Омаж на Лина Бо Барди

23.10.2012 10:05
Омаж на Лина Бо Барди

Неодамна во Сао Паоло е отворена навистина интересна изложба. Имено, познатата куќа на Лина Бо Барди, пионерка на модерната архитектура во Бразил, позната како Casa de Vidro (Стаклена куќа) со години постојано ги инспирира генерациите млади архитекти кои доаѓаат, заљубениците во архитектурата и сите други љубители на уметноста, а сега му послужи како инспирација и на кустосот Ханс Улрих Обрист, кој реши во неа да ја смести изложбата „The insides are on the outside“.

Лина Бо Барди е родена во Рим, а во триесеттите години емгигрира во Бразил, заедно со сопругот Пјетро Марија Барди, во земјата која ја привлекла со својата култура и сензибилитетот на луѓето, а која и неа веднаш ја прифатила во иста мера, непосредно по доаѓањето. Надалеку е позната изјавата на Лина таа не е родена во Бразил, туку го избрала Бразил како место каде сака да живее, што всушност го прави два пати поголема татковина отколку земјата во која се родила. Првиот архитектонски проект кој го завршила е токму Стаклената куќа во која in situ се преплетува европското наследство на Лина и рационалното образование, но и бразилскиот дух и само нејзе својствената, единствената хипертрофирана чувствителност и свест за негување на заедништво со природата. Заедно со истенченото чувство за вистинската мера, сите елементи се обединети во едноставно сјајна комбинација, па така делото на Лина и Стаклента куќа со право се сметаат за најзначајни настани кои всушност ја дефинираат и насочуваат модерната архитектура во Латинска Америка. Затоа, не нè изненадува овој избор на кустосот.

Куќата е изворно проектирана и користена како приватна резиденција на Лина и Пјетро, а потоа самиот Пјетро ја донирал за да го вдоми Институтот Лина Бо и П.М. Барди. Издигната од тлото со главен волумен на дневниот престој поставен на нежни столбови, куќата е сместена на врвот на брдо среде дождовна прашума, кадрирајќи така најдобра визура на недопрената околина и потенцирајќи го силниот однос со природата, кон кој Лина постојано тежнее во своите дела.

Изложбата опфаќа дела на повеќе од триесет уметници и архитекти, групирани во три фази. Сите одбрани дела всушност се своевиден омаж на Лина Бо Барди, а нивното сместување во просторот всушност е конципирано како спротивност на интимноста на градината, студиото и куќата, која архитектката во проектот ја ставила на прво место.

Дека едноставно станува збор за силна уметница која не престанува да биде инспирација за другите во нивните дела, покажуваат и сите автори на изложбата токму со своите концепции. Така, делото на Пауло Мендес да Рока, реферира на острото кај архитектката, додека Валтерико Калдас поставува повеќекратно рефлектирачки огледала во спалната соба, нагласувајќи го така проектот на Лина. Силдо и Синтија Марсел се обиделе повторно да ја создадат атмосферата на животот на сопружниците во оваа куќа, па така, кога се качувате по скалите на катот, се чувствува силен мирис на кафе и се слуша продорен машки глас кој вели „Лина, направи ни кафе“ - во само една проста и пред сè секојдневна реченица авторите истовремено го проблематизираат односот помеѓу мажот и жената, но и фашизмот и комунизмот. Имено, според една приоказна, кога одредени политички дискусии на друштвото во куќата ќе се разгореле, Пјетро Марија ја испраќал жената во кујната да направи кафе.

Меѓу другите, на изложбата ќе се претстават и Рем Колхас, Норман Фостер, Арто Линдзи, Ден Греам, Доминик Гонзалез-Форстер, Хозе Селсо Мартинез Кореа, Олафур Елијасон и други.

Инаку, слични иницијативи ни се познати и од порано, па така, овој концепт е применет и, на пример, на куќата на Луис Бараган во Мексико.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото