1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Покрај јасната победа на сегашниот претседател Барак Обама или републиканскиот предизвикувач Мит Ромни, гласањето во вторник може да донесе и изненадувања кои се можни според Уставот, но кои ретко или никогаш не се случувале во пракса.
Анкетите во завршницата на кампањата покажуваат дека на национално ниво Обама и Ромни се практично изедначени, но дека сегашниот претседател има предност во „колебливите“ држави кои се клучни за победа во електорскиот систем на гласање.
Најреално од помалку веројатните сценарија е кандидатот кој освоил најмногу гласови на национално ниво да не биде претседател, бидејќи победник на изборите не е оној кандидат кој освоил најмногу гласови на федерално ниво, туку оној кој освоил најмногу електорски гласови - делегатот кој Американците го бираат во поединечните држави.
Три пати во историјата на САД се случило да победи кандидат со помал број гласови на национално ниво - во 1876, 1888 и последен пат во 2000, кога Џорџ Буш Помладиот со 50.456.002 освои 271 електори, додека демократот Ал Гор со 50.999.897 освои 266 електори.
Анкетите покажуваат дека е можно Ромни да има повеќе гласови на национално ниво, а Обама да освои повеќе електори, додека спротивната ситуација е далеку помалку можна.
Помалку веројатен исход е ниту Ромни ниту Обама да не ги освојат потребните 270 електори, туку и двајцата да освојат по 269. Тогаш треба да се примени дванаесеттиот амандман од Уставот на САД според кој претседател бира Претставничкиот дом на Конгресот.
Никогаш до сега не се случил исход 269-269, а претседателот два пати го избрал Претставничкиот дом - во 1801, кога е избран Томас Џеферсон и во 1825, кога е избран Џон Квинси Адамс.
Претставничкиот дом во тој случај го избира претседателот така што се избира по еден претставник од секоја сојузна држава кој ќе гласа за претседател. Бидејќи се очекува републиканците да го задржат мнозинството во следниот состав на Претставничкиот дом, во тој случај претседател најверојатно би бил Мит Ромни.
Од друга страна, во случај на резултат 269-269, потпретседателот го избира Сенатот во кој демократите имаат мнозинство, па Ромни за свој потпретседател би морал да го прифати кандидатот на Обама, Џо Бајден.
Уште поневеројатен исход е електорите да не гласаат онака како што ветиле. Во дваесет и една сојузна држава, електорите не се законски обврзани да го дадат гласот кој го „ветиле“, а во останатите дваесет и девет држави постои таква законска обврска, но електорите во пракса можат да гласаат и поинаку.
Во историјата на претседателските избори во САД, сто педесет и седум електори гласале за кандидат кој не бил „нивен“, но тоа никогаш не го променило конечниот исход.
Најмалку веројатен исход е Претставничкиот дом да не може да избере претседател, односно ниеден од кандидатите да нема мнозинство гласови.
Ако таквата ситуација потрае до 20 јануари, потпретседателот ќе ја извршува функцијата претседател, како во случај на смрт или други околности кои го спречуваат избраниот шеф на државата да ја врши функцијата.
Според дванаесеттиот амандман, потпретседател ќе биде оној кој ќе добие најмногу гласови во Претставничкиот дом. Ако нема такво мнозинство, тогаш сенатот ќе избере потпретседател кој ќе ја извршува претседателската функција.
Тоа ја отвора можноста Бајден или кандидатот за потпретседател на Ромни да дојдат на чело на државата.
Извор: 6yka.com