Официјализирана интернет цензурата во Русија

01.11.2012 18:32
Официјализирана интернет цензурата во Русија

Законот чија наводна цел е заштита на децата од штетните содржини на интернет и кој им овозможува на властите да ги блокираат „спорните“ сајтови, во среда стапи на сила во Русија, и покрај криткиките на тамошните водечки сајтови и организации за заштита на човековите права дека се работи за отворен обид за цензура од страна на руските власти.

Властите сега можат да стават на црна листа и присилно да блокираат сајтови без судски процес, откако „Законот за заштита на децата од штетни информации за нивното здравје и развој“ е изгласан во двата дома на парламентот и е потпишан од страна на претседателот Владимир Путин.

Организациите за заштита на човековите права сметаат дека законот, кој е амандман на актуелниот закон за информирање, ќе ја зголеми цензурата во земјата.

Властите велат дека целта е заштита на малолетниците од сајтовите кои содржат сцени со сексуална злоупотреба на деца, нудат детали за тоа како да се изврши самоубиство или ги охрабруваат интернет корисниците да земаат дрога, како и местата на мрежата каде се регрутираат деца за порнографија.

Доколку сајтот не може да биде блокиран, интернет провајдерите и фирмите за хостирање можат да бидат присилени да го блокираат пристапот до „навредливиот“ материјал.

Меѓутоа, критичарите го опишаа законот како обид на Путин уште повеќе да ја засили контролата над населението.

„Секако дека постојат сајтови кои не би требало да им бидат достапни на децата, но не мислам дека работата на власта ќе биде ограничена само на нив“, изјави за Би Би Си Јуриј Вдовин, потпретседател на невладината Citizens Watch од Санкт Петербург.

„Владата ќе почне да исклучува и други сајтови, секој демократски сајт ќе биде во опасност од згаснување. Тоа ќе биде напад на слободата на говорот на интернет“, додава тој.

Вдовин наведува дека е доволно само владата да каже дека некоја содржина е штетна за децата, за да може да го блокира кој било сајт.

„Меѓутоа, денес постојат толку многу штетни сајтови, на пример, фашистичките, и тие до сега можеа да бидат лесно блокирани, но не, на нив не им е гајле, немаше обид да се направи такво нешто“, Вели Вдовин.

Меѓу бројните организации кои се борат за човековите права, меѓу другите, протестираа и популарните сајтови како Yandex, социјалнатa мрежа Mail.ru и Википедија на руски јазик.

Руската Википедија веќе го замрачи својот сајт на еден ден пред изборите во Русија во јуни, тврдејќи дека законот ќе „влијае на креирањето на екстра-правосудната цензура на целиот интернет простор во Русија, која може да вклучува и забрана за пристап до нивниот сајт на руски јазик“.

Интернет провајдерите ќе мораат да ја отстранат спорната содржина кога федералната агенција именувана од владата ќе им испрати известување за тоа. Освен судовите, кои веќе имаат право да забрануваат екстремистичка или друга содржина која ги крши рсуките закони, агенцијата ќе има право да додава содржини на „црната листа“.

Руското министерство за правда веќе има листа на екстремистички материјал кој го забраниле судовите, на која има сајтови и offline публикации, како и музички изданија и памфлети. Моментално, на листата има 1.279 содржини.

Рускиот министер за телекомуникации, Николај Никифоров, смета дека интернет заедницата непотребно е загрижена.

„Интернетот отсекогаш бил слободна територија. Владата не планира да спроведе цензура тука. LiveJournal, Јутјуб и Фејсбук се општествено одговорни компании. Тоа значи дека ќе бидат блокирани само ако одбијат да ги почитуваат руските закони, што не би требало да се случи по моја проценкa“, изјави Никифоров на една блогерска конференција.

Извор: http://www.bbc.co.uk