Бугарите и Романците во втора лига

06.11.2012 09:25
Бугарите и Романците остануваат во втора лига

Наскоро ќе мора да се извинуваме поради она што сме. Неколку големи европски земји се многу загрижени, затоа што се приближува 2014, пресудната година кога Бугарите и Романците повеќе нема да имаат никакви официјални рестрикции кои го блокираат нивниот пристап кон пазарот на труд во остатокот од ЕУ. Некои од овие држави веќе забрзано подготвуваат мерки за да го спречат тоа, гарантирајќи така дека државјаните на двете земји дефинитивно ќе бидат сместени меѓу граѓаните од втор ред.

Холандската иницијатива да се исправи „грешката“ од прераниот прием на Букурешт и Софија во 2007, така што на Бугарија и Романија барем ќе им биде блокиран пристапот во безграничната шенгенска зона, наиде на енергична поддршка на земјите како Германија, Белгија и Финска. Со својата кампања против Ромите, проследена со сè посилната недоверба кон Бугарите и Романците воопшто, и Франција даде придонес.

Меѓутоа, токму Велика Британија е земјата која го формулираше она што на сите им е на ум: Софија и Букурешт формално да останат во ЕУ - на крајот, не е баш можно да бидат исфрлени - но со клаузула нивните држави да мораат да аплицираат за визи. Со еден потег, оваа мерка ќе ги разбие холандските сомнежи околу укинување на границите, француската згрозеност од приливот на Роми од странство и британските стравови од губење на најризичните и најлошо платените работи во нивната земја.

Воопшто не е случајно тоа што неодамна се случија два настани. На 7 октомври, британската државна сектретарка Тереза Меј буквално го искина европскиот договор за слободно движење на луѓето, предложувајќи дека ова право треба да им се укине на државјаните на „одредени земји“. На сите им беше јасно дека мисли на Бугарија и Романија. Утредента, Бугарскиот пратеник во Европскиот парламент, Ивајло Калфин (Социјалистичка партија), го објави одговорот на комесарот за вработување и социјални прашања, Ласло Андор, на жалбата која му ја упати на 11 јули по повод дискриминацијата на Бугарите и Романците во Британија. „Ништо не е пронајдено“, гласеше одговорот на Брисел по два месеци размислување за овој проблем.

Меѓутоа, фактите се тука: само е прашање дали ќе ѝ погледнеме на стварноста во очи. На почетокот на годината, Лондон ја придвижи својата застрашувачка бирократска машина, решен да ги сотре странците кои бараат работа, развлекувајќи ја процедурата за издавање дозвола на подолго од пропишаните шест месеци и систематски одбивајќи ги Бугарите и Романците кои се испраќаат назад во темнината на сивата економија.

Британија е една од десетте земји кои го одложија отворањето на својот пазар на труд за државјаните на најновите членки на ЕУ на максималните седум години. Зошто? Масовниот прилив на Бугари и Романци наводно претставува закана за британскиот пазар на труд. Според Еуростат, во Обединетото Кралство има околу пет милиони странски работници, а меѓу нив има 15.000 Бугари. Многу аналитичари проценуваат дека вистинскиот број е многу поголем, но за земја од 63 милиони жители нивното присуство тешко дека може да биде оптоварувачко. Приморани да го прифатат статусот на самостојно вработени работници, што во пракса значи дека ќе заработуваат помалку од минималната плата и дека нема да имаат британско здравствено осигурување, тие само се натпреваруваат со другите сиромашни емигранит како нив.

Неодамна, една телевизиска репортажа на Би Би Си го откри вистинското лице на овој систем, бележејќи ги невојлите на една романска собарка. Кога таа девојка праша зошто добива само третина од минималната плата, службеникот од агенцијата за вработување го искина нејзиниот договор и ѝ ја покажа вратата.

За Бугарите, оваа дискриминација е два пати повеќе болна, затоа што Европа ги канзува и за нивните страдања во самата Бугарија. Останатите членки се обидуваат да го затворат единствениот излез од кризата која овде владее во последните дваесет години - патничкиот терминал на аеродромот во Софија, кој долго беше симбол на надеж дека животот, колку и да е страшен во земјата, може повторно да почне под поведро небо. Речиси милион млади луѓе веќе ја напуштија Бугарија, а другите сонуваат да тргнат по нивните стапки. Затворањето на границите неизбежно ќе го засили антиевропското расположение во земјата, истовремено влошувајќи ги внатрешните проблеми. Потенцијалните емигранти ќе се сконцентрираат на земјите од Новиот свет, но како некој мисли дека така се засилува идентитетот или силата на новата Европа?

Јасно е дека Бугарите мораат првенствено да го насочат гневот кон своите лидери, кои не се само одговорни за сиромаштијата во земјата, туку и за нејзината ужасна репутација во светот. Премиерот Бојко Борисов, чиј светечки ореол во странство не сјае како некогаш, би можел да го запраша својот британски колега Дејвид Камерон дали така го замислува нивниот пријателски однос, толку внимателно оркестриран на 7 август во Лондон. Зарем тие не се одлични другари? „Дејвид и јас се согласивме...“, „Му реков на Дејвид...“, се прчеше Борисов после посетата на Даунинг стрит. Сега само треба да ја крене слушалката и да му рече: „Слушај Дејвид, ја премина секоја граница!“

Извор: Sega

ОкоБоли главаВицФото