Вулгарниот социјализам на СИРИЗА (1)

31.10.2012 10:32
Вулгарниот социјализам на СИРИЗА

Во очигледно отсуство на алтернатива на капитализмот, практичните борби се докажале како самоограничувачки. – Ендру Климан

Секоја структурна криза дава поволни прилики за значајно унапредување на положбата на работничката класа. Но, за искажување и спроведување на прогресивни политики неопходно е социјалистичко движење со организаторски и програмски капацитет. Моментално, работите со движењето не стојат така. Ние веруваме дека без политичка економија на работничката класа невозможно е да се формулира доследна политичка програма на работничката класа. – Пол Кокшот

На 19 овој месец, македонските мас-медиуми соопштија дека според истражувањето на агенцијата ВПРЦ, објавено во весникот „Елада Аврио“, како политичка сила во Грција на прво место е Коалицијата на радикалната левица СИРИЗА со 30,5 %, а највисок рејтинг имаат лидерите на СИРИЗА и Демократската левица Алексис Ципрас и Фотис Кувелис. Ова возвишување на СИРИЗА како најголема (левичарска) политичка сила ме поттикна да го напишам овој критички осврт на нејзината програма во 40 точки. Преводот на програмата е преземен од овде. Според Комунистичката партија на Грција, СИРИЗА е: „сојуз на опортунистички сили и сили од ПАСОК“. Дали навистина СИРИЗА е антисоцијалистичка, антимарксистичка и антиработничка партија? Дали мерките од нејзината политичка и економска програма се сведуваат на левичарски популизам? Ајде да испитаме!

1. Ревизија на јавниот долг и одново преговори за каматите и суспензија на исплатите додека производството не оживее и додека не се врати вработеноста.

15. Субвенционирање до 30% на отплаќањата на хипотеките за сиромашните семејства кои не можат да ги исплатат ратите.

Прво, мора да одговориме на прашањето на кого грчката држава должи пари? – На финансиската класа. Како вообичаена, но не и точна, причина се посочува кон растечките парични средства на меѓународната финансиска класа[1]. Како, според СИРИЗА, да се намали јавниот дефицит? Преку оданочување на паричните средства на оваа класа или преку девалвација на валутата, што е невозможно бидејќи немивно е излегување од еврозоната. Но, ако СИРИЗА е решена да гради социјализам во рамки на национална држава, ќе мора да излезе од еврозоната и да примени библиско решение – да прогласи јубилеј со што ќе ги поништи долговите, како и да го стави вон закон наплаќањето камата. „Укинувањето на долгот, кое било радикална мерка од античко време, ќе ја погодеше финансиската аристократија на начин на кој Француската револуција ја погоди земјопоседничката аристократија“[2]. Во спротивно, јавното штедење ќе произведе задолжување на другата страна. Ако владата на СИРИЗА реши да штеди за да го намали јавниот дефицит тоа ќе значи кратење на платите во јавниот сектор, што ќе ги присили јавните работници да се задолжат и да ги намалат своите прилично мали заштеди. Ова пак ќе предизвика намалување на потрошувачката поради тоа што јавните работници се помалку кредитноспособни од државата, што пак ќе резултира со префрлање на бремето од дефицит врз трговскиот и увозниот сектор, кои ќе отпуштаат работници и ќе им ги кратат платите на вработените.

3. Да се зголеми данокот на приход на 75% за сите приходи над 500 000 евра.

Зошто да се оданочува капиталот кога може да се укине како општествен однос, а средствата за производство да се поопштестват? Во спротивно, ништо не го спречува капиталот да замине во некоја друга држава каде што данокот на приход е многу понизок.

4. Промена на изборниот закон и воведување на пропорционален систем.

Парламентот треба да биде граѓанско тело, не тело на високо платени елитни политичари. Членовите треба да се соочуваат со избори секоја година како и да се ограничи нивната служба на максимум две години, за да се спречи формирање на класа на професионални политичари одвоени од јавноста. Половина од парламентот треба да се избира случајно, а не, како сега, врз основа на систем од партиски списоци.

5. Зголемување на даноците за големите претпријатија до нивоата од европски просек.

Пред сè, неправилно е што експлоатираните очекуваат дека со поголемо даночно обременување на привилегираните, ќе остварат некое подобрување на својата положба. За кратко време тоа даночно обременување ќе биде префрлено во цената на производство и низ механизмот на пазарното стопанисување пак пренесено на товар на широките народни маси.

Споменатата мерка на СИРИЗА е реакционерна, бидејќи ја враќа Грција назад – раситнување на веќе концентрираното богатство на мали делови и повторно отпочнување на истата игра која и довела до концентрација на овие огромни богатства во грст капиталистички раце. Се разбира, сега во други раце. Со тоа не се добива ништо суштинско за измена на положбата на работниците.

6. Усвојување даноци на финансиските трансакции и посебен данок на луксузните стоки.

7. Забрана на шпекулативните финансиски деривати.

8. Укинување на финансиските привилегии на црквата и бродоградежната индустрија.

Доволно е овде само да го цитираме Маркс од Капиталот: „Ако општеството го замислиме не како капиталистичко, туку како комунистичко, тогаш, пред сè наполно отпаѓа паричниот капитал, значи, отпаѓаат и замаглените трансакции, кои изникнуваат од него. Работата просто се сведува на тоа, дека општеството мора однапред да пресмета колку труд, средства за производство и средства за живот може да примени без никаква штета на оние производни гранки, кои, на пример, како изградба на железница, за долго време, за една година и повеќе, не даваат ни средства за производство ни средства за живот, ниту каков било полезен ефект, а сепак од вкупниот годишен производ одземаат труд, средства за производство и средства за живот“.

9. Борба против тајните мерки на банките и бегството на капиталот во странство.

Во раните 1970-ти години, владата на Франција започна национализација на бројни индустрии и откако никелот беше прогласен за витална пазарна стока (!), имотот на SLN (Société Le Nickel) беше национализиран во 1974 година и структуиран како ново претпријатие, Société Metallurgique, а Ротшилдови учествуваа со 50% интерес во Société Metallurgique. Кога Банката на Ротшилдови беше национализирана во 1981 година од „социјалистичката“ влада на Франсоа Митеран, обесхрабрениот Гај де Ротшилд ја напуштилж Франција и привремено се пресели Њујорк. По втората промена во владината политика, во 1987 година бил воспоставен нов банкарски бизнис од неговиот син Давид кој ја основал Rothschild & Cie Banque. Оваа гротескна и воопшто неефективна мишоловка на мегакапиталот е токму последица на „праведната распределба“ застапувана од добронамерниот, но неук Ципрас. За да се спречи какво било привремено преселување на грчките Ротшилдови (Спирос Лацис и семејството) во некоја нивна нова дома, поточно, да се спречи било какво распродавање на акциите и бегство на капиталот, неопходно е укинување на стоковно-паричното производство, односно на капиталот како општествен однос. Да претпоставиме дека првиот акт на народното собрание во време на социјалистичката влада на Митеран е укинување на наемното ропство и доделување на правото на трудот над целата додадена вредност. Како Ротшилдови, сопственици на SLN и Банката на Браќата Ротшилдови, ќе реагираа? Без сомнение тие ќе се обидеа да ги продадат своите акции колку што можат побргу. Дури и да немало забрана да го направат тоа, дали тие би успееле да го извлечат својот мегакапитал? Не. Цените на акциите преку ноќ би паднале на ништожна сума. Со укинувањето на наемниот труд или отуѓениот труд како општествен однос, нивната сопственост би престанела да биде капитал. Кога очекуваните идни приходи од акциите би станале нула, сертификатите практично би биле безвредни. Гај де Ротшилд нема да можел да го изнесе својот капитал на привремено патување во Њујорк, бидејќи капиталот како општествен однос повеќе немаше да постои. Што се однесува до ризикот од распродавање на физичките средства – продавање на алатките на SLN на Опенхајмеровата Anglo American Corporation, ако синдикатите ги добијат случаите во судот да им се дава на работниците целата вредност што тие ја создаваат, тогаш постои опасност некои претпријатија да се обидат да ги затворат постројките и да ги отпуштат работниците отколку да го продолжат бизнисот. Според тоа, законодавството кое ќе има за цел да ги штити правата на трудот ќе мора да го содржи и правото, после соодветно тајно гласање на работниците, за работниците да го избираат мнозинството на управниот одбор на секое претпријатие.[3]

10. Драстични кратења на воените трошоци.

29. Демилитаризација на Заливската стража и против-бунтовничките специјални единици. Промена во обуката на полицијата така што (за време на обуката, но и понатаму во работата) да се даде поголемо значење на социјалната тематика, дрогата и социјалните чинители.

Меркиве се овозможуваат преку воспоставување диктатура на работниците. „Општо вооружување на луѓето.[4] Во иднина армиите ќе бидат истовремено армии на трудот, така што трупите нема, како претходно, главно да трошат, туку ќе произведуваат повеќе отколку што е потребно за лично издржување. Згора на тоа, ова ќе биде корисно за организацијата на трудот“.

11. Зголемување на минималната плата до нивоата од пред кратењата, 750 евра месечно.

Борбите за „делење на богатството“ оперирале во строги граници. Во текот на последните неколку децении, немало богатство да се дели; а најпоследната економска криза во голема мера го влоши овој проблем. Се разбира, борбите можат да успеат да го заштитат стандардот на живеење на работниците. Дури борбите да ги присилат капиталистите да ги зголемат платите споредени со тие што работниците ги добиле во раниот период после Втората светска војна, можат да успеат. Но, тие не можат да успеат без да предизвикаат стапката на профит да опаѓа повеќе отколку што веќе опаднала. И ако таа опаѓа понатаму, системот ќе биде дури помалку стабилен, дури посклон кон сериозни кризи и рецесии коишто се закануваат да ги претворат успесите во неуспеси.

Значи, работниците треба да бидат свесни – а интелектуалците треба да им помогнат да бидат свесни – дека кога тие си помагаат борејќи се да го заштитат својот животен стандард, тие го повредуваат капиталистичкото стопанство, не му помагаат. Ако тие не се свесни за ова, нема да бидат подготвени за препреките со коишто ќе се соочат. Ниту тие ќе разберат зошто нивните напори да ги подобрат своите животи се соочуваат со таков бесен и цврст отпор. Не се работи за тоа дека она што е добро за работничката класа е добро и за капиталистичка Америка; а единствениот начин да се излезе од оваа противречност е да се замени капитализмот со социјализам, еден демократски општествено-економски систем. Нема перманентни победи без ова.[5]

СИРИЗА треба да одреди барање за укинување на наемното ропство во својата програма. „Наместо конзервативното мото: „Правична надница за праведен работен ден!“ работниците треба да ја испишат на своите знамиња револуционерната максима: „Укинување на наемниот систем!“ (Маркс, Вредност, цена и профит). Од кои причини? Еве зошто.

Пораката на Ендру Климан, автор на книгата Неуспех на капиталистичкото производство (2011), е силна: финансиската криза темелно не беше последица на субпотрошувачка/недостиг на агрегатна побарувачка, ниту поради финансиското шпекулирање со капитал којшто беше пренасочен од производството на берза, па за да се реши кризата така што финансискиот систем ќе биде преструктуиран, туку кризата беше последица на недостиг на профити како резултат на постојаниот пад на просечната профитна стапка почнувајќи од доцните 1970-ти години што пак е последица на противречноста меѓу проширувањето на физичкото производство и оплодувањето на вредноста[6], што наведува на заклучокот дека кризата е од системска природа, инхерентна на самото капиталистичко производство на стоковни вредности заради апстрактно богатство и дека, според тоа, на стоковно-паричното производство мора да се стави крај од страна на прогресивните левичарски и работнички движења и организации наместо да се бараат повисоки надници и плати.

Неодамна се откри дека во одредени случаи инвестициските банки барале некои вработени лица од проценувачките агенции на кредитноспособноста да бидат отстранети од оценување на нивните гарантирани хипотекарни заеми поради „прекумерната грижливост“ на овие вработени лица, а овие барања генерално биле одобрувани. Гарантирањето на хипотекарните заеми беше процес исполнет со изопачени мотиви со игнорирање на кредитните ризици на заемопримачите со цел да се заработат колку што е можно повеќе пари од хонорари.

Зголемувањето на станбените цени беше далеку повеќе од изобилието на вредност од ново производство што сама би гарантирала отплаќање на хипотеките на долг рок. Токму затоа меурот од недвижен имот беше меур. Растот на цените на имотниот објект или проширувањето на кредитот никогаш не е прекумерен по себе; тој раст е прекумерен само во однос на оригиналното изобилие на вредност. Новата вредност создадена во производството на крајот е единствениот извор на сиот приход – вклучувајќи ги платите и другиот приход на станбените сопственици – и поради тоа, таа е единствената основа на којашто отплаќањето на хипотеките на крајот почива.[7]

„Кредитите што си ги даваат еден на друг индустријалците и трговците се преплеткуваат со кредитите на пари кои ним им ги даваат банкарите и заемодавачите на пари. При есконтирањето меници кредитите се само номинални. Некој фабрикант го продава својот производ за меница и ја есконтира оваа меница при некој bill-broker. Всушност последниот само му го дава на заем кредитот од својот банкар, кој пак нему му го дава на заем паричниот капитал од своите депозитори, а него го сочинуваат самите индустријалци и трговци, но и работници (со посредство на штедилници), земјишни рентиери и други непроизводни класи. Така за секој индивидуален фабрикант или трговец се избегнува како нужноста да држи голем резервен капитал, така и зависноста од вистинските враќања. Но, од друга страна целиот процес толку многу се комплицира, делумно просто со издавање фиктивни меници, делумно со манипулација на стоки со цел само да се исфабрикуваат меници, што привидот на многу солидно претпријатие и течно враќање може мирно сè уште да продолжи да постои, кога всушност враќањата веќе долго време се вршеле само уште за сметка делумно на излажани заемодавачи на пари, делумно на излажани производители. Поради тоа, токму пред непосредниот крах претпријатието секојпат се чини речиси претерано здраво. Претпријатијата се како јатка здрави и кампањата продолжува да оди сјајно, додека наеднаш не избувне крах“.[8]

Државата и капиталот очигледно се здружени во зглоб. Кога доаѓа до претстојувачка пропаст на капитализмот, одеднаш социјализмот е добра идеја[9]. Само што ова е социјализам за богатите, додека остатокот од нас мора да продолжи да живее во услови на капитализам. Но, ако „неолибералните“ политики и зголемената експлоатација довеле до значајно закрепнување на профитабилноста од раните 1980-ти години, постојаното опаѓање на профитабилноста не е меѓу основните причини за последната економска криза и голема рецесија на капитализмот. Значи, кризата и рецесијата се несовладливо финансиски феномен, предизвикани од „финансијализација“ на капитализмот и макроекономските тешкотии коишто резултираат од неа, како и од понеспоредните вознемирувања во финансискиот сектор.

Оваа теза имплицира дека ние можеме да спречиме враќање на такви кризи отстранувајќи го „неолиберализмот“ и „банкарскиот капитализам“. Не е потребно да се отстрани капиталистичкиот систем на производство на (разменска) вредност. Таа исто така имплицира дека она што кризата го стави на дневен ред е потребата од финансиска регулација, активни фискални и монетарни политики, можеби национализација, но не и промена во карактерот на општествено-економскиот систем.

Ако, од друга страна, кризата, наместо тоа, е системска криза којашто произлегува од основната тенденција стапката на профит да паѓа, тогаш такви реформи, во најдобар случај, ќе ја одложат следната криза. Покрај тоа, иако огромното зголемување на владиниот долг што сега се случува може исто така да го одложи денот на проценка давајќи привремено вештачка стимулација на стопанството, тоа ветува дека следната криза кога ќе дојде ќе биде полоша[10].

Не е случајно што овој пораст на долгот, она што Маркс го нарекува фиктивен капитал[11], се совпаѓа со надолниот тренд на профитабилноста за поголемите капиталистички стопанства. Од средните 1990-ти, просечната профитна стапка во топ седумте капиталистички стопанства опадна за 5% до 2008 година (во почетокот на Големата рецесија) додека долгот на приватниот и јавниот сектор спрема БДП порасна преку 30%. Порастот на фиктивниот капитал ја криеше претстојната криза во капиталистичкото производство поради недостиг на профити сè до 2008[12].

12. Користење на зградите на владата, банките и црквите за бездомници.

Францускиот буржоаски револуционер Жан-Пол Мара размислувал многу попрогресивно од левичариве од СИРИЗА. Сметал дека на секого му припаѓа само она што му е неопходно за животот: „Никаков вишок не може законито да ни припаѓа толку долго додека постојат луѓе кои немаат најнеопходни нешта за живот“ (Jean-Paul Marat, Plan de législation criminelle, 1780). Се залагал за отворање јавни работилници во кои треба да се вработуваат невработени лица, како би можеле со свој труд да си го обезбедат опстанокот, а не да им се дава социјална помош.

(продолжува)


[1]Многу книги и статии се објавени откога избувна должничката криза во 2007 година објаснувајќи дека растечката нееднаквост на приходот и богатството во големите капиталистички економии создала нестабилност и депресија (Нуриел Рубини); дека растот на финансискиот сектор беше оската што ја поврза нееднаквоста со економската нестабилност (Џејмс Галбрајт); дека растечката нееднаквост во повеќето држави во светот значеше дека парите заминале од оние кои би ги потрошиле кај оние во материјална благосостојба кои, како и да се обидат, не можат да ги потрошат сите, а овој прилив на ликвидност потоа придонесе непромислено користење позајмен капитал за инвестирање (очекувајќи дека остварените профити ќе бидат поголеми од каматата што треба да се отплаќа) и ризикување што ја втемелија оваа криза (Џозеф Штиглиц); дека наспроти стагнирачките реални приходи, домаќинствата во подолниот дел од распределбата се задолжуваа за да одржат растечки животен стандард, а ова задолжување подоцна се докажа како неодржливо, водејќи кон неисплата во предвидениот рок и притисок врз премногу проширените финансиски институции (Ентони Еткинсон и Салваторе Морели); дека долгите периоди на нееднакви приходи поттикнаа задолжување кај богатите, што го зголемува ризикот од големи економски кризи, а ова поголемо потпирање на долг од страна на средно-доходовната и ниско-доходовната група – и порастот на богатството на високо-доходовната група – создаде повисока побарувачка за финансиско посредување и на тој начин финансискиот сектор бргу расте како што растат размерите на долгот спрема приходот на средната класа во однос спрема богатата класа, и комбинацијата на растечки долг на средната класа и стагнирачки приходи на средната класа ја зголемува нестабилноста на финансиските пазари, а системот на крајот крахира (Мајкл Дамхоф и Ромен Рансиер), итн.

[2] Пол Кокшот и Дејв Захариах, Кредитна криза: потекла и ориентација, објавено на македонски на 15 март 2010.

[3.]Paul Cockshott, Against Jack Conrad and others.

4. http://www.marxists.org/archive/marx/works/1848/03/24.htm

[5]Ендру Климан, Криза на капитализмот (не неолиберализам, „банкарски капитализам“ или ниско-платежен), 2010.

[6]Ниту еден капиталист нема да примени доброволно некој нов начин на производство, колку и да е попроизводен или колку и да ја зголеми нормата на вишокот на вредноста, ако тој ја смалува профитната норма. Но, секој таков нов начин на производство ги поевтинува стоките. Поради тоа, тој прво нив ги продава над нивната цена на производство, можеби и над нивната вредност. Тој си ја зема разликата, која постои меѓу трошоците на нивното производство и пазарните цени на другите стоки, кои се произведени со повисоки трошоци на производството. Тој може ова да го стори, зашто средното работно време кое е општествено потребно за производство на овие стоки е поголемо од работното време кое е потребно во новиот начин на производство. Процедурата на неговото производство е над општествената средна процедура. Но, конкуренцијата неа ја поопштува и ја потчинува под општиот закон. Со тоа настапува паѓањето на профитната норма – може најпрво во оваа сфера на производство, а потоа се израмнува и во другите – што е, значи, сосема независно од волјата на капиталистите. (Карл Маркс, Капиталот)

[7]Ендру Климан, Обидувајќи се да го спасат капитализмот од самиот него, 2008.

[8]Карл Маркс, Капиталот, том трети, Скопје: Мисла, 1976, 450.

[9]На 20 септември 2008, претседателот Буш рече дека тој предлага да потроши 700 милијарди долари од парите на плаќачите на даноци за да купи гнили обврзници со залог на недвижен имот поседувани од банките на Вол Стрит. Во исто време Гордон Браун, на годишната конференција на Лабуристичката партија во Блекпул, Англија, им го велеше на делегатите истото нешто за да објасни зошто посредувал лично за да осигури дека Lloyds Bank ќе го купи британскиот најголем станбен кредитор, HBOS. Тие го направија тоа за да го спасат финансискиот капитал од катастрофа.
Финансиската криза би можела да ја сломи економијата. Таа ја става во прашање стабилноста и всушност самиот опстанок на капитализмот. А тоа е поради тоа што банкротот на една од нив би можел да започне домино ефект, активирајќи панично извлекување на фондовите доволно големи да го соборат финансискиот систем. Целта на Новиот договор, токму како целта на најпоследните владини интервенции, беше да се спаси капитализмот од самиот него. Владините неодамнешни државно-капиталистички интервенции можеби се најдобро опишани како најпоследна фаза на она што Маркс го нарече „укинување на капиталистичкиот начин на производство во рамките на самиот капиталистички начин на производство“. Нема ништо повеќе приватно околу системот освен тапиите. Како што преземањето на „Bear Stearns“ покажува, владата дури не интервенира во поддршка на приватни интереси; таа интервенира во поддршка на самиот систем. Такво целосно отуѓување на еден економски систем од човечките интереси е јасен знак дека тој треба да исчезне и да отстапи пред еден повисок општествен поредок (Ендру Климан, Обидувајќи се да го спасат капитализмот од самиот него, 2008).

[10]Ендру Климан, Криза на капитализмот (не неолиберализам, „банкарски капитализам“ или ниско-платежен), 2010.

[11]„Ако профитната норма падне, тогаш, од една страна, напнатоста на капиталот, на одделниот капиталист, е насочена со подобри методи итн. индивидуалната вредност на неговата одделна стока да ја сметне под нејзината средна општествена вредност и така, при дадена пазарна цена, да направи екстра-профит; од друга страна, измами и општа благопријатност за измами и со страсни обиди со нови методи во производството, нови вложувања капитал, со нови авантури, да се обезбеди каков и да е екстра профит кој би бил независен од општиот среден профит и кој би се кревал над него.“ (Карл Маркс, Капиталот, том трети, Мисла, Скопје, 1976, стр. 236-37)

[12]Michael Roberts, The dilemma of the mainstream, 2012.

ОкоБоли главаВицФото