Емигрант од Македонија вели дека му е мило што во новата држава не се чувствува како дома

29.10.2012 10:23
Емигрант од Македонија вели дека му е мило што во новата држава не се чувствува како дома

Дубаи, 26 октомври 2012 година

Лазе Торбаровски од Скопје е поранешен студент на архитектура, кој пред шест месеци емигрирал во Дубаи. Тој вели дека му е мило што во новата држава не се чувствува како дома.

-Тука сè е поинаку и нема никакви сличности со животот во Македонија, а тоа е добро затоа што јас побегнав токму заради тоа, вели Лазе.

Тој изјавува дека му е особено мило тоа што, за разлика од неговиот живот во Македонија, во новата држава успеал да најде работа во рекорден рок и без никакви врски, подмитувања и партиски книшки. Исто така, тој е задоволен и од својот работодавец, затоа што неговата плата стигнува на време, секој први во месецот.

-Особено ми е мило и тоа што овдешните соседи не ми досадуваат секој ден и не ми бараат пари на заем, а ме радува и тоа што со својата плата можам да ја платам киријата и да ми останат доволно пари и за останатите потреби. Кога бев во Македонија мојата плата ја трошев за една недела, а потоа морав да се хранам кај моите родители и постојано да позајмувам пари од пријателите.

Пред да го завршиме разговорот тој ни напомена дека за разлика од Македонија, таму, во Дубаи тој не мора да спие по шалтерите за да добие некаква услуга. Исто така, кога прв пат бил на лекар тој му однел виски и кафе на докторот, а овој го гледал зачудено и не сакал да ги прими подароците.

Адаптирано од: http://www.njuz.net