Александар Велики, македонскиот натчовек со раздвоен идентитет

01.11.2012 11:53
Александар Велики, македонскиот натчовек со раздвоен идентитет

Би сакал да верувам дека и на другите луѓе им е јасна вистинската цел на споменикот на Александар III Македонски на скопскиот плоштад: дека тој е изграден за да послужи како алатка во режимскиот идентитетски инженеринг, како икона или модел за создавање и идентификација на Новиот македонски човек. Колку и да е неверојатна помислата за еден анахрон и морбиден државен расен инженеринг во Македонија, сосем е очигледно дека античкиот македонски крал е замислен како нормативен лик за самоидентификација на нашите деца - идните претставници на новата македонска раса. Александар е симбол за македонски натчовек, кој треба да го претставува митолошкото јадро на националната „преродба“, која, пак, ќе резултира со повторно раѓање на расата на вистински антички Ариевци – Македонците кои некогаш го освоиле светот. Овој еднопартиски проект - да се злоупотреби државата за да се замени словенското за античкомакедонското потекло, е изведен врз основа на националистичка идеологија („крв и земја“) според која со „светата македонска земја“ треба да се „зацементира“ расната врска помеѓу Александар Велики, нашиот прататко, и нас – неговите вистински потомци. Овој идентитетски, националистички и во суштина расен инженеринг, кој речиси секогаш се употребувал како придружно оружје во процесите на поробувања, окупации, асимилации и револуции, режимот на Груевски го спроведува врз сопствените граѓани, но не сум сигурен дека тие се свесни за тоа.

Најтажното (и најпонижувачкото) во оваа национална несреќа е што споменикот на Александнар не е последица на – како што се зеза Басара – „здруженото делување на ЦИА, Ватикан и Коминтерна“, туку претставува врвен јавен акт на македонската национална самодеструкција, еден вид успешно изведено идентитетско самоубиство. Со изградбата на споменикот власта од едно модерно и бесконфликтно национално самочувство, коешто до неодамна го имавме, произведе индуцирана криза на идентитет, со која ја доведе во прашање веродостојноста на целата досегашна македонска национална еманципација. Овој несреќен споменик, всушност, почна да го означува времето на најголемата идентитетска криза во историјата на младата македонска нација, зашто владата – во име на нацијата – практично се откажа од единствениот национален идентитет што успешно го градевме повеќе од еден век.

Можеби нашата мачна историја на поробен народ не ни овозможуваше конструкција на благороднички, царски или полубожествени митолошки идентитети, но такво национално самочувство не ни сакавме! Ние изградивме модерно национално самоспознавање врз основа на идеалите на слободата и еднаквоста, со имињата на нашите вистински херои - комитите и партизаните. И го носевме лесно и самосвесно тоа чувство на самоослободено словенско робје, на горди победници во анифашистичката војна и на градители на едно современо и свежо модернизирано општество. Го носевме тој идентитет лесно како тенка ленена кошула, исто како што се носи младешкото здравје, без да го чувствуваме, значи, без каква и да е потреба да се прашуваме за него. Негирајќи го тој огледен и здрав национален идентитет, режимот на Груевски со преродбенички инженеринг успеа од македонската нација да создаде поделен, шизофренично расцепен и идентитетски конфузен болен. Општите симптоми на колективна амнезија, губењето осет за реалноста, деперсонализацијата и проблемите во самопрепознавањето, се учебнички симптоми за тешко ментално растројство на нацијата, со дијагноза - акутно пореметување на раздвоеност на идентитетот. Од млада, здрава и широкоприфатена нација, станавме болно општество кое го дефинираат заблудата за сопственото потекло, внатрешните поделби и омразата со која се оградува од соседите.

Историска иронија на нашево национално пореметување на идентитетот, на нашава самоубиствена „преродба“, е што нејзиниот митолошки симбол Александар III Македонски, изгледа на сличен начин ја „самоубил“ етничката идентификација на неговото македонско племе. Додека денешната македонска власт се откажува од словенското потекло на својот народ, за сметка на измисленото античко македонско национално самочувство, Александар Македонски се откажал од својата македонска посебност, и, сметајќи се себе за Хелен, станал најголемиот дисеминатор на хеленската култура во историјата. Впрочем, да не беше Александар и неговото конвертитство од македонски варварин во Хелен, денес веројатно ќе постоеја само трошки од хеленистичкото културно наследство. Следејќи ја логиката на историската иронија, нашите денешни „преродбеници“ му се верни на својот идол: и Александровата и нивната замена на идентитетот се смртоносни за македонската кауза и – во двата случаи - претставуваат историска афирмација на хеленските интереси. Преземајќи го хеленскиот идентитет, Александар – и никој друг! - засекогаш ја уништил изворната старомакедонска културна посебност, додека денешното преземање на античкомакедонскиот идентитет од страна на режимот на Груевски, ја предизвика нашата современа идентитетска и културна агонија, а на Грците им обезбеди недостижна предност во спорот за името.


Во психолошка смисла, идентитетот е самопрепознавање и самодефинирање кое е структурален услов за континуитетот на личноста или форма на нејзиното постоење. Ако колективниот идентитет е некој вид заеднички именител на индивидуалните идентитетски самочувства, тогаш се разбира дека неговото револуционерно менување е секогаш фатално: идентитетот кој се менува насилно, произволно и радикално, означува општество во распаѓање или егзистенцијален дисконтинуитет.

Затоа мора конечно да сфатиме дека промената на идентитетот, што сега власта го наметнува на македонскиот народ, не значи само раскинување со сопственото минато, туку и дисконтинуитет на свеста за сопственото постоење. Мора да сфатиме дека промената на идентитетот на нацијата, изведена насилно и со измама, всушност ја уништува свеста за каков било идентитет и дека „преродбата“ ја обезвреднува самата смисла на националната самоидентификација. Убивајќи го единствениот идентитет што го имаме, власта ја убива единствената веродостојна македонска посебност што досега видела бел ден.

Колажи: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото