Меморијален споменик на Синтите и Ромите во Берлин

26.10.2012 09:46
Отворен меморијален споменик за Синтите и Ромите во Берлин


Берлин е дом на неколку споменици од мрачното минато на Германија. Пред два дена канцеларката Ангела Меркел учествуваше во поставувањето на уште еден споменик, посветен на Синтите и Ромите убиени од нацистите во холокаустот. Потсетувањето на уништувањето на ова малцинство што денес е во подем во Германија, не можеше да биде подобро темпирано.

Со години, најсевероисточниот агол на берлинскиот голем централен парк наречен Тиергартен едноставно беше ограден. Бариерите сокриваа мало градилиште под дрвјата и се чинеше дека таму ништо не се работи. Изгледаше како проект што никогаш нема да биде завршен.

Споменикот на Синтите и Ромите убиени од нацистите во текот на Втората светска војна е поставен во паркот Тиергартен, веднаш спроти зградата на германскиот парламент во централен Берлин.

Но, во средата проектот конечно се заврши. Германската канцеларка Ангела Меркел, федералниот претседател Јоаким Гаук и неколку други видни политичари се собраа под облачното небо за да го отворат споменикот на околу 500.000 Роми и Синти убиени од нацистите во Porajmos – како што европските Роми го нарекуваат холокаустот.

Обраќајќи им се на собраните луѓе, меѓу кои имаше преживеани од холокаустот и видни германски политичари, Меркел истакна дека „Споменикот за Синтите и Ромите од Европа убиени во национал-социјализмот“ е поставен е во чест на Синтите и Ромите, жртви на нацистичките расни чистки во Европа, и ги потсети живите на нивната должност да ги заштитат малцинствата од зло: „Хуманоста значи да не ја свртите главата кога достоинството на некоја личност е загрозено. При комеморацијата на жртвите секогаш има искра ветување и на овој начин ја разбирам нашата должност да ги заштитиме нашите малцинства. Но, да не го избегнуваме проблемот, Синтите и Ромите денес страдаат од дискриминација и исклучување“.

Важноста на завршувањето на овој споменик, рече Меркел, „не смее да биде преценета“, додавајќи дека тој е сеќавање на геноцидот кому „премногу години му беше посветувано премалку внимание“.


Неколку важни личности, вклучувајќи ги Ангела Меркел (централно) и градоначалникот на Берлин Клаус Воверајт (странично десно) беа присутни на церемонијата. Овде, дизајнерот на споменикот Дани Караван (сино палто) се ракува со Рајхард Флоријан, којшто го преживеал холокаустот.

Меркел забележа и дека, во време кога Синтите и Ромите остануваат мета на десничарските напади, дури и на официјална опресија во Европа, споменикот доаѓа во најдобро време. „Германска и Европска задача е да ги поддржат (Синтите и Ромите) каде и да живеат, во која и да е земја“, рече таа.

„Секоја генерација мора одново да се соочи со сопствената историја. Затоа мора да имаме соодветни места каде што ова е возможно и каде што луѓето можат да одат и во иднината, кога преживеаните нема веќе нема да се живи. Секоја поединечна судбина во овој геноцид е страдање отаде границите на разбирливото. Секоја поединечна судбина ме исполнува со тага и срам“, додаде Меркел.

По говорот на канцеларката, свиреше траурна музика со виолини, додека Синти девојче положи еден цвет на подвижниот триаголен столб во центарот на водената инсталација.


Споменикот е кружен рефлектирачки базен, опкружен со рамни камења. На некои од камењата се впишани имињата на нацистичките концентрациони логори и логорите на смртта.

Споменикот е лоциран веднаш спроти прометниот булевар пред Рајхстагот, каде што се среќава германскиот парламент и недалеку од огромниот споменик посветен на Евреите убиени во холокустот, што беше отворен 2005 година. Исто така, во близина е споменикот на геј мажите и лезбејките прогонувани од нацистите, што беше откриен во 2008 година. Споменикот на Синтите и Ромите претставува голем кружен базен со вода што ја рефлектира околината, околу кој се распрснати бројни хоризнотални рамни камења, а на некои од нив се впишани концентрационите логори. Во средината има подвижен триаголен столб, што има држач за еден свеж цвет што секојдневно ќе се менува и обновува.

Дани Караван, израелскиот уметник и дизајнер на споменикот, го опиша со зборовите: „Секој ден цветот исчезнува и се заменува со друг; како и молитвата што нè потсетува никогаш да не заборавиме, никогаш“.


Долго време се очекуваше поставувањето на споменикот. Караван го заврши дизајнот во 1992 годоина, но дебатата за соодветниот напис за споменикот траеше со години.

Споменикот посветен на Синтите и Ромите жртви на Холокаустот имаше отежнато раѓање. Во раните деведесетти години, Леа Рош инсистираше на тоа дека плански споменик на жртвите од холокаустот во централен Берлин – оној што германската новинарка и активистка со големи напори го поддржуваше – треба да биде посветен ексклузивно на околу 6 милиони Евреи убиени од нацистите, што ги наведе другите групи прогонувани во Третиот рајх и пред Втората светска војна да почнат да лобираат за нивни споменици посветени само ним.

Најновиот споменик е продукт на овој иницијален поттик. И покрај тоа што се согласија околу дизајнот, претставниците на Синтите и Ромите со години дебатираа за соодветниот натпис. Исто така, и прашањата како она за финансирањето, на пример, го забавуваа проектот. Како и да е, на крајот германската федерална влада го дополни недостатокот од 2,8 милиони евра и песната „Аушвиц“ од ромскиот автор Сантино Спинели беше избрана како натпис.


Во центарот на рефлектирачкиот базен има мала триаголна платформа што има простор само за една роза. Еднаш дневно платформата ќе потоне под површината и цветот ќе биде заменет со свеж.

Масовното убивање на европските Синти и Роми започна уште пред она на Евреите. Во 1938 година, Хајнрих Химлер, раководителот на озлогласените СС одреди, спроведе наредба која го формулира „финалното решение на циганското прашање“. Останува нејасно точно колку луѓе биле убиени во нацистичките логори на смртта, но најверодостојните процени изнесуваат половина милион. Како и да е, дури до 1982 година овој геноцид не бил официјално признаен од страна на германската влада. „Со децении жртвите на нашето малцинство мораа сами да се справуваат со своето страдање“, рече Романи Роуз, раководителот на Централниот совет на германските Синти и Роми, додавајќи дека многу историчари го забораваа она што тој го нарекува „другиот геноцид“. „Благодарен сум и’ на германската влада што го отвори овој споменик за јавноста и неговата локација, толку близу до германскиот парламент, ја разбирам како обид за помирување“.

Како што беше случајот и со Евреите, нацистите ги прогонувале Ромите затоа што ги сметале за расно инфериорни и поради тоа биле заслужни за истребување. Најголем дел од Ромите биле погубувани во гасните комори на Аушвиц или биле испраќани во логорите според операцијата Рајнхард; оние што не биле испратени во логор, локалната полиција ги стрелала на лице место. Додека многу луѓе имаат широки познавања за холокаустот на Евреите, како што е и потребно, многумина и денес се сосема неинформирани за геноцидот на Ромите.


Германската федерална влада издвои 2,8 милиони евра за овој споменик, што им се придружува на споменикот на Евреите убиени во холокаустот и на споменикот посветен на хомосексуалците прогонувани од нацистите.

Меморијалниот центар во Берлин е од особена важност имајќи ја предвид зголемената дискриминација и нетолеранција кон Ромите во земјите низ Европа. Неодамна, во август 2012 година, француската влада растури неколку кампови на Ромите подигнати на рабовите на неколку француски градови и насилно депортираше илјадници Роми во Романија и Бугарија. Францускиот министер за внатрешни работи ги нарече Ромите „ѓубрето на Европа“, неприфатлива и расистичка изјава за којашто доби малку од заслужените критики.

Подигнувањето ваков споменик го враќа фокусот врз големото страдање и дискриминација што ја доживувале Ромите во текот на владеењето на нацистите, со надеж дека ова ќе создаде зголемена емпатија и разбирање за ова европско етничко малцинство. Исто така, подигнувањето споменик значи признавање на грешките што германската држава ги направи со оваа етичка група. Понатаму, претставува потсетник за тоа колку лесно растечката медиумска, политичка и социјална дискриминација може да се претвори во масовно убивање. И, можеби најважно е дека овој споменик ги отвара вратите за другите европски земји да ги препознаат минатите неправди извршени против Ромите, што можеби може да објасни зошто денес тие се најмаргинализираното етничко малцинство во Европа. На пример, во текот на минатите векови, многу европски земји усвоиле закони што им забрануваат на Ромите да стапнат на одредени места или да се запишат на училиште. Во извесна мера, ова резултирало со тоа што многу ромски култури во многу земји останале неописменети. Во актуелните дискусии што ги обвинуваат Ромите за тоа што не се здобиле со образование, овој факт никаде не се споменува. Со нагласувањето на дискриминацијата на Ромите во минатото, вината за интергрирањето ќе биде префрлена од самите Роми, на коишто често им се замерува дека не сакаат да бидат „интегрирани“, кон општествата што ги примиле, кон самите општества што за Ромите со векови ги затворале своите врати.


Дани Караван, 81, е израелски уметник што создаде неколку споменици посветени на жртвите во Втората светска војна околу Германија. Уште едно негово дело е споменикот посветен на неколку члена во германскиот устав, лоциран само неколку стотини метри подалеку од новиот споменик на Синтите и Ромите.

Но, како и Меркел, и Роуз, ја нагласи моменталната важност на споменикот. Како и порано минатата седмица, повторно и на церемонијата во средата, го потенцираше прогонувањето на Синтите и Ромите во многу земји во Источна Европа, како и во Германија.

Во разговор со Spiegel Online оваа седмица, Роуз изјави: „Нашето малцинство живее во, понекогаш, многу заканувачки ситуации во Источна Европа, во коишто униформирани десничарски екстремисти маршираат низ селата и ги плашат луѓето“.

Во средата тој укажа со слично предупредување: „Во Германија и Европа има нов и зголемено насилен расизам против Синтите и Ромите. Овој расизам е поддржан не само од екстремните десничарски партии и групи, туку сè повеќе наоѓа поддршка во сржта на општеството“.


Романи Роуз, раководител на Централниот совет на германските Синти и Роми, ги потсети присутните дека расистичките чувства насочени кон Ромите во Европа остануваат живи и негибнати.

Подигнувањето на споменикот, како и зборовите на Меркел, треба да нè инспирираат сите нас да и’ ставиме крај на актуелната дискриминација на Ромите. Нивното страдање во текот на ерата на нацистите, документирано и со новиот берлински споменик, беше екстремно и засекогаш доволно. Во продолжувањето на омразата кон Ромите, ние го перпетуираме нацистичкото наследство, што е срамно и неприфатливо. Наместо тоа, треба да бараме решенија заедно со Ромите, решенија што ќе осигураат еднакво почитување на нивната култура и историја во Европа и ќе овозможат тие да го најдат сопствениот простор во европските земји и Европската унија.

Извори: digitaljournal.com, nytimes.com, spiegel.de

Слични содржини

Општество / Историја
Јавни простори / Историја
Активизам / Јавни простори / Историја
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото