
сетете се
дека сме бесмртни

помислете како излетуваат од нас
кога заминуваат
сите
од нас
а ниедна не умира
и ниедна не е заборавена

и по целиот свет никнуваат насипи
кои лежат на грб
и мислат на морето

 

Крај на летото

Високо над нас верига од бели стомниња
преполни со стара светлина
заминува дома

Сега дури и нештата
што ги правиме
н
è досегаат само по долгите патувања

Променети сме

 

Пепел

Црквата в шума
беше од дрво изградена

верните ги врежале своите имиња
крај вратата
имиња исти како нашите

војници ја запалија

нова црква бидна на местото
на старата
и од дрво изградена

со ќумур подови
имињата со црно беа впишани
крај вратата
имиња исти како нашите

војници ја запалија

имаме црква на место
каде што други стоеја некогаш
од пепел изградена
без кров беза врата

и ништо на светот не вели
дека е наша


Ненапишаното

Внатре во моливов чучат зборови
кои никогаш не биле напишани
никогаш изречени
никогаш научени

тие се кријат

тие се будни внатре
мрачни во мракот
н
è ослушнуваат
но не сакаат да излезат
ни за љубов ни за време
ни за оган

дури и кога мракот ќе се истроши
тие сеуште ќе бидат тука
скриени во воздухот
и мнозина во иднина
ќе минуваат крај нив
ќе ги вдишуваат
но нема да бидат ни ронка помудри

каков може да биде тој ракопис
што не сакаат да го откријат
и на кој јазик
дали би го препознал
дали би можел да следам
да ги одредам стварните имиња
на с
è

можеби ги нема многу
можеби тоа е само еден збор
и тоа е си што ни е потребно

тој белки е тука во моливов

секој молив на светот
е таков

 

Гласникот од Д’Обиње

Оди книго

оди
сега ќе те пуштам
јас го отворам гробот
ти живеј
ќе умрам за обата

оди но врати се
ако можеш
и нахрани ме во затворот

ако те прашаат зашто
со мене не се фалиш
речи им оти
заборавиле речи им
дека вистината секогаш
потајум се раѓа

Оди без украси
без раскошна облека
ако во тебе има
каква било радост
нека добрите ја пронајдат

а за останатите биди чаша
во уста
разбиена

Дете
како ќе преживееш
само со својата доблест
наметнато
кога ќе извикаат Умри умри
кој се плашел порано
мнозина

мислам на сè што сум напишал
во моето доба
тоа е роса
се исправам во сувиот воздух

Еве ги цветовите
еве ги надежите
од сите мои години

и огнот што го носев во себе

Книго
согори с
è што не ја поднесува
твојата светлина

Кога мислам за старите амбиции
кои се на многу усни
а имаат толку малку
значења
би ми било доволно
да дознаам
кој го пишува ова
и да заспијам

далеку од славата и нејзината бесилка
и да сонувам за оние кои пиеле од ледениот извор
и ја рекле вистината

избор и превод: П. В.

 

Вилијам Стенли Мервин е роден на 30 септември 1927 година. Тој е еден од најзначајните живи американски писатели. За време на антивоеното движење во 60-тите години, единствената уметност на Мервин се карактеризира со индиректна нарација во која отсуствуваат интерпукнциските знаци. Во 80-тите и 90-тите, врз поезијата на Мервин влијание ќе изврши неговиот интерес за будистичката филозофија и екологијата. Во последните 40-тина години живее во Хаваи, каде што е посветен борец за заштита и обновување на природната средина.

Мервин има добиено многу награди, меѓу кои Пулицеровата награда за поезија (во 1971 и во 2009 година), наградата Танинг, која ја доделува Академијата на Американски поети, како и Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (2005).

Првата поетска збирка „Маска за Јанус“ ја објавува во 1952 година. Во периодот меѓу 1956 и 1957 работи како драматург во Поетс театарот во Кејмбриџ, Масачусетс. Кога во 1971 година ја добива Пулицеровата награда за поезија, добиените пари ги дава на здружението кое се бори против војната во Виетнам.

Освен што е многу продуктивен поет (има објавено повеќе од 15 збирки поезија), Мервин исто така е многу почитуван преведувач од италијански, шпански, латински и италијански јазик. Исто така, има преведувано поезија од санскрит, јидиш, јапонски и кечуа јазикот.

Најверојатно Мервин е најпознат по неговата поезија посветена на војната во Виетнам, и може да биде вклучен меѓу канонските поети од овој период, како Роберт Блај, Адриен Рич, Денис Левертоу, Роберт Лоувел и Ален Гинзберг.

На почетокот во творештвото на Мервин често се интересира за митолошки теми, многу од неговиот песни се посветени на животни, кои се третираат како симболи во стилот на творештвото на Вилијам Блејк. Збирката од 1960 година „Пијан во печката“ претставува промена во неговото творештво, бидејќи во песните почнуваат да се појавуваат автобиографски елементи. Насловната песна се однесува на Орфеј, кој е согледан како стар пијаница.

Во 60-тите Мервин храбро почнува да експериментира со метричката неправилност. Неговите песни стануваат многу помалку контролирани и средени. Си поигрува со формите на индиректната нарација типични за овој период.

Во неговите подоцнежни збирки, како „Цветот компас“ (1977), „Отворајќи ја дланката“ (1983) и „Дожд во дрвјата“ (1988) може да се види трансформацијата на неговите поранешни теми на свеж начин, развивајќи речиси зен пристап. Во 1998 година го објавува „Склопување на карпите“, амбициозен роман во стихови за историјата и легендите на Хаваи.

Неговите последни песни се згуснато сликовите, наликуваат на сништа, и полни се со воодушевувања од природниот свет.

ОкоБоли главаВицФото