Записи на џуџето самоубиец

05.11.2012 12:05
Записи на џуџето самоубиец

самостојна изложба на Владимир Лукаш
во кураторство на Владимир Јанчевски
плус свирка на „Џуџиња“ (The Dwarfs)

Локација: Бул. 8 Септември, бр.4 (локал на приземје), Скопје
Отворање: 6. 11. 2012 (вторник), 20:00
Поставката ќе може да се посети од 7.11 до 10.11 (17:00 - 20:00)

КООПЕРАЦИЈА се заблагодарува на Филип Спасовски за отстапениот простор.

Фрагмент 1. Вовед

Како и во секоја школски изведена анализа на делата на еден автор, можеме да (се обидеме да) ги лоцираме изворите на инспирација, некаде во историјата на уметноста, како еден обид за влегување. Во случајот на Владимир Лукаш тоа веројатно би биле Грос и Дикс, но неизбежна е и бруталната карикатуралност на фигурите толку сурово директна (слична на онаа) кај Дибифе, а посебно кај Баскијат и Херинг, осцилирајќи одвреме на време помеѓу хаотичната луцидност на првиот и маестралната симплификација и лаконска стилизација кај другиот.

Но, не се работи за некоја „Нова објективност“, туку старата добра „објективност“, која за жал или за среќа, останува надвор од перцепцијата и ги надминува капацитетите на нашиот ум.

Владимир Лукаш со своите деликатни перфорации во строгиот фокус на разумот (карактеристика или способност која нè чува од лудило), дупчиња внимателно пробивани за низ нив да протече по некој фрагмент од некоја друга, чудна реалност и спремност да се ризикува влез во хаотичноста на лудилото.

Фрагмент 2. Лукаш и локалната „Историја на уметноста“

Владимир Лукаш не е автор кој е во френетична трка со Историјата на уметноста, со „големата сцена“, со нејзините постојани проблеми и предизвици. А сепак, за разлика од многумина други, преку мноштвото детали во неговите слики тој ја открива сопствената свесност за голем број специфични прашања кои се сериозни, и со идиосинкратични, хумористични коментари одговара на некои од нив („Место за апстрактна уметност“, „Овде треба да се случи главниот настан во сликава“, цитати од Витгенштајн итн.).

И секако, треба да се потенцира дека воопшто не е тешко и да се препознае свесноста на авторот за случувањата околу него, неговата способност за апсорбирање на огромен број информации и да даде внимателен коментар на секоја од нив поединечно. Тоа е еден специфичен вид на тивок, современ, уметнички ангажман.

И единствено заради неговата скромност и ненаметливост, тој е позициониран некаде на маргините (како некои од неговите ликови), надвор од центарот, таму некаде помеѓу тарабите на само-оградениот простор, сопствениот, личен простор кој е во постојана пре-изградба, затоа што, веројатно, според него, таму е вистинскиот живот, еден вид фуснота на доминантните текови. Неговата (досегашна) позиција на маргините, е самостојна одлука, но во никој случај, таа „маргиналност“ не според квалитетите кои ги поседува.

Сепак, Владимир Лукаш воопшто не е анонимус или аутсајдер, тој е многу добро познат во одредени уметнички кругови, и има своја одбрана публика, а неговата работа е посебно ценета меѓу еден дел од уметниците. Токму оваа изложба е резултат на поддршката која тој ја има од оние чие мислење и наклонетост е можеби и најважно, барем во специфичниот свет на уметноста. И токму затоа оваа изложба е дотолку поважна, пред сè за да се исправи, условно речено, „превидот“ на професионалците.

Фрагмент 5. За просторот, нарацијата и ликовите

Во делата на Владимир Лукаш и самиот простор, парадоксално, е конструиран и истовремено деконструиран. Нарацијата која се случува на дводимензионалната површина е нелинеарна, фрагментирана, и се движи во повеќе насоки истовремено, одеднаш го менува правецот, па потоа неочекувано се вкрстуваат две, три или повеќе различни приказни, одеднаш прекинува во „испишана“ или „исцртана“ пауза, па повторно продолжува од неочекувано место, кое во моментот е надвор од нашиот фокус. Тоа е една структура во која не постои фиксен центар.

Опусот на Лукаш, делува како еден скриен фундус од кој можат да се „ископаат“ безброј рандом елементи, или пак такви кои неочекувано можат да се појават во различни агли, на маргините, да бидат избришани, недовршени.

Тоа е една огромна, фантастична, галерија на ликови, некои измислени, некои историски, други фиктивно-историски (фрагменти од луѓе, декомпонирани, чудни, дури бизарни суштества, и уште побизарни ситуации). Помеѓу мноштвото комплексни односи во рамки на „хаосот“, можат да се забележат и фрагментите од Хитлер, Де Ниро, Ниче, Шенберг, сопругата на Хендл, едно мрсулаво дете со црвени обравчиња, што е сигурно дека кога ќе порасне ќе стане диктатор, и неброени други. Вистински посветените можеби и ќе се потрудат да ги избројат. Ги охрабрувам да се обидат.

Владимир Јанчевски
фрагменти од текстот посветен на Владимир Лукаш
Скопје, 24 октомври – 4 ноември, 2012 година

Мапа на местото каде ќе се одржи изложбата

Владимир Лукаш е роден во 1978 година во Скопје. Средното образование го завршил во Средно музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а во моментот е апсолвент на Факултетот за музичка уметност, оддел за инструментален џез на Универзитетот “Гоце Делчев“ во Штип. Досега своите дела ги има претставено на 4 самостојни изложби (реализирани во периодот 2007-2012) низ различни градови во Македонија, и поголем број групни изложби. Лукаш се занимава со цртеж, илустрација, перформанс, видео, и е дел од неколку експериментални музички состави.

ОкоБоли главаВицФото