Конзервативна психа

29.10.2012 09:42
Конзервативна психа

Пред неколку месеци, демократските оперативци, барајќи најдобар начин да го дефинираат Мит Ромни, открија нешто интерсно за буџетот на Пол Рајан. Њујорк Тајмс пренесе дека гласачите, кога во фокус групите им биле претставени деталите на неговата програма, мислеле дека овој план е толку суров што „едноставно одбиле да поверуваат дека некој политичар може да направи такво нешто“.

Со укинувањето на негативниот данок на доход, кој одржува милиони семејства над сиромаштијата и преполовувањето на субвенциите за здравствена грижа на децата, Џонатан Кон вака ја опиша „Америка на Пол Рајан“:

„Милиони работоспособни Американци ќе го изгубат здравственото осигурување. Постарите граѓани ќе се двоумат дали да платат кирија или здравствени трошоци, што е дилема која не ја имале од шеесеттите. До 2050 државата ќе биде толку осиромашена што нема да има доволно пари за најосновните функции, како испитување на исправноста на храната и одржување на автопатиштата“.

Рајановата „мапа на патот“ е можеби најнесериозниот буџетски план кој доаѓа од Вашингтон, но воедно е и показател за тоа колку републиканците во последните години се поместиле на десно. Според резултатите од новата анкета на Pew центарот, во 1987 година 62% од републиканците сметале дека „државата треба да води грижа за луѓето кои не можат да се грижат за себе“, но сега тој број опадна на само 40%. Таквиот став можеше да се забележи на дебатите на републиканските кандидати минатата есен, која модераторот Вулф Блицер го праша Пол Рајан каква судбина би требало да ја снајде здравата личност без здравствено осигурување, ако одеднаш заболи од катастрофална болест. „Конгресмену“, инсистираше Блицер, откако Пол започна да го избегнува одговорот, „дали сакате да кажете дека општеството треба да го остави да умре?“ Пред да стигне Пол да одговори, публиката почна гласно да ја поздравува таа идеја, но поединци викаа „Така е!“

Мотивите на Рајан не се чисто идеолошки; тој со години како магнет ги привлекуваше доларите на републиканските спонзори (5,4 милиони долари во неговата кампања за Конгресот претставуваат еден од најголемите изборни буџети во овој циклус). Но, што е со обичните луѓе кои ја прифаќаат оваа идеологија од типот „кој-ги-врти-се-гледам-само-себе“? Како навидум пристојните луѓе од десницата - луѓе кои се грижат за своите семејства и своите заедници - можат да бидат толку сурови? Зарем не сфаќаат какви се реалните последици кога општеството просто „остава некого да умре“?

Додека некои одговори на ова прашање се релативно едноставни, дури и интуитивни, истражувањето на врските помеѓу когницијата и идеологијата нуди подлабоко разбирање на нешто што е навидум неверојатен дефицит на основна човечка емпатија.

Всадување

Наједноставното објаснување на оваа појава се крие во сè поголемата поларизација на нашата медиумска конзумација. Десно настроените луѓе обично ги следат конзервативните медиуми. Кога би ги добивале вестите од Fox и Раш Лимбо и вие би сметале дека планот на Рајан е „сериозен“ предлог за намалување на дефицитот (без оглед на тоа што намалувањето на данокот за најбогатите е такво што буџетот не би бил балансиран со децении).

Но, прашањето е нешто подлабоко. Презирот кој многу Американци го имаат кон социјалната држава долго е толкуван низ расна призма. Во неговата славна книга „Зошто Американците ја мразат социјалната помош“, Мартин Гиленс открива дека иако големото мнозинство Американци на анкетите вели дека сака да се трошат поголеми средства за борба против сиромаштијата, многумина се противат на програмите за социјална помош, поради постојаниот „впечаток дека корисниците не ја заслужуваат социјалната помош и дека црнците се мрзливи“.

Овој заклучок оттогаш го потврдија и бројни истражувања. Но и во скоро време, психолошките истражувања - и некои невробиолошки студии - откриваат нешто друго: либералите и конзервативците не се разликуваат само во ставовите, тие ги обработуваат информациите на сосема поинаков начин, што доведува до тоа да веруваат во потполно спротивни факти.

Што е уште полошо за оние кои политиката ја сметаат за рационален начин за остварување на личниот интерес, фактите тука всушност не се многу важни. Политиката најпрво ја проценуваме емотивно, според длабоко всадената морална рамка, а потоа нашиот мозок се движи наназад, исполнувајќи - или измислувајќи - факти кои се вклопуваат во таквата рамка.

Двоен морал

Веќе долго е познато дека луѓето ги гледаат политичките идеи низ партиски и идеолошки очила. Така, на пример, една низа конзервативни, пазарно ориентирани здравствени реформи, смислена во фондацијата Heritage и со години промовирана од страна на републиканците, одненадеж станува маоистичка завера кога ќе ја прифатат демократите.

Но, според Џорџ Лакоф, когнитивен лингвист од Универзитетот Беркли, не смееме да се држиме до партиската рамка ако сакаме да го сфатиме различното обработување на информациите. Лакоф опишува нешто што би можело да се нарече хиерархија на разбирањето, почнувајќи од нашиот концепт на морал, па до проценка на деталите низ таа призма.

Во „Малата сина книга: водич за демократски говор и размислување“, Лакоф и коавторката Елизабет Велинг објаснуваат дека човечкиот мозок „е сочинет од таканаречени слоеви“:

„Слојот е мрежа од неврони која поврзува многу мозочни кола. Сите поврзани кола мораат да бидат истовремено активни за да произведат одредено разбирање. Едноставно речено, мозокот не ги третира идеите како одвоени ставки: поширокиот контекст, логичката конструкција во рамката која е дефинирана од идеи, се активира за да го сфатиме значењето на некоја идеја. Слоевите се клучни за политичкото разбирање, затоа што ја карактеризираат логиката која ја ствара тоа разбирање.“

Иако либералите и конзервативците во последно време ги сметаат своите соперници за грозни луѓе, според Лакоф, тоа е затоа што ги обработуваат информациите во сосема различни, често дијаметрално спротивни рамки.

Во неодамнешниот разговор за AlterNet, Лакоф изјави: „Конзервативците имаат сосема поинакво поимање на демократијата, кое го следи нивниот морален систем. Нивната основна идеја во економска смисла е дека демократијата им овозможува слобода на луѓето да тежнеат кон сопствениот интерес и сопственото добро, без грижа или одговорност за добробитта или интересот на кој било друг. Значи, тие тврдат дека секој има индивидуална, а не социјална одговорност, дека секој работи сам за себе. Ако успееш, одлично. Тоа е поентата на пазарот. Ако не успееш, твој проблем.“

Но, не се работи само за моралниот императив да се биде самостоен - тоа отсекогаш беше централна идеја во моралниот систем на десницата. Од почетокот на шеесеттите, со појава на длабоко искривениот десничарски наратив за „култура на сиромаштијата“[1], доминантна бајка станува онаа која порачува дека јавниот сектор не работи ништо, освен што поттикнува „независност“. Ова, според современите конзервативци, го прави секој облик на државна интервенција во економијата длабоко неморален, затоа што така еден слој од населението со генерации се држи во сиромаштија.

Овој силен наратив стана уште поважен во конзервативното гледање на светот - со растечкото влијание на Ајн Ранд. Ранд не беше само авторка на третокласни романи. Таа беше и зачетник на сеопфатната „морална филозофија“, која ја оправдува повластената положба на богатите и ги сатанизира не само мрзливите и безвредни сиромашни, туку и безличната средна класа. Во нејзините книги читаме бројни параболи за светот преполн со „паразити“, „крадци“ и „гребатори“ кои ги користат државните лостови за да ги украдат плодовите од трудот на нејзините јунаци.

Иако Рајан неодамна се откажа од филозофијата на Ајн Ранд, останува забележана неговата изјава дека Ранд „дава најдобро објаснување на моралноста на демократскиот капитализам“. Во друга прилика, тој изјави: „Причината поради која влегов во јавниот живот, ако морам да наведам еден мислител, е Ајн Ранд.“

Оваа филозофија постојано се зацврстува. Според Лакоф, повеќето луѓе поседуваат и либерален и конзервативен морал, кои се борат за доминација, додека нашиот мозок ги обработува податоците. Една „невронска мрежа се бори со друга и тие се потиснуваат една со друга.“

За гледачите на Fox News, склопот на конзервативниот морал секојдневно се менува. „Кога едно од тие кола редовно се активира, повеќе отколку другото, последица е тоа што ова првото е посилно, колку што второто ослабнува“, вели Лакоф, „Колку е посилно едно од тие кола, толку повеќе токму тоа ќе има поголемо вјијание на разни прашања.“

Гаснење на мислечкиот мозок

Психологот од Принстон, Даниел Канеман, ја зби претходната теорија за функционирање на мозокот на две нивоа - првото инстинктивно и многу брзо, а второто побавно и свесно. Првото го опиша како интуитивна обработка или „когниција на првиот систем“, а второто како процес на резонирање или „когниција на вториот систем“.

Судејќи според сè, овде е клучно тоа дека кога првиот систем е активен, вториот се гасне. Или, да го формулираме тоа поинаку, кога некое прашање го сфаќаме на емоционално ниво (првиот систем), брзо донесуваме заклучок не занимавајќи се претерано со деталите. Ова е честа појава во секојдневниот живот, но е многу значајна во нашата политичка култура, и иако таа тенденција не е ограничена на одредена идеологија, некои истражувања покажуваат дека политичките конзервативци почесто од либералите се потпираат на брзите заклучоци поврзани со когницијата на првиот систем.

(Во книгата „Републикански мозок“, Крис Муни тврди дека во некои мигови можеби постои поголема еволуциона корист од тоа да доминираат инстинктивните, рефлексивни процеси. Ако сте древен човек и шетате во савана, и слушнете шушкање во џбунот, подобро е веднаш да претпоставите дека се работи за лав и да ви проработи инстинктот за борба или бегање. Ако застанете да ги процените доказите дали е тоа можеби лав, голема е шансата дека нема да ги пренесете гените на идните генерации.)

Имајќи ги предвид слоевите на когниција - од широката морална рамка, преку конкретното прашање врамено во нашиот дискурс и конечно до ситните детали кои многу луѓе ги игнорираат - и имајќи предвид дека брзата, инстинктивна обработка може да ги потисне нашите внимателни, детални когнитивни процеси, лесно е да се разбере како толку луѓе од десницата можат да бидат нечувствителни на реалните последици од постапките како кратењето на средствата за здравствена нега за сиромашните деца. Просто произлегува - од сеопфатната морална рамка на зависност - дека оваа „строга љубов“, иако можеби краткорочно болна, на крајот им оди во корист на оние кои ја трпат.

Не е ли тоа контрадикторно?

Е, во извесна смисла. Но, научниците неодамна утврдија дека човекот има одличен капацитет за поседување контрадикторни уверувања. Едно ново истражување на Универзитетот во Кент, на пример, покажа дека оние кои веруваат дека принцезата Дијана е убиена исто така се склони да мислат дека нејзината смрт е лажирана.

Некои истражувачи тврдат дека ние ја спречуваме болната когнитивна дисонанца со процесот наречен „мотивирано резонирање“, кога бараме уверливи објаснувања за сложените појави, за да сместиме некоие сознание во нашиот претходно изграден систем на уверувања.

Дру Вестен, Павел Благов, Кит Харенски, Клинт Килтс и Стефан Хаман од Универзитетот Ејмори го опишуваат мотивираното резонирање како процес на помош кога „луѓето всушност бараат податоци кои го потврдуваат она во кое веќе веруваат“. Ова, тврдат истражувачите, произведува формирање на имплицитна емотивна регулација“.

Во Њујорк Тајмс, политикологот од Универзитетот Ратџерс, Дејвид Редласк, објаснува дека сите сме по малку недоверливи кон новите информации и порадо се држиме до уверувањата кои веќе сме ги стекнале:

„Често ги игнорираме новите контрадикторни информации, активно ги негираме или омаловажуваме нивните извори, обидувајќи се да ги одржиме постоечките судови. Самоубедувањето е секогаш психолошки полесно од ревидирањето на ставовите. Во таа смисла, нашите емоции одредуваат како ги сфаќаме фактите.“

Сите го прават ова, но некои истражувања покажуваат дека политичките конзервативци, можеби затоа што поцврсто се држат до своите убедувања, и затоа што се помалку склони кон когнитивна дисонанца, полесно се подложни на мотивирано резонирање отколку либералите.

Кога ќе слушнете дека некој како Пол Рајан, на пример, предлага до 2022 да претовари 4.700 долари здравствени трошоци на грбот на постарите граѓани кои живеат под границата на сиромаштија, треба да разберете дека последиците од таквата постапка - фактите, реалните последици од таа политика - често се неважни за сличните луѓе од десницата, не затоа што тие се (нужно) лоши луѓе, туку од едноставна причина што таквите последици не допираат до нив.

И додека многу анализи ја покажуваат недвосмислената суровост содржана во планот на Рајан, овој процес на мотивирано резонирање им овозможува на конзервативците едноставно да им го препречат патот на сите детали кои ја побиваат нивната идеја дека мора да се избегне поттикнувањето на „културата на зависност“.

Овде доаѓаме до една од клучните разлики помеѓу конзервативниот и либералниот когнитивен стил: до „ефектот на противудар“. Авторите на овој термин се политиколозите Брендан Најан и Џејсон Рифлер, кои дошле до заклучок дека конзервативците, кога нивните аргументи се фактички побиени, најчесто уште поцврсто се држат до своите ставови. Таква динамика не е забележана кај либералите (нив фактите не ги убедиле потполно, но не покажале тенденција дека уште поцврсто веруваат во погрешните податоци, откако им се предочени фактите).

Ова не значи дека планот на Рајан - сега практично и на Ромни, и покрај некои негови обиди да се дистанцира - најголем дел од луѓето нема да го сфатат како отровен, кога ќе сфатат што се добива со него. Затоа што, како што истакнува Лакоф, има многу малку луѓе кои се држат претежно до конзервативната или либералната морална рамка - кај повеќето се застапени и едната и другата. Но, ова ни помага да разбереме како навидум обичните граѓани можат да прифатат така сурови мерки. Исто така, ни покажува дека визијата на Рајан не може да се напаѓа само со факти и бројки, туку треба да и’ се спротивставиме со прогресивна морална визија за општеството кое ја вреднува чесноста и разбира дека јавниот сектор во современата економија му служи на приватниот и го поддржува.




[1]Културолошките објаснувања зошто некои групи поминуваат подобро од други достигнуваат далеку во минатото, но современата верзија на приказната за „културата на сиромаштија“ почнува со книгата на социологот Оскар Луис од 1961, „Децата на Санчез“.

Извор: AlterNet

ОкоБоли главаВицФото