Чума

31.10.2012 14:10
Чума

Има некоја чудна, дури и перверзна симболика што нешто што се нарекува себеси Сојуз за иднината го одбра токму денот кога се враќа времето назад за сопствена промоција. Значи ли тоа дека единствена иднина што може да нè очекува е нашето – минато? Како поинаку да се сфати дека лидери на политичкиот сојуз за иднината се Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, па и Андреј Жерновски - константи на македонската политика од осамостојувањето на државата па до денес? Добро, за волја на вистината, враќањето во последната деценија од минатиот век сепак звучи поприммливо, отколку понудата на владејачката опција - враќање таму некаде пред нашата ера.

Како и да е, се одржа тој славен митинг. И како што обично бива, никој (или многу малку) зборуваат за пораките од него, додека сите се занимаваат со веселата математика - колку луѓе дошле на митингот. Овојпат цифрите со кои се калкулира не се од-до, туку се или-или. Значи, биле или 11.000 или 70.000, во зависност од политичките симпатии на медиумите што известуваа од настанот. Ова само покажува дека на македонската политичка сцена не е битен квалитетот, или е многу помлку битен, туку квантитетот. Со други зборови, мерењето кому му е подолга редицата во митингот и натаму е клучниот политички аргумент во (без)идејната понуда на политичките елити. Ако во еден момент се сфати дека демагошкиот, во суштина безвреден, ама ефективен популизам носи сериозни резултати, тогаш на него се одговара со - популизам. А меѓу популизмот и национализмот нема една тенка линија, туку две, кои обично стојат во форма на знак за равенство.

Што, значи, покажа неделниот митинг во Скопје? Дека опозицијата има критична маса за уривање на режимот? Да бидеме искрени, таа тоа го имаше и на претходните избори, па што? Она што, барем според мене беше поважно, е јасното искажување на потребата (на политичарите) за избори. Како што значењето на боговите расте со зголемената фреквенција на молитви, така и значењето на политичарите расте со зголемената фреквенција на избори. Имено, падот на боговите (религијата) во светската цивилизациска свест е директно пропорционален со драстично намалената понуда на божјите чуда. Така и времето во кое е драстично намалена (исчезната) понудата на политички концепти и идеи, логичен е и падот на политичарите во овдешната општествена свест. Во таква ситуација, масата (тука намерно не ги употребуваме термините од типот: „гласачко тело“, „народ“ и слично) најдобро, најбрзо и најефектно се мобилизира со избори. Затоа и верувам дека Груевски ќе ја прифати опозициската понуда за уште едни предвремени избори. Затоа што Груевски така и најдобро функционира: во една мобилизирана, ударничка атмосфера, со куп лопати околу себе (и во буквална и во фигуративна смисла), изигрувајќи политички Стаханов, копајќи и раскопувајќи по кревката државна супстанца.

Ете, добро, ќе има избори. Макар биле и само локални. Но, што после нив? Јасно, уште едни избори. За иднина, за преродба, за Македонија..., за што и да е, ама сигурно без концепт и без идеја.

Сепак, она што мене ми е позабавно, а би рекол и поважно од бескрајниот изборен карусел, е дебатата што ја наметна владејачката ВМРО-ДПМНЕ за овдешната наводна бела чума и нејзината поврзаност со „некакви женски права“, што би рекол премиерот, еднополовите бракови и „здравите“ семејства (да се послужиме повторно со вокабуларот на владејачката партија). Ајде да не бидеме малициозни и да констатираме дека канцеларијата за поддршка на LGBT заедницата цо Старата чаршија ја руинираа токму производите на здравите семејства. Има тука и поважни нешта. На пример, брзината со која Никола Груевски ги прими претставничките на таканареченото женско лоби за да им објасни што сакал да каже кога го кажал тоа што го кажал. И непримањето, на пример, на претставниците на вработените во ОХИС за да им објасни што се случува со нивните права. Потоа накарадната идеја дека хомосексуалците се виновни за белата чума. Мислам дека недостасуваше уште еден мал чекор да се констатира дека хомосексуалците се виновни и за тоа што вработените од ОХИС не примиле плата. Ама ќе дојде и тоа.

Се разбира дека немам ништо против женските права. Напротив. На мажите им требаа векови да сфатат дека можат да бидат среќни и задоволни само покрај среќни и задоволни жени. Сепак, тука ќе се задржам малку на машките права. Од целата бесплодна дискусија на оваа тема, на крајот можеше да се заклучи дека мажите - не раѓаат деца. Од кога? Како? Во овие повеќе од половина век од мојот живот и четврт век родителство, бев убеден дека ме родиле татко ми и мајка ми. А уште поубеден дека сум ја родил ќерка ми. И дека затоа сум - родител. Нешто (некој/некоја) што родило тело, во случајов човек. Наједноставната логика (а таа, по правило, е и најточна) вели дека ако мажите не можат да родат, тогаш и жените не можат да родат. Дури и во една ваква, антиквизирана, примитивна и срозана Македонија важат законските прописи според кои еден од родителите може да земе породилно отсуство. Значи, или мајката или таткото. И замислете, овој норматив е на важност со децении. И на крајот, кое е тоа „здраво“ семејство, каде што таткото не раѓа? Жал ми е само што мажите немаат машко лоби кое би отишло кај премиерот да го праша кој му го раѓа неговиот пород.

Има ли опозицијата одговор на овие прашања? Има. И таа е против еднополови семејства. Има ли уште нешто да додаде? Има. И таа е за избори.

Слики: Свирачиња