Криза на авторитетот на власта

23.10.2012 09:12
Криза на авторитетот на власта

Не постои меѓуетничка криза, туку криза на авторитетот на власта

 

„Д-р“ Савески наместо да антинационализира, односно да социјализира, или да поопштествува, тој ги сместува Македонците и Албанците, христијаните и муслиманите во одделни етнички и верски гета! Наспроти трулиот национализам или негативен национализам кој владата (ДПМНЕ и ДУИ) го промовира, христијаните и муслиманите живеат во добрососедски односи. Нека повели национализаторот Савески во Дојран да се увери, ете непосредно пред Бајрам. Нашето општество е класно поделено општество. Богатите Македонци и Албанци живеат засебно, сиромашните Македонци и Албанци живеат засебно. Посебни населби, за посебни медиуми не станува збор, ниту пак сиромашните Македонци и Албанци имаат одделна партија од богатите Македонци и Албанци. Ова граѓанско или буржоаско општество не е некое вистинско општество, туку е само сурогат на заедницата, се вели во Маркс-Eнгелсовата Германска идеологија. Затоа во него егзистира личната слобода само за поединците Македонци и Албанци (професионалните политичари Груевски, Црвенковски, борците за геноцидни права Велиу, Ахмети, монополистот на тетовскиот пазар Мендух Тачи, олигархот Љубисав Иванов и други) кои се развиваат во условите на владејачката класа и само доколку се припадници на таа класа. Според тоа, „д-р“ Савески си гради слика за етнички гета која не е извлечена од сопственото искуство, туку од она што го слушнал од медиумите на оваа буржоаска клика од воени и транзициски профитери и од она што го слушнал од левичарските другари од нивното поранешно глувчешко дувло Движењето за социјална правда – Ленка[1] кои им се восхитуваат на ветераните од ОВК, ги величат истите како социјални ослободители и ценат дека независноста на Косово е историски неминовен факт. Па, тие негови левичарски другари ако беа вистински левичари, а не балисти, ќе речеа: „ сè што добија Косоварите е нов национален експлоататор, тие ја изгубија српската буржоазија, а ја поздравија албанската.“ Нека Савески го бара двоглавиот национализам во својата расколничка организација „Солидарност“. Нема тука никаква историска неминовност, освен етничко чистење од страна на ОВК, поради кое до денес некогашните мештани не можат да си влезат во домовите затоа што се населени со „историско неминовни“ нови домаќини! Истите ветерани на ОВК, како Џеват Бислими, бескруполозно се жалат и протестираат за етничкото чистење од страна на српската војска додека во исто време како насловни слики на фејсбук профилите имаат истакнато мапи на Голема Албанија, која зафаќа територии на други национални држави, а тоа имплицира етничко чистење и асимилација. Патетично и аверзивно, како да сте го затекнале Сталиновото чудовишно џуџе Јежов каејќи се и оплакувајќи ги своите жртви кои ги косеше во квоти.

Од сето ова мораме да заклучиме дека нашата Македонија е поделена на професионални политичари/општествени интелектуалци и пасивни граѓани. Значи, судирот на интереси меѓу професионалните политичари од албанскиот етнос и професионалните политичари од македонскиот етнос никако не смее ниту може да се изедначи со судир на интереси меѓу албанскиот етнос и македонскиот етнос, или меѓу било кои други етноси. Постои судир на интереси само внатре во рамките на буржоаската клика и во пошироки рамки, во економијата, меѓу професионалните политичари, капиталистите, лихварите, банкарите, земјопоседниците на една страна и наемните работници, наемните аргати, мајсторите, занаетчиите и невработените на друга страна. Таква е нашата Македонија. Таков е и целиот овој земен свет.

Според „д-р“ Савески, кој како општествен интелектуалец е експерт за демократски модели, условува (без да објасни како!) да престанеме да бидеме поделено општество, па за да можеме да ги замениме консоцијалните механизми со класичните и подемократски мнозински механизми на демократијата и дека тоа ќе вроди со отсуство на „потреба некој помалку квалификуван да биде вработен наместо некој друг, поквалификуван само поради неговата етничка припадност и нема да ни биде важно дали претседателот на Републиката, на Владата или на Собранието е или не е од мнозинската етничка заедница.“ Условот на „д-р“ Савески за чекор кон партиципативна демократија е млитав: „Кога сите ние, Македонци, Албанци, Роми, Турци и други, ќе се научиме да не ги редуцираме другите на нашиот етнички стереотип за нив“. За да не бидеме поделено општество ама баш ништо не треба да редуцираме меѓу нас Македонците и Албанците, Ромите, Турците, Власите и Србите. Треба да ги редуцираме или поточно да ги елиминираме правата на професионалните политичари. Три ефикасни непосредни мерки кои ќе ја осигураат општествената независност на наброените етноси:

1) Веднаш треба граѓаните да формираат патриотски клубови коишто ќе ги анализираат и испитуваат делата или злоделата на нашите лидери, професионални политичари, општествени интелектуалци и новинари, генерали и полициски началници: „Патриотските клубови ќе обрнуваат внимание само на луѓе на граѓанска служба и ќе ги обединуваат силите на народот за да ги надоместуваат жалбите на граѓаните. Тие ќе ги казнуваат агентите на властите кои се виновни, ќе го прекинат продолжувањето на нивните лоши дела и ќе ја штитат благосостојбата на народот … ќе даваат предлози, ќе советуваат и ќе поставуваат прашања. Но, кога слободата и безбедноста на народот се нападнати, клубот не е само советник, туку и агитатор, цензор, казнувач и дури егзекутор“.

2) Да се уапси целиот парламентарен состав и му се суди со обвинение за економски и политички геноцид. Мора да се казнат и воените злосторници. Сите кои убивале, силувале и мачеле недолжни граѓани – од двете страни. За жал, такво нешто нема да се случи сè додека обичните граѓани не го преземат кормилото на државата во свои раце.

3) Да се уапсат и сите универзитетски професори и општествени интелектуалци кои со својата практикувана теорија на „социјалистичко стоковно производство“ доведоа до колапс на самоуправниот систем и слевање на општественото богатство во џебовите на малцинството и да им се суди со обвинение за најголема историска одговорност и предавство.

Откако ова ќе биде направено сиот национализам жарен од политичката врхушка поддржувана од македонската и албанската капиталистичка олигархија ќе оди по ѓаволите.

Ова е задача на радикална политика, а ова е вистинското време за неа. Дури и самиот „д-р“ Савески ќе страхотрепери од оваа ургентна демократија која ја познава само од учебниците кои ги пишува за своите студенти по политикологија и ги моли „партиите да не се раководат од национализмот, да не го потпалуваат и да не го користат за зголемување на рејтингот на својата партија“.

На „д-р“ Савески треба да му биде јасно дека класичните и подемократски мнозински механизми на демократијата не гарантираат дека работните луѓе ќе владеат. Ако класната структура на македонското општество не е поволна за движењето на работните луѓе, односно не е срушена, тогаш тоа нема да успее макар добиле класични и подемократски мнозински механизми на демократијата. Доказ од историјата е неуспешната еманципација на робовите, жените, сиромашните селани и занаетчии во услови на директната демократија во античка Атина. Неуспехот на атинската демократија не се должел на природната слабост на директната демократија, туку, прво, на фактот дека директната демократија останала делумна, опфаќајќи само дел од населението, и второ, директната демократија никогаш не била завршена со соодветна економска демократија, бидејќи „демократија постои кога сиромашните, а не имотните, се владетели“ (Аристотел).

Апологетите на денешниот систем во цел свет го промовираат приватниот интерес за основен фактор на мобилизација на човекот. Но, Маркс докажал дека не е така. И не е можно кон ова да не се додадат пак Марксовите зборови: „Приватниот интерес ја дели нацијата на толку нации колку што во неа има возрасни поединци“. Поборниците на „националното единство“ треба да размислат добро како да го „облагородат“ приватниот интерес и да ја елиминираат оваа негова негативност, која досега е потврдена во безброј злодела низ историјата. А во „Капиталот“ Маркс вели: „Погрешна апстракција е да се смета нацијата, чиј начин на производство се темели на вредноста и е капиталистички организирана, како организирана целина, која работи само за национални потреби“. Цитираното не имплицира заклучок за откажување од националните чувства, туку тоа докажува дека не е можно градење на национално единство со стоковно стопанисување[2]. А сите досегашни „лидери“, дури и „комунистичките“, тоа го правеа. А го прават и денешните. Сите тие заговараат еднаквост, рамноправност, законитост, правна држава, сожителство и какви не сè уште чуда на стоковното стопанисување, кои се исклучуваат со него. Тоа признава само господство на капиталот и сè друго паѓа во вода пред него. Да не може да се види тоа е доказ на интелектуално слепило или на крајна неодговорност и несовесност што заслужува и кривично гонење.


 

[1]Да нема недоразбирање. Самата Ленка не е глувчешко дувло. Ленка беше (!) глувчешко дувло за Савески и неговите пробалистички другари сè додека не преминаа во својата новосоздадена организација „Солидарност“. Ленка, според мене, е светилник за неимотните и обесправените во овие мрачни посттранзициски години на нашата држава.

[2]Марксовиот цитат пак е докажан од животното искуство. педесетипетгодишниот Нагиб Дервиши од гостиварско Форино загинал на лице место откако автомобил го удрил додека возел велосипед. Полицијата соопшти дека го уапсила шеесетишестгодишниот Џемал И. кој претходно имал жестока расправија со загинатиот. Двајцата се расправале за поставување бандери на нива и се обиделе да се пресметаат физички додека биле во селото Чајле. Локалните жители успеале да ги разделат. Потоа Дервиши се качил на својот велосипед и тргнал кон домот во село Форино. Од истото село бил и неговиот единаесет години постар соперник Џемал. Тој со својот автомобил по пат го стигнал Дервиши и го удрил додека возел велосипед по патот. Потоа Џемал удрил во бетонски столб и во банкина на патот и без да застане продолжил дома во Форино. Удрениот Дервиши починал на лице место од тешките повреди. Полицијата го уапсила осомничениот Џемал И. (Канал 5 Телевизија). Со пазарното стопанисување се постигнува Хобсовото „Човек на човека е волк“, бидејќи во него „Брат убива брат за грст пари или за педа земја“. Кога нема љубов ни меѓу родени браќа, како може да има сожителство меѓу луѓе, кои се расно, национално, верски и класно разединети? Тоа протагонистите на денешниот „најдобар од сите можни добри системи“ не ги загрижува. За нив е важен профитот, а што стои зад него – тоа за нив не е важно. И како човек да не каже за такви општественици дека се или идиоти, или геноцидни злосторници штом бранат систем во кој „мајката на синот душман му раѓа“.