Истребување на поинаквите

25.10.2012 13:12
Истребување на поинаквите

По привршувањето на идентитетскиот и криминоген инженеринг наречен Скопје 2014, Груевски настапува со нов проект, овојпат биополитички и, според мене, пострашен од оној претходниот. Очекувам 3Д анимација и многу сум љубопитна како ќе изгледа. Се прашувам дали овој псевдо-господин и псевдо-политичар и псевдо-патриот, има ронка доблест и разум и дали знае што зборува и што предлага!

„Живееме во време кога не само што е сè поголема реткост второ дете во семејствата, а камоли трето и четврто, туку спротивно на тоа водиме дебати за искривени вредности, за еднополови бракови, па уште и посвојување деца во тие еднополови бракови, за некакви права на жените, па на мажите кој од нив е позастапен во политиката или во бизнисот, а додека се трошиме на тие теми нам како држава ни снемува народ.“

Очекувам да почнат да ги „ловат“ луѓето со хомосексуална ориентација, но и не само нив, туку и жените кои не се според нивните критериуми „општествено и репродуктивно полезни“ и кои бараат „некакви си права“. Да ги ловат како што ги ловее кучињата кога доаѓаше Бил Клинтон и кога се случи најголемиот помор на кучиња скитници во градот, за време на нивното владеење, додуше со другиот нивни лидер, ама не е битно, тие се луѓето...

Занемена сум... И немам што друго да кажам оти сè ми се чини испразно... Само би додала извадок од едно постаро интервју на Петре м. Андреевски:

(...) Историјата може да биде адут, но не и утеха. Дури ни лажна. Ние треба да имаме некаков концепт што ќе правиме со иднината. Зашто, минато е веќе и ова што завршува денеска, додека разговараме, и тоа е живо само додека ние живееме. Затоа јас повеќе сакам да мислам на иднината, без да се забораваат притоа поуките од минатото. Не сакам иднината и без нас да продолжи. Таа не може да нè почека кајшто сакаме ние, или да нè запамети без наше знаење. (...) Ние, целиот Балкан, лелекаме да влеземе во Европа, а не знаеме како да влеземе дома. Мислам дека најголема причина за сомничењата на балканскиот човек е неговата сиромаштија. И тој, во секоја поголема криза, вината ќе ја бара кај другите. (...) Правото на мислење си го одредувам според тоа колку слобода си имам дадено на располагање. Но бидете убедени дека, кога не се согласувам со себеси, не се согласувам со никого. Никогаш не сум посакал животот да ми биде сосема јасен и логичен. Онаму каде што се обидувам да најдам некои одговори, тоа не е за да дојдам до некои дефинитивни заклучоци, туку за да видам како јас го живеам животот со сите негови морални осцилации. (...)

Преземено од Фејсбук профилот на Искра Гешоска, жена која не одговара на биополитичките стандарди на општеството кои ги воспоставува владата на Груевски

Колаж: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото