Забранетото овошје на независноста

01.11.2012 09:56
Забранетото овошје на независноста

Кога пред неколку години стигнав во Шкотска, ме дочека постер кој се фалеше дека Глазгов има „надморска височина како Смоленск и став како Барселона“. Беше тоа живописен пример на спој од пријателството и одушевувањето со кое Шкотите гледаат на Каталонија. Барселона, каталонската престолнина, има многу нешта што граѓаните на Глазгов ги посакуваат: поубаво време, подобра храна, подобар фудбал. Оддавајќи ѝ почест на Каталонија, Шкотите избраа архитект од нејзината престолнина, Енрике Миралес, да им ја дизајнира новата зграда на парламентот.

Меѓутоа, сега, Каталонците имаат причина да ѝ завидуваат на Шкотска. Неодамна е потврдено дека во 2014 Шкотска ќе распише референдум за независност. И каталонската влада би сакала да одржи таков реферерендум, но во тоа одлучно ја спречува шпанската влада во Мадрид.

Шпанија се обидува да го задуши движењето за каталонска независност легалистички употребувајќи го „изговорот 22“. Централната влада порачува дека каталонските националисти мораат да го почитуваат шпанскиот устав кој пропишува дека референдумот за независност е нелегален.

Британскиот пристап истовремено е и попрагматичен и похрабар. Премиерот Дејвид Камерон лесно можеше да инсистира на тоа дека само британската влада има законско право да организира референдум. Наместо тоа, се согласи да им дозволи на Шкотите да организираат гласање за иднината на својот народ - под услов независноста да биде единственото прашање на гласачкото ливче.

И според правото и според разумноста, пристапот на британската влада делува помудро. Камерон, како шпанскиот премиер Маријано Рахој, е конзервативец и патриот. Обајцата се ужаснуваат од идејата да им се распадне земјата додека се на власт. Но, британската влада призна дека шкотските националисти, освојувајќи ја власта во Единбург, го заслужиле демократското право да одржат референдум за независност за кој толку долго се бореа. Бесмислено е да се изнаоѓаат легалистички начини да им се забрани тоа.

Пристапот на британската влада, иако ризичен, е психолошки разумен. Порачувањето на луѓето дека нешто им е изрично забрането е апсолутно сигурен начин да им се разбуди желбата да го направат токму тоа. Овој принцип - прв пат воспоставен во рајската градина - секако важи и во денешна Каталонија. Од друга страна, можеби за шкотските националисти е по малку поразително тоа што неодамна една спроведена анкета покажа покажа посилна поддршка за шкотската независност во Англија отколку во самата Шкотска.

Паралелите помеѓу шкотската и каталонската цел се исто така интересни. Во двата региона, националистите го сместуваат губењето на независноста на почетокот на 18 век. Шкотите го потпишале Законот за обединување со Англија - со кој во 1714 е створена Британија - откако несреќната колонијална авантура, позната како Планот Дариен, за малку ќе ја доведела Шкотска до банкрот. Каталонските националисти го врзуваат губењето на независноста со падот на Барселона во 1714 година. На неодамна одржаниот фудбалски натпревар помеѓу Барселона и Реал Мадрид, каталонските националисти ја одбележаа оваа годишнина со громогласно викање кое траеше 17 минути и 14 секунди.

И шкотските и каталонските националисти ја искористија ЕУ за да ги засилат своите барања за независност. Независна Шкотска или Каталонија, тврдат тие, не треба да се плашат од изолација, затоа што новите држави ќе бидат членки на поширокиот европски клуб - па така можат да ја вклопат независноста со безбедноста на членството во ЕУ.

Некои шкотски интелектуалци исто така тврдат дека непријателскиот став кон ЕУ е само англиска специјалност - и дека Шкотите се многу помали шовинисти. Оваа идеја убаво поминува во Брисел, каде некои луѓе ги радува помислата дека Англичаните би можеле да бидат казнети за својот евроскептицизам со сецесија на Шкотска. Всушност, анкетите покажуваат дека Шкотите едвај нешто помалку не ја сакаат ЕУ од Англичаните. Една скорешна анкета открива дека 60% од англиските гласачи сакаат да ја напуштат ЕУ, додека таков став имаат 50% од Шкотите.

Економската криза во еврозоната ги натера шкотските националисти да ги стивнат европските пораки во својата кампања. Сега зборуваат дека независна Шкотска не би го вовела еврото веднаш, туку би ја задржала фунтата - во шкотски банкноти, како и сега.

Шпанија, од друга страна, се наѓа во самото средиште на еврокризата, така што останувањето во ЕУ изгледа добро од таа перспектива. Повеќето каталонски националисти тврдат дека нивната нова држава би го задржала еврото.

Меѓутоа, постои една крупна разлика помеѓу шкотското и каталонското образложение кое делумно ја објаснува разликата во ставовите на Мадрид и Лондон. На шкотска ѝ припаѓаат само 5,2 милиони од 62 милиони вкупно население во Британија - а во Англија се смета дека остатокот од земјата издвојува значајни средства за субвенционирање на овој регион. (Шкотските националисти го негираат ова). Од друга страна, во Каталонија живеат 7,3 милиони од вкупно 47 милиони жители на Шпанија - и тоа е еден од најбогатите региони во земјата. Губењето на Каталонија би претставувало страшен удар за Шпанија.

Меѓутоа, дури и на надмените Англичани би им затрепериле колената кога Шкотска навистина би изгласала независност во 2014 година. Јас лично се надевам дека и Британија и Шпанија ќе успеат да останат цели. Но, ако биде така, тоа мора да биде на доброволна основа. Шпанската влада треба да престане да се крие зад законот и да го дозволи каталонскиот референдум. Ниеден брак не може да преживее само така што ќе го прогласите разводот за противзаконски.

Извор: Financial Times

ОкоБоли главаВицФото