Се молат пазачите да не зборуваат пред рака

27.10.2012 12:21
Се молат пазачите да не зборуваат пред рака

Во традиционалните светогледи една од најголемите причини поради која брачните двојки немаат деца е паниката. Имено, тоа е период кога мажот или жената почнуваат да си умислуваат дека сите наоколу почнале да им зјапаат во стомакот или да се заинтересираат за нивната настинка и слично. Тогаш, велат старите, од таа паника на брачната двојка, или само на едниот од нив, настапува стегнатост и дека токму тоа е главна причина поради што, иако здрави и прави, идната мајка и татко, сè уште не се тоа. Не знам за некоја научна потврда до кои сè органи се протега ова напнатост и стегнатост, но можно е да има вистина во ова старо образложение, посебно заради тоа што добивањето принова е психо-физички комплексен процес кој бара одредени активности, актери и претходно обезбедени услови, и кој на крајот кратко е наречен како: судбина!

Ако сето ова би се обиделе да го преведеме во македонски услови, стравот и паниката би биле уште поголеми. Што не е чудо во држава каде најчесто занимање е пензионер, а најчест статус е невработен. Држава во која не се спроведе единствениот добар проект: регулаторна гилотина. Можеби така некако ќе имаше минимум правна држава која некако ќе гарантираше дека државата нема да биде запоседната од партиите, а партиите од фамилиите. Тука, каде од лихварските каматни стапки проектот за вдомување од „Купи куќа, купи стан“ се претвори во: „Губиш куќа, ако купиш стан“. Овде, да не беше тој комплексен процес наречен судбина, луѓето немаше да се осмелат ни на тие одредени активности за добивање на принова. Но, овој процес е судбина која е проткаена со лубов, верба и надеж и нè имало и сме се подновувале и во потешки услови и состојби.

Но, с
è дури не се спроведе попис на населението при ниедна од инсинуациите дека „ни снемува народ“ нема да се знае точно на кој народ се мисли. Дали на ергените, дали на оженетите и мажените или пак на тие што си одат или на тие што остануваат? Сè дотогаш сè е препоставка и сè е наметнато, токму како дебатите за поинаквите врски и семејства. Дебата, наметната од министер на истиот тој премиер, кому од двата најголеми споменика што ги постави едниот му е со поинаква сексуална ориентација, а другиот полигамист. Толку наметлива и ненормална е расправата за нормалните семејства, бракови и врски во ова сè уште општество со најголем процент на уважување на традиционалните семејни вредности, можеби во целиот регион, што просто го тера човек да размисли да не е ова некое намерно тенденциозно артикулирање на гнев кон некоја малцинска група, индиректно промовирање на евроскептицизам или обична „држете го лоповот“ стратегија. Стратегија која веќе беше имплементирана во многу европски држави токму од поединци со такви поинакви сексуални ориентации. Имаше чести случаи на фашисти и нацисти кои си ги тераа своите поинакви и чудни ќефови и гревови, но другите ги прогонуваа токму поради истите нешта.

Но, зошто токму сега дополнително кревање паника и влевање страв? Зошто од палење свеќа се премина на држење свеќа? Зошто да се протега наметливоста на државата, партијата и фамилијата сè до нашите семејства и фамилии? Зарем не се размислило дека токму тоа пречи за добивање принова? Зошто токму сега премиерот ни зборува во рака и други потребни органи за добивање принова? И конечно, каде се тие од ДУИ во сето ова?

Мислам дека одговорот за причината е многу приземен и политички. Премиерот и тие околу него на големиот митинг на опозицијата оваа недела ќе имаат шанса да видат дека единствен народ кој не го снемува туку се зголемува е токму опозицискиот народ. Тој страв и паника тера на наметнување и на други странични ефекти од истиот. А во ДУИ има многу ликови кои откако дојдоа во Скопје ги научија местата каде се шетаат „пазачите“: како Градски Парк, позади Кале итн. Бидејќи се релативно снаодливи тие си најдоа место помеѓу Градски Парк и позади Кале и се стекнаа со статус: воајери! Сепак, имаат плата и канцеларија и за себе сакаат да веруваат дека имаат меѓународна подршка, па ете си го заслужија овој интернационален назив!

Извор: Фокус, 25.20.2012

ОкоБоли главаВицФото