Брендирање на американската историја

26.10.2012 10:25
Брендирање на американската историја

Во екот на претседателската кампања во САД каде што визуелниот идентитет на кампањата пренесува голем дел од политичките пораки, дизајнерката Мег Џенот од Детроит започна проект на брендирање на сите американски претседатели.

Кампањата на Барак Обама од 2008 година, на која се надоврзува и годинашнава, се смета за иновативна поради бројот на уметници и дизајнери кои, под водство на Скот Томас од чикашкото студио SimpleScott, работат на создавање единствен визуелен идентитет со цел јасно пренесување на политичките пораки. Поттикната од важноста која му се придава на визуелниот идентитет на политичките кампањи денес, Џенот одлучила да креира визуелен идентитет за сите претседатели на САД во историјата.

Ако ја погледнете книгата на Скот Томас Designing Obama (можете да ја прелистате на дното на страницата на која ве води линкот), проектот на дизајнерката да направи визуелен идентитет за секој од четириесет и четирите американски претседатели (или нешто помалку со оглед на тоа дека поновите имаат разработен визуелен идентитет) ќе звучи невозможно. Сепак, дизајнерката појасни дека сакала да направи серија од дела, но за секое да не потроши повеќе од еден ден. Разгледувајќи ги делата треба да се има на ум дека не станува збор за комплетна реализација на бренд на секој претседател, туку повеќе за скица на истиот. Исто така, делата не се конципирани за да создадат симпатии кон времето на владеење на еден претседател, туку со минимални средства го пренесуваат идентитетот на претседателите во историјата, онака како што ги доживуваме денес. Влијанието на филмот и популарната култура врз денешната перцепција на некои од претседателите во историјата е видлив и во графичкиот дизајн на овој проект. Џенот вака го опишува своето дело: „Кога почнувам да работам на еден претседател, ги истражувам неговите особини и карактеристики, по што бил познат кои му биле прекарите и сл. Со изборот на фотографијата и типографијата се обидов да ги имитирам тие работи“.

Без оглед на временското ограничување, Џенот дошла до интересни решенија. Пренесуваме дел од нив, а останатите можете да ги видите на Branding the Presidents of the United States.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото