Инвазија на полжави врз миланската катедрала!

31.10.2012 14:44
Инвазија на полжави врз миланската катедрала

Пред дваесеттина дена на миланската катедрала осамнаа ни помалку ни повеќе, туку 50 гигантски сини полжави, кои за среќа само ненаметливо стојат во шумата од готски врвови, укажувајќи на неминовното пропаѓање на црквата. Имено, сините полжави се дел од интервенцијата наречена REgeneration, која на 5 октомври започна на Дуомо, а зад неа стои уметничката организација Cracking Art Group. Сината боја, нормално, не е случајна - одбрана е затоа што упатува на бојата на плаштот на миланската Мадона, а воедно ја означува и бојата на регенеративното покрстување.

Во соработка со катедралата и миланската Opera d'Arte, Cracking Art Group смести 50 скулптури на полжави за јасно да даде до знаење дека Дуомо очигледно пропаѓа, па презеде ација за собирање донации за нејзина обнова. Освен 50 големи полжави, Cracking Art Group на јавноста ѝ понуди и лимитирана серија од 100 мали полжави кои се продаваат во галеријата Glauco Cavaciuti, а сите средства од продажбата одат во фондот за реставрација.

Cracking Art Group е колектив кој се состои од шест интернационални уметници и е основан во 1993 година. Групата ѝ го должи своето име на идејата дека „пукањето“ е процес со кој природното се претвора во вештачко, органско и синтетичко. Нивните интервенции секогаш вклучуваат големи обоени пластични животни во инвазија на специфичен простор, со цел да ја подигнат јавната свест за одреден проблем. Користејќи рециклирана пластика и прилагодувајќи ја на своите замисли, Cracking Art Group настојува да ги контролира и запре процесите кои го одвојуваат човештвото од природата. Настојувајќи да остават минимален печат во околината со емисија на јаглерод во процесот на рециклирање на пластиката, членовите на Cracking Art Group најмногу се борци за животната средина. Нивните полжави (во виолетова варијанта) се појавија и на манифестации како Art Basel во Мајами, Венеција и Торино, а се надеваме дека некогаш ќе направат и инвазија на Скопје.

Повеќе за овие интересни уметници може да погледнете овде.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото