Петелот, фантомот и ламелата

06.11.2012 10:02
Петелот, фантомот и ламелата

Во Министерството за култура биле собрани сите главни извршители на грандиозниот таен проект СК014. Се чекало само доаѓањето на демијургот, човекот во чијашто глава, како од морска пена, се роди идентитетот на новиот Македонец. Пастирот вообичаено доцнел. Кога во еден момент се појавил тој направил нешто што длабоко ги шокирало сите присутни (вџашен бил дури и советникот Александар Станкоски, инаку навикнат на надреални собитија): демијургот, без да прозбори ни збор, се качил на големата маса за седници и просто се олеснил врз купот нови и стари проекти кои засекогаш ја менуваат судбината на главниот град.

Ваква слична сцена има во расказот „На минување“ на современиот руски писател Владимир Сорокин. Кога еден висок партиски раководител го завршил одобрувањето на проектите на локалните власти тој се качил на масата и се олеснил врз купот хартии. Кога би станувало збор за театар или карневал, ваквата сцена би била очекувана и ние би се смееле. Во случајов, се мешаат рамништата на реалното и имагинарното. Ритуалот на партиско советување и одобрување одеднаш преминува во несфатлив чин кој, според теориите за карневалската култура, упатува кон „телесната нискост“. Ритуалот што го опишува Сорокин, меѓутоа, нема карневалски карактер и не предизвикува смеа. Со својата нагласена сериозност тој по ништо не се разликува од ритуалот на „високата“ официјална култура којшто му претходи. Сорокин со еден (некарневалски) потег ги укинува острите спротиставености меѓу горното и долното, сериозното и смешното, официјалното и народното, духовното и телесното - и на некој начин ја брише разликата меѓу карневалот и реалноста.

Тие рамништа (Лакан зборува за тријадата: Реално, Симболичко, Имагинарно) длабоко се помешани во чудесновишниот проект СК014, од којшто на почетокот прикажавме/преземавме една (имагинарна) сцена. СК014 е радикален и (гледано медицински) патолошки упад на Имагинарното во нашата досегашна општествена Реалност. Таков упад, такво драстично играње со општествено-психолошката тектоника не може да помине без последици. Највидливите последици се сериозно нарушените односи со Република Грција, земја чијашто јавност изливите на македонското Имагинарно ги смета за фалсификат, кражба, па и иредентизам во најава. Посуптилните последици од груевистичкиот испад (како фекална канализација да ви избила во мијалникот) се трајно нарушените идентитетски матрици на нацијата, што на помладите генерации ќе им создаде проблеми со (општествената) самосвест. Згора на сè, груевизмот внесе и опасно семе на раздор меѓу новосоздадените „антички“ и („некогашните комуњарски“) „словенски“ Македонци.

Груевизмот заправо го повтори - за среќа, во лимитиран контекст и со ограничени средства - лудачки губитничкиот проект што нацистите го нарекувале umvolkung - етноморфоза, преобразба на народот, „регерманизација“. Станува збор за нацистички поим и проект кој подразбирал чистење на припадниците на германскиот народ од сите облици на свест и култура коишто тие ги примиле од народи, најчесто источноевропски, со коишто заедно живееле, и повторно обединување на германскиот народ врз чисто расна, ариевска основа. Проектот подразбирал и раселување и преселување на цели народи заради создавање единствен германски животен простор. Зборот umvolkung веќе не може да се најде во германските речници - толку многу го сметаат за забеган.

Груевизмот, значи, среде ѕидините на Македонците внесе Тројански коњ. Или, да бидеме пошеговити, среде Македонците груевизмот спушти нешто што се нарекува „фантом“ (не е кукавичјо јајце, но е нешто слично, живинарско). На живинарските фарми, имено, постои голема потреба од сперма на петлите. Сметајќи дека природниот секс е непродуктивен, одгледувачите на кокошки не ги оплодуваат кокошките по природен пат, туку со помош на нешто што им го подметнуваат на петлите и што во жаргонот на одгледувачите се нарекува - фантом. Зборот фантом, инаку, потекнува од грчкиот збор phantasma, а значи „призрак, слепило, привид“.

Што е фантомот? Фантомот е гешталт на кокошка. Психолозите тоа добро го знаат; се работи за збир од карактеристични обележја, контури, според кои петелот ја препознава кокошката. Попрецизно речено, станува збор за збир од обележја кои кај петелот ја придвижуваат репродуктивната дејност зашто во генетската програма на петелот постои некое „копче“ кое го стимулира неговиот „генетски наскок“ (изразов го употребува филозофот Растко Мочник). Слично е и со нас луѓето; кога во надворешниот свет ќе пронајдеме нешто што одговара на замислениот или еволуциски вградениот калап, на стереотипот што го имаме, тогаш проработува нашата репродуктивна машина. Често не е ни потребно „фантомот“, што го користат живинарите, да содржи некакви „реалистични“ детали; доволни се основните обележја на кокошка. Потребно е само да се собере спермата од петелот - и тоа е сè. Живинарите не се ни трудат да создадат „пореална“ кокошка, туку само ги издвојуваат симболите кои го придвижуваат окинувачот на петелот.

Груевистите, значи, во „живинарската фарма Македонија“ внесоа фантом. Но, можно е фантомот всушност да е смислен токму за да ја предизвика репродуктивната моќ на овдешниот демијург и пастир. Таа верзија на приказната е пологична и психолошки поверодостојна. Фантомот е смислен од самите овдешни „петли“ (всушност, од опслужувачите на единствениот петел-матица), за самите да се возбудат (да го возбудат) и за да го „оплодат“ новиот идентитет „на расата“. Ако целата живинарска фарма го прифати Тројанскиот коњ (фантомот) - дотолку подобро. (Сега приказнава почнува да наликува на „Животинската фарма“ на Орвел, та да ја баталиме, барем за момент.)

Затоа велам дека кај нас работите сериозно се измешаа. Во Скопје, под преродбата, веќе нема граници меѓу фантомот и пастирот и петелот и Тројанскиот коњ и партијата и општеството и карневалот и реалноста... Од тие причини и го почнав текстов со сосема испревртени слики, кои, таков е мојот впечаток, во нашиот изместен контекст делуваат сосема соодветно и, дотолку, подобро ја опишуваат реалноста од пропагандните фантазми на „трустот на откачените петли“ (кои своите фантоми ги расфрлале низ земјава како што своевремено Енвер Хоџа расфрлаше бункери низ Албанија).

Вака вели Жак Лакан, со само нему својствениот хумор внесувајќи го поимот „ламела“ (зад кој стои либидото), во славното парче од неговата веројатно највлијателна книга, Четирите темелни поими на психоанализата:

„Секогаш кога ќе се скршат мембраните на јајцето, од каде што излегува фетусот кој станува новороденче, нешто - замислете за момент - оттаму полетува, нешто што исто толку лесно може да се направи со јајцето како и со човекот, имено hommelette, или ламела.

Ламела е нешто сосема сплескано, што се движи како амеба. Само што е малку покомпликувано. Но, минува секаде. А бидејќи е тоа - а веднаш ќе ви речам зошто - нешто што има врска со она што половото битие го губи во половоста, тоа е, како што е амебата во однос на половите битија, бесмртно - зашто ја надживува секоја делба и обидот за цепење. А може и да се превртува.

Па, работава баш и не е охрабрувачка. Но, замислете тоа да ви пријде и да ви го обвитка лицето додека спиете...

Би морале да влеземе во битка со таквото битие. Но, тоа не би била баш лесна битка. Оваа ламела, тој орган, чија особина е да не постои, но кој затоа ништо помалку не е орган - можам подетално да ви ја изложам неговата зоолошка положба - е либидото.“

Славој Жижек во книгата Како да се чита Лакан проникливо и сугестивно го коментира овој кафкијански чудесен текст на Лакан: „Овде, во овој наизглед поетски опис на митското битие кое Лакан го нарекува „ламела“ (а што приближно може да се преведе како „човлет“, човечуле-омлет“, кога ќе ги вкрстиме зборовите „човечуле“ (hommelette) и „омлет“ (omelette) кои на француски се хомофони), орган кој го отелотворува либидото, секој збор има тежина. Лакан ја замислува ламелата како една верзија на она што Фројд го нарече „парцијален објект“: станува збор за чуден орган кој е волшебно автоматизиран, осамостоен и кој опстојува без телото чијшто орган би требало да биде, налик на онаа шака од раните надреалистички филмови која сама од себе талка навака-натака. (...) Лакановиот опис не само што нè потсетува на оние кошмарни суштества коишто инаку ги гледаме само во филмовите на стравот и ужасот туку, уште поконкретно, описот на сите клучни точки може да се разбере како опис на еден филм кој е снимен повеќе од една деценија откако тој пишувал за ламелата. Станува збор за филмот Alien („Осмиот патник“) на режисерот Ридли Скот. Чудовишниот туѓинец, вонземјанинот од тој филм толку верно потсетува на Лакановата ламела што се чини како Лакан на некој начин да го гледал филмот пред тој воопшто да биде снимен. Сето она што Лакан го зборува е содржано во филмот: чудовиштето изгледа неуништиво, а ако го исечете на парчиња, тоа едноставно се умножува. Станува збор за нешто наполно сплескано, коешто нагло полетува и ви се прилепува за лицето: бидејќи го карактеризира бескрајна моќ за трансформација, тоа може да се преобрази во неброено многу форми. Во него чистата грозна анималност се поклопува со слепото истрајување на машината. Тој „вонземјанин“, тој „туѓинец“ е всушност либидото како чист живот, неуништив и бесмртен.“

Читајќи го Жижек, ми паѓа на ум уште една, трета, варијанта која би можела да го објасни феноменот на петелот, фантомот и ламелата. Погоре ги спомнав двете варијанти: или македонскиот демијург-жаба го потстава фантомот за да биде бакнат (оплоден) од народот-петел (и тогаш жабата се претвора во принц, во овој зоолошки хаос од метафори) или фантомот е ставен за да го измами токму македонскиот демијург-петел. Третата варијанта е дека можеби фантомот е ламела! Фантомот (во случајов, поривот по антички идентитет) можеби е единствениот реален елемент во живинарникот, фантомот можеби е „либидото како чист живот, неуништив и бесмртен“. Сето друго, демијургот-пастир, државата, нацијата, народот итн. можеби е само „кур што се тресе во ладна вода“; фантомот е летечкото сплескано омлет-човече, амебата, слепото црево, осмиот патник што избива од градите јал од петелот јал од демијургот јал од македонскиот народ. Сите ние можеби сме кукли за ламелата-фантом.

Уште само да објасниме што се случило во Министерството за култура по шокантното олеснување на демијургот врз списите од СК014. Александар Станкоски и Бранислав Саркањац ги собрале гомцата и ги затвориле во конзерва од Винојуг, Гевгелија. „Вака заврши и модернизмот“, му рекол Станкоски на Саркањац. „И почна постмодернизмот“, одговорил Саркањац и двајцата се насмеале. Урната со пепелта од Кале ја развеал Паско Кузман.

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото