Бакнежот посилен од хомофобичната омраза

29.10.2012 11:04
Бакнежот посилен од хомофобичната омраза

Фотографијата на овие две млади жени што се бакнуваат пред група шокирани демонстранти ги одбележа протестите против истополовите бракови во францускиот град Марсеј и стана инстант хит на социјалните мрежи.

Фотографијата, снимена од фотографот на AFP Жерар Жилиен, го обиколи целиот свет благодарение на социјалните мрежи, со тенденција да се претвори во симбол на движењето што заговара еднакви права за сите.

Во 75 градови во Франција демонстрантите се спротивставија на законот што ќе им овозможи на геј паровите да посвојуваат деца. Во тоа време две млади жени се осмелија да се бакнат пред собраните демонстранти на чиишто лица шокот беше очигледен.

Во разговорот за геј списанието Tetu, девојките објаснија дека имаат хетеросексуална ориентација и дека со својата постапка сакале да го свртат вниманието на прашањето за геј браковите со чист и едноставен гест на солидарност, пишува Huffington Post.

Според AFP, фотографијата стана инстант хит на Twitter и Facebook каде што чинот на солидарност на овие две млади девојки наиде на широко одобрување.

„Нема ништо поубаво отколку тоа да им се одговори на хомофобите со чин на љубов“, напиша еден корисник, а друг додаде: „Љубовта е посилна од омразата“.

Авторот на фотографијата изјави дека демонстрантите биле во шок кога ги виделе девојките како се бакнуваат.

Хомосексуалните парови ќе можат да се венчаваат и да посвојуваат деца од првата половина на 2013 година, вети францускиот премиер Жан-Марк Еро, со што ќе биде исполнето ветувањето од кампањата на претседателот Франсоа Оланд.

Според анкетата спроведена во јануари, 63% од Французите ги поддржуваат истополовите бракови, а 56% поддржуваат посвојување деца за истополовите двојки. Исто така, резултатите од неодамнешната анкета што ја спроведе агенцијата IFOP, покажаа дека хомосексуалците и лезбејките во Франција сочинуваат 6,5% од избирачкото тело, додека католиците, што се сметаат како такви со раѓањето, само 4,5%.

Во текот на претседателската кампања Франсоа Оланд вети усвојување закон за правото на брак и посвојување деца за хомосексуалните парови, најдоцна до пролетта 2013 година.

Во Франција истополовите парови можат да формираат цивилна заедница, но, меѓу другото, не можат да го уживаат правото на наследство или заедничкото управување со недвижниот или движниот имот.

Конзервативните католици веќе се подготвуваат за борба против оваа одлука преку католичката група Civitas Institute, што го предводи протестот против „црвената и секуларна Франција“ и ја критикува „суштински антихристијанската, антисемејната и антинационалната визија“ на Оланд.

Извор: e-novine.com

ОкоБоли главаВицФото