Окно анкета за СК014 (9)

24.10.2012 11:10
Окно анкета за СК014 (9)

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
2. Што друго би издвоиле од „Скопје 2014“, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?

 


Лилјана Неделковска, историчарка на уметноста


(...) срамот можете да го пронајдете во секоја куќа, догорува во пепелниците, врамен виси на ѕидот, го прекрива креветот. Но никој не го забележува. И сите се цивилизирани.
Салман Ружди, Срам, 1983


Сè повеќе и повеќе се фаќам себе си како запаѓам во состојба на немислење, не затоа што не сакам, или затоа што се плашам да поставам прашања, туку зашто чувствувам дека ниту еден одговор нема да може да ме утеши, нема да може да го отстрани срамот што го чувствувам пред триумфално-монументалната вулгарност на “новиот“ изглед на градот.


***

Срамот, неговиот скриен изглед, срамежливо се шета по плоштадот, во паркот, на кејот, неприметно се влечка по улиците, се крие зад фасадите на зградите, се шмугнува покрај збрчканите и истрошени лица, се таложи под ноктите ...Но никој не го забележува. И сите сме култивирани..

***

И затоа, сè повеќе и повеќе се фаќам себе си како се обидувам да исцртам нова мапа за ориентација и движење, еден вид на периферна заобиколница по која би чекорела замислувајќи дека градот е невидлив.

 

Филип Јовановски, визуелен уметник

1
Огромна е конкуренцијата. Откако го објавија проектот до денес поради големата конкуренција речиси секојдневно го менував својот фаворит, бидејќи и секојдневно се изненадувам со по некој детаљ во целокупната слика за овој проект. Деновиве се мислам помеѓу “Паднатите херои“, вицот околу загатката и Прометеј во целиот тој комплекс; заедно со нив и стрипот за доењето на Александар (во необјаснив соцреалистички наратив) од страна на неговата мајка Олимпија; искрено, некогаш фаворит ми е и музиката на John Williams за Индијана Џонс што оди на плоштад, се надевам дека властите имаат права за тоа.

Би ја издвоил, сепак, постапката на ПОКРИВАЊЕ со гаќи на Прометеј поради тоа што на АНОНИМНИ граѓани тоа им пречело. Тоа, за сега, ми е фаворит. Ова “ДЕЛО“ е можеби врвот на контрадикторноста на проектот, тоа е еден вид ЛЕГАЛНА ЦЕНЗУРА, оксиморон сам по себе. Контрадикторност и во смисла на тоа како еден автор дозволува тоа да му се случи на неговото дело (како да се самоцензурира), но и како на некој тоа му пречи и веднаш пристапуваат кон интервенција врз уметничко дело.

Како и да е, конкретно за овој споменик, односно за Прометеј, имав сопствен коментар во делото “Музеј 27 мај“ во склоп на изложбата Стратегии на сеќавањето на иницијативата Кооперација, каде што реферирав на (не)сеќавањето на плакатот на словенечката група Ирвин кога исто така со користење на знакот на Прометеј беше добиена прва награда за Денот на младоста во 1986 година. Набрзо се дозна дека симболот бил користен од фашистичкиот сликар Ричард Клајн - и веднаш се крена паника во целата тогашна југословенска јавност. Што некако треба да имплицира дека не треба да се заборава механизмот на историјата.


2
Позитивно е што излегоа на виделина голем број уметници, некои од нив аматери/дилетанти, кои со години немаа што да кажат, и се криеја по некои дупки изигрувајќи несфатени. Сега сфативме што требаше да не сфатиме. По урнекот на фирентинската ренесанса, очекувам и околу СК014 да се развие таканаречениот Стендалов синдром (лошење од преголемо присуство на “ЕСТЕТИКА“ ). Само што сега Медичи е заменет со народни пари.

Позитивно е што постои голема можност проектот да нè натера да најдеме начин како да се направи вистински културен отпор и да се создаде културна самосвест. Можеби ќе помогне да сфатиме дека културата не е даденост, туку дека треба сериозно да се заслужи доколку сакаме таа да дава долгорочни резултати, коишто нема да се повикуваат на фамилијарните црева, резултати коишто ќе им кажат на уметниците, особено на аматерите/дилетантите, каде точно им е местото (во историјата). Доколку СК014 не успее да нè натера во тоа, не бил доволно успешен.


3
Искрено, не знам што повеќе да кажам за СК014. За мене сега има смисла со друг вид стратегија да се покаже отпорот кон проектот. Бидејќи СК014 треба да се гледа како постапка, а не само како ефект. Ме интересираат последиците и причините зошто се случи. Мислам дека сериозна свесност ќе покажеме како општество доколку успееме да ги сфатиме причините и последиците и да се справиме со нив макар и задоцнето. Треба да ја пренесеме и преземеме одговорноста со сите последици, и позитивни и негативни.

Се разбира, ме плашат метастазите од проектот, кои сè повеќе ги гледам и во други области на уметноста. Метастазите од идејата дека одредено минато (какво и да било) треба да се избрише. Или да се повикуваме селективно на друго минато, минато коешто во моментов „ни одговара“. Не можеш да избришеш нешто што е дел од твојот живот и култура. Или сепак можеш?! Во проектот за СК014 се работи за живи луѓе, а не за скулптури. Живи луѓе кои до скоро активно земаа учество на државни, национални изложби, изигруваа авангарда, или пак жустро се бореа за некаков градски живот; ама испаѓа дека сега, наоѓајќи се во СК014, покажаа што навистина мислат, како целиот нивен претходен јавен живот да не постоел. Тие луѓе покажаа дека не знаат за каков било концепт на уметничка одговорност. Што во суштина можеби е океј, сега знаеме со кого и како да се дружиме, или барем знаеме повеќе од претходно.

Се работи, значи, не само за тоа да ги откриеме „камуфлираните“ луѓе, туку дека треба еднаш да признаеме и да преземеме одговорност пред сè лична, а не краткорочно да се повикуваме на историјата, а притоа да имаме огромни дупки во паметењето. Ако не сфатиме каде промашивме, ќе ни се случат (и тоа со право ) цел куп следни вакви проекти. Бидејќи СК014 е постапка, а не естетика, естетиката е само ДИЗАЈН кој ја продава приказната за некоја инстант историја, измислена историја. Но, сепак мислам дека е важно што правиме после тоа, после 2014, или пред тоа, сега! Или што правиме со метастазите? Ќе ги лечиме ли? Ќе сечеме раце, нозе? И дали воопшто сакаме да го разбереме проектот, дали сакаме да сфатиме зошто ни се случи, бидејќи верувам дека СК014 е конструкт и плод на сериозно и долгогодишно истражување, а тоа некако го занемаруваме цело време и се однесуваме како да ни го увезле од некаде, а е создаден од речиси истите тие луѓе коишто и порано и сега се помеѓу нас. Можеби затоа деконструкцијата на СК014 ќе бара многу труд...

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото