Окно анкета за СК014 (10) - Квинтесенција на глупоста

29.10.2012 11:56
Окно анкета за СК014 (10) - Квинтесенција на глупоста

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
2. Што друго би издвоиле од „Скопје 2014“, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?


Др. Сузана Милевска, теоретичарка на визуелна култура и независна кураторка

1
Јас не мислам дека проектот Скопје 2014 може да биде разгледуван по сегменти бидејќи тоа е политичко-урбанистички проект во кој е опфатен целиот град (не само неговиот центар бидејќи промените во сообраќајот веќе се одразуваат и надвор од просторот во кој се гради). Ако пак се размислува на симболичко ниво јас и тука не би ги издвојувала културолошко-метафизичките категории (македонски идентитет, име, колективна меморија) од прагматичките цели кои јасно се поставени пред проектот (избори, власт, финансиска корист) бидејќи проект чиј целокупен буџет сè уште не ѝ е соопштен на јавноста не би требало да се анализира од споменик до споменик. Морам да нагласам дека моиве одговори се пишувани од позиција на теоретичар на визуелната култура, за која се многу важни општествено-политичките услови и контексти при создавањето на уметничките дела, а не од аспект на некоја формалистичка естетика која за жал кај нас сè уште владее кога се зборува за уметноста и уметничките дела.

Бидејќи е очигледно дека станува збор за политичко инженерство каде архитектурата и споменичката скулптура се само средства, а не цел по себе, со фокусирањето на кој било поединечен објект би се замаглила квинтесенцијата на глупоста на целината. СК014 е една арогантна наметната визија на тоа што сакаме ние како граѓани на Скопје, а без однапред да се провери дали таа визија навистина се совпаѓа со идеите на граѓаните за иднината на овој град, а на кои идеи подеднакво право имаат и обичните граѓани и експертите и власта. Ова ми звучи како некое импровизирано иронизирање со Жак Лакановата мисла дека нашите желби се секогаш нечии туѓи желби кои сме ги интернализирале без да бидеме свесни за тоа (факт е дека по многу платени кампањи во денешново општество кое милува спектакли тешко е човек да не ги интернализира наметнатите стравови и желби да се биде што поголем Македонец, речиси колку што е висока скулптурата качена и на воин и на коњ за да биде што повисока). Интернализацијата на нечии туѓи желби за изгледот на СК014 е само делумна, што покажаа последните анкети во кои мнозинството не се согласи со проектот, но ни тоа не е доволно да се запре со проектот, ниту сега кога проектот е веќе во завршна фаза.

Јас сепак би сакала да потсетам дека бланко чек за власта во демократските општества не постои; секоја одлука за градот, и за многу помали работи, внимателно се преиспитува пред нејзиното донесување по пат на партиципативно и делиберативно одлучување. Начинот како се реализира СК014 (со половични тендери, без архитектонски конкурси, без јавни дебати организирани многу порано, пред поставувањето темели, и сл.) е само уште еден доказ дека во моментов во РМ нема ни “д” од делиберативна демократија, што иако не е брза и едноставна процедура на одлучување би било неопходно да се практикува кога станува збор за проект од ваков обем и цена и кој проект е проектиран не само во нашата иднина туку ја одредува иднината на сите други генерации по нас, со одземањето и на нивното право да доградуваат свои визии.

Ваквиот вид на “елиберативната емократија” (читај: диктатура – со “д”) не е оригинален, како впрочем ни самите објекти. Тој е виден во многу претходни недемократски режими во кои за жал секогаш имало и уметници, архитекти и урбанисти што соработувале од различни причини, а пред сè за да се огребат од моќта која ја зграбиле политичарите од оние кои ги избрале. Често уметниците дури и ги пишувале своите манифести инспирирани од одредени политички агенди или биле инспирација за нив. Најстрашно е што во проектот СК014 единствениот визионер е властодржецот, а не уметниците, па затоа и моето константно одбивање да зборувам за стилови и естетско-уметнички вредности. Уште еднаш ќе нагласам дека одбивам да навлегувам во анализа на стиловите на објектите или талентите на одредените уметници бидејќи за да се дојде до тоа треба да верувам во нивниот авторски и личен интегритет и независност бидејќи за мене уметноста е пред сè интелектуална активност, па дури и ако е политички обоена тоа не би смеело подло да се прикрива или анализира од аспект на естетички вредносни судови и категории (убавина, талент, вкус).

2
Би ја издвоила манифестацијата Бели ноќи и изложбите одржани во рамките на манифестацијата на кои гледам како на еден најнов сегмент на Скопје 2014 кој на мала врата (но и преку Триумфалната капија) навлегува во сферата на современата уметност. Веднаш слушам одбрана на организаторите – Бели ноќи не се планирани и финансирани во рамките на Скопје 2014. Приказни за мали деца - неколку настани во рамките на манифестацијата се одвиваа пред објектите од СК014, а беше инаугуриран и уште еден триумф на глупоста - изложбениот простор во Триумфалната капија (да потсетам, и самиот проект СК014 не беше детално опишан во предизборната програма со содржина и буџет, па дали Белите ноќи биле или не биле дел од Скопје 2014 никој денес не може со сигурност да тврди).

Дополнително, во една од изложбите беше вклучена и авторката на најголемите споменици – Триумфалната капија и Воинот на коњ, што воедно е прво нејзино учество на групна изложба во градов по започнувањето на проектот (а веројатно и пред тоа) со што е очигледна намерата на организаторите на мала врата да се даде легитимитет на Скопје 2014 и на најоспоруваните објекти и автори (во манифестацијата учествуваат и други автори кои беа вклучени во СК014 на различни начини, со сликарии во Музејот на македонската борба и сл.).

Претпоставувам дека сите куратори, ко-куратори и учесници не биле навремено информирани и докрај свесни за целиот контекст и манипулација, но бидејќи секогаш човек има право на повлекување од проектот и на демант тоа не може да биде оправдување. Јас тоа право го искористив. Сепак, во мојот случај беше многу тешко да се издејствува бришење на моето име од листата на учесници, особено бидејќи претходно никој не ми даде ни можност да одбијам да учествувам, па како директен или индиректен учесник се прочитав дури кога листата беше јавно објавена. Тоа го доживеав како ужасна агресија на наметната партиципација по секоја цена, само бидејќи сум живеела и размислувала во текот на 1980тите години (првиот мој текст датира од 1989 година). (Токму со сличен страв толку време одбивам да поминам под Триумфалната капија, страв дека потоа некој може со тоа да го докажува мојот придонес кон колективниот успех на проектот СК014.) На крајот името сепак ми беше избришано, но само од електронските најави, откако на отворањето беше веќе вбројано во “повеќе од 200 учесници” од страна на главните организатори - градските власти. Како тогаш човек да не се побуни, кога знае дека бројката на учесници е главното орудие, главниот аргумент на секоја популистичка политичка програма дека проектот бил амбициозен и успешен.

Како што јас одбив да учествувам и да бидам бројка, така кога ја увидел крајната агенда секој учесник можел да се повлече. Напротив, кураторите и ко-кураторите кои биле поканети (а претпоставувам и некои од учесниците) биле и платени за да статираат во уште една прескапа рекламна кампања за партијата на власт (да постоеше јавен конкурс како оној годишен конкурс на Министерството за култура тогаш ситуацијата ќе беше сосема поинаква - тогаш ќе можеше секој да се пријави на конкурс, но во случајов дури и легитимитетот да бидат куратори е даден сосема произволно на оние кои немале проблем со нивното директно вклучување во легитимизацијата на СК014).

Ако некој се надевал дека може нешто да критикува и промени одвнатре, со некои шифрирани дела со скриени критички пораки насочени наспроти истата таа власт, му препорачувам повторно да го прочита Ги Дебор (ако воопшто го прочитал) и да се запраша како можел Дебор да ја сфати рекуперацијата уште во 1960тите години од 20 век, а некој денес наивно да верува дека системот може да се критикува на кој било начин одвнатре, а тоа да не резултира со зацврстување на тој истиот систем.

Долгата листа на учесници на Белите ноќи што звучи како who is who на македонската ликовна сцена (со ретки исклучоци) може да се интерпретира двонасочно, негативно, како средство за легитимирање на објектите од СК014 и уметничката релевантност на авторите кои претходно биле со право комплетно изолирани од тековите на современата уметност, и позитивно, како конечно раскринкување на гнилоста на современите македонски уметници кои и кога можеби смислуваат најинтересни и релевантни критички дела, со другото око ѕиркаат накај власта и моќта.

За жал, ангажираната и активистичката уметност кај нас отсекогаш била само еден кратка афера, one-night stand од која двајцата љубовници си заминуваат со желба што побрзо да заборават дека се случило нешто. За таквата амнезија на нашите уметници зборува и една скорашна колумна на проф. Љубомир Фрчкоски во која тој многу добро ја постави дијагнозата, иако со еден доста неодмерен вокабулар, веројатно згрозен од недоследноста на некои автори. Тој, иако нема експертиза во уметничките професии, а како долгогодишен поддржувач на современата уметност и на поодделни уметници (како од позиција на власта, така и индивидуално), во својот текст ја сецираше и демаскираше хипокризијата на современите уметници во Македонија.

3
СК014 го насели градот со архитектонски, споменички статуи и скулптури со две заемно поврзани видливи цели: јавниот простор кој вообичаено служи за слободно искажување на различни граѓански задоволства (прослави) и незадоволства (протести) да се исполни со однапред спакувани и строго контролирани флоскули за некој загрозен културен идентитет и со таа стратегија на владеење да се искористат сите можни фантазми на недоволно едуцираните жители во прилог кон стекнувањето уште повеќе власт. Таа постапка е сосема обратно од претпоставката дека уметноста на владеењето подразбира воздржување од премногу владеење (според концептот governmentality на Мишел Фуко). Ни сите предупредувања на некои мои колеги и други експерти од областите на архитектурата и урбанизмот, историјата и теоријата на уметноста, современите демократски процеси за одлучување на изгледот на еден град итн. - не помогнаа.

Различните дисонантни гласови на незадоволство не беа внимателно ислушани и прифатени, ни кога беа поткрепени со професионални и академски аргументи (повеќе од странските архитекти кои дошле во текот на последниве години на различни архитектонски форуми и конференции).

Од друга страна, аргументите за проектот се базираат на сосема погрешни претпоставки, дека секое градење е подобро од неградење, дека проектот ќе донесе финансиска добивка преку туризам и обезбедување работни места, и дека треба да се гради во стиловите кои цивилизациски сме ги пропуштиле; додека здраво-разумски, а и професионално поиздржано е да се помисли сосема обратното: дека современата архитектура и урбанизам би требало да бидат една реинтерпретација на градот и неговата визуелна меморија и култура.

Во текот на последните години од мојот престој во Лондон траеше дебатата околу изградбата на една зграда позната како Shard (скршено парче стакло) што беше предвидена во првата градска зона. Дебатата започна во 2003, а се одвиваше многу долго и интензивно (ја следев во дневните весници и преку електронските медиуми). На иницијаторите на проектот им требало речиси дванаесет години да дискутираат, убедуваат и преговараат со различни групи граѓани за да добијат одобрение за изградба. Јавните и затворените дискусии се одвивале во рамките на различни јавни или интерни фокус групи, совети на заедниците и други органи на одлучување за јавниот простор. На сите учесници во дебатата од локалните граѓански институции и организации детално им бил презентиран проектот (од план и буџет до урбаното решение на околината). На дел од граѓаните на Лондон (не на сите) им пречело тоа што со поставувањето на тој облакодер ќе се нарушела препознатливата силуета на градот (околу катедралата Св. Павле) толку позната од разгледниците. Зградата на крај сепак била одобрена и изградена, но останува поуката дека во тој случај толку внимателно и сериозно се пристапило кон разгледување на проблемот, иако станувало збор само за една зграда.

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото