Разумот е илузија

30.10.2012 09:45
Разумот е илузија

Џонатан Хаид (48), реномиран социјален психолог од Универзитетот Њујорк, во неговата нова книга „The Righteous Mind“ тврди дека моралниот компас на човекот познава шест основни интуиции (убедувања). Конзервативните и левичарски настроените гласачи (и во Европа) заради тоа се различно „набаждарени“ па претставуваат два непомирливи, спротивставени табори.

Според вашето мислење, во основа на екстремно поларизираните мислења на американската политичка сцена лежи моралот. Како тоа?

Некогаш партиите беа коалиција на различни групи на интерес, на пример, фабричките работници од Северот или фармерите од Југот. Она што ги обединуваше беа материјалните, економските и политичките интереси. Затоа во секоја партија, како и меѓу нејзините гласачи, постоеше извесна морална разновидност, од конзервативни христијани до прогресивни политичари. Од шеесеттите години на минатиот век, националните дебати во САД „се вртат“ пред сè околу вредностите: околу правата на Афроамериканците, околу помошта за социјално загрозените или правата на истополови бракови, како и улогата која во тоа ја игра државата. Порано не беше така. Поради тоа, во наше време моралниот поглед на светот на некој поединец одредува која партија тој ќе ја почувствува за блиска.

Како тогаш според вас изгледа моралот на еден демократ денес?

Во моралното средиште на оние луѓе во САД кои политички стојат лево, се наоѓа грижата за загрозените и слабите. Освен тоа, тие се залагаат за социјална правда, значи социјална рамноправност, особено меѓу етничките групи, како и за слободата на непривилегираните кои треба да ги заштити државата.

Тоа звучи разумно.

Нормално, и голем број психолози и академски филозофи, од кои едно големо мнозинство застапува леви ставови, ја сметаат оваа позиција за самото јадро на моралот. Но, овие три вредности се само половина од вистината. Моралниот спектар на човекот е многу поширок.

Од истражувањата кои ги направивме откривме дека конзервативните луѓе ја разбираат слободата поинаку. За нив слободата е пред сè слобода од мешање на државата. Но, покрај тоа, за нив се важни и следниве три работи: лојалноста кон групата, почитувањето на авторитетите и традицијата, и освен тоа, верувањето во чистотата и недопирливоста на одредени концепти, на пример, претставата за сексуалноста или некои симболи, како што е државното знаме. Поради тоа, конзервативците имаат пореалистична и поцелосна слика за човекот. И затоа многу американски гласачи кои потекнуваат од средната класа чувствуваат дека републиканците подобро ги претставуваат нивните вредности, дури и тогаш кога таа партија застапува економска политика која главно им оди во прилог на богатите.

Но, дури и ако постојат разлики во мислењето, дали е неопходно да постојат такви непријателства какви што денес гледаме во САД?

Проблемот е во тоа што луѓето не ги препознаваат вистинските причини за овие разлики. Тие главно живеат во заедници кои ги делат нивните морални ставови. Во такви околности моралната интуиција ги смета сопствените ставови за подеднакво вистинити како математичките пропозиции. Тоа е исто како во познатиот научно-фантастичен филм Матрикс: се работи за консензуална халуцинација, халуцинација по договор.

Би можело да се дискутира за тоа.

Да, но работите не се толку едноставни. Моралната интуиција не е рационална. Таа се потпира на „емоциите од стомакот“. А тешко е да убедите некој друг во своите емоции. Еволуцијата не нè опремила со разум за да ја откриеме вистината, туку за успешно да дејствуваме. Кога е корисно да се открие вистината, ние го правиме тоа брзо, како на пример, кога сакаме да го најдеме најбрзиот пат до железничката станица. Меѓутоа, во една дебата, најчесто станува збор за тоа да испаднеме во право. Поради тоа луѓето во моралните дебати не се обидуваат да ја откријат вистината, туку се стремат да ја одбранат и оправдаат својата интуиција.

Некои морални филозофи го гледаат тоа поинаку. Во нивните очи разумот одлучува што е добро, а што е лошо.

Се работи за класична „кавга“ помеѓу идеалистот Имануел Кант и емпиричарот Дејвид Хјум. Сепак, кој верува само во разумот, без сомнение се предава во власт на една илузија. Нашите основни морални интуиции никако не се секогаш разумни.

Кога републиканците сакаат да објаснат зошто се против истополови бракови, не успеваат да смислат какви било аргументи кои би можеле да ги убедат луѓето кои политички „стојат“ лево. Пред сè, не умеат да објаснат како тоа истополовите бракови би им нанеле штета на другите луѓе. Некои истражувања покажуваат дека ова отфрлање од страна на конзервативците има врска со силното чувство на гадење кое тие го доживуваат кога помислуваат на хомосексуалноста.

Дали е тогаш воопшто можно да се убеди некој да ги промени своите морални ставови?

Да, но тоа не е така едноставно. Бројни студии направени на близнаци како и генетски анализи во меѓувреме покажаа дека личноста и наследените особини силно корелираат со нашата политичка слика на светот. Тоа значи дека начинот на кој ние политички и морално го доживуваме светот во еден висок степен е вроден.

Нашата генетска предодреденост само ја зголемува можноста дека ќе прифатиме одредени морални вредности. Ние сме биолошки предетерминирани да усвоиме некое мислење. Конкретни морални ставови можат да доживеат коренита промена.

Замислете дека рационалното „Јас“ е џуџест јавач кој седи на огромен слон. Тој слон, тоа е нашето несвесно и во него лежат корените на нашите морални интуиции. Тој слон-јавач може, да се изразам така, да масира. Така многу луѓе низ годините го промениле своето мислење за хомосексуалниот брак, под влијание, на пример, на сериите во кои се појавуваат хомо-парови или затоа што многу познати личности се изјасниле како хомосексуалци.

Но, како тогаш доаѓа до длабински промени на вредностите во едно општество?

Политичкиот идентитет на една личност најсериозно се формира, како што покажуваат студиите, помеѓу петнаесеттата и триесеттата година од животот. Онаа генерација која во оваа фаза ја доживеала светската економска криза од крајот на дваесеттите години на минатиот век, е недвосмислено формирана од ова искуство. Поради своето искуство, припадниците на оваа генерација ја ценат соработката и социјалниот ангажман. Поради тоа, таа генерација во САД ја нарекуваме „Најголемата генерација“. Меѓутоа, не можеме да изречеме таква пофалба за нивните деца, кои во меѓувреме управуваат со земјата. На нив влијаеше идеолошката рововска борба. А покрај сето тоа, тие ја пропуштија можноста да го искористат 11 септември или финансиската криза за зголемување на солидарноста.

Тоа отприлика звучи како да сметате дека е подобро кога сите членови на едно општество делат исти погледи на моралот?

Тоа е тешко да се постигне, а не би било ни пожелно. Мислам дека е добро кога членовите на една нација делат заеднички систем на вредности и културен идентитет, што овозможува постоење на меѓусебна доверба. Но, во секое општество има луѓе кои имаат преовладувачки конзервативен став и кои работат на тоа да ги зачуваат институциите и традицијата и оние другите, кои стојат „полево“ и тежнеат да ги променат работите. Оваа конкуренција е здрава сè додека овие групи меѓусебно не се сатанизираат.

Но, во различни земји владеат потполно поинакви вредносни претстави.

Нормално. Притоа, еволуцијата нè учи дека секој морален систем не е способен да преживее. Тој мора во секој случај да поттикнува кооперација. Уште Дарвин спознал дека групите кои дејствуваат заеднички ги победуваат групите во кои преовладува егоизмот. Тоа значи дека развојот на човечкиот род нè приморува да не ги застапуваме само своите лични интереси туку понекогаш да се заложиме и за интересите на заедницата. Тоа исто така го објаснува алтруизмот кој најчесто е насочен кон членовите на сопствената група.

Зарем религијата не извршува слична функција?

Религијата може да му даде костур за потпора на моралниот систем, и тоа многу успешно. Божјите заповеди се обврзувачки и не можат туку така да се преиспитуваат. Поради тоа, религиозните луѓе ги критикуваат обидите за секуларно засновање на моралот со образложение дека темелите се слаби. Но, еден секуларен поглед на светот може да ги искористи квазирелигиозните симболи околу кои се собираат одредени групи, како што е, да речеме, државното знаме, уставот или основачкиот мит.

Меѓутоа, моралното размислување во стереотипи често води кон тоа да се понижи сопствениот непријател. Тоа е очигледно во американската изборна битка.

Левицата често се чувствува непријатно при помислата на конкуренција меѓу групите, десницата не. Експериментите покажуваат дека човекот повеќе ги цени членовите на некоја група доколку и самиот и’ се придружи. Истовремено, поради тоа не доаѓа до пораст на омразата кон другите групи. Ова се гледа во примерот на тимските спортови. Поединецот навива за својот тим, но не сака уништување на својот противник. Затоа после натпреварот сите заедно можат да одат на пиво. Некои забораваат дека мора да се живее заедно: хулиганите и политичарите. И понекогаш навистина се сака уништување на противникот: такви се случаите на војната и геноцидот.

Некоја наивна душа би можела да забележи дека сепак би било убаво кога, за промена, би имало малку повеќе толеранција.

Сигурно. Помислете само на песната Imagine на Џон Ленон - таа би можела да биде химна на многу левичари. Но, светот кој го доловува таа песна попрво води во анархија, отколку кон среќа. Кој има деца, попрво е склон кон конзервативно мислење. Редот и јасните последици за направените постапки на изненадувачки позитивен начин влијаат на однесувањето на адолесцентите. „Слепата точка“ на левицата е тоа дека таа не го разбира овој морален капитал. Не може да се организира едно општество само на темелите на љубовта, довербата и сочувството. Потребни се инстутиции, закони, норми, авторитети и граници.

Многу конзервативни Американци со потценување ги означуваат западноевропските држави како „социјалистички“.

Американската левица ѝ се восхитува на Европа и веќе долго се обидува да ја направи сопствената земја што повеќе слична на Европа. Не без причина: се чинеше дека европската држава на благосостојба од периодот по Втората светска војна функционира. Па сепак, десницата од осумдесеттите години објаснува дека државата на благосостојба според европскиот модел не може да биде финансирана. Сега гледаме дека имале право.

Многумина сигурно мислат поинаку. Независно од тоа, вредноста на социјалната солидарност во Европа е многу понагласена отколку во САД.

Хомогените општества изгледаат како семејства. Постои подготвеност да се помогне. Припадноста кон група е и останува еден од најсилните мотиви на нашите постапки. Но, многу партии во Европа сакаат да ја поддржат културната разноликост и истовремено го намалуваат значењето на националните mainstream култури. Ова е мешавина која можеби долгорочно ќе доведе до тоа даночните обврзници повеќе да не бидат спремни да ја финансираат великодушната социјална држава.

Токму САД се обележани со ваква разноликост.

Точно. Дотолку е поважно на работите кои го создаваат единството, како што се, на пример, Татковците на нацијата или јазикот, да им придадеме големо значење.

Звучите како вистински конзервативец.

Кога почнав да ја пишувам книгата, бев она што во Америка го нарекуваат либерал, гласач на Демократската партија. Сега би рекол дека стојам на средина. Тоа никако не значи дека сум станал републиканец. Таа партија денес се наоѓа во една хаотична состојба, како морална, така и интелектуална. Затоа во ноември имам намера да го дадам мојот глас за Обама.

Извор: Profil

Слики: Malin Gabriella Nordin

ОкоБоли главаВицФото