Македонија треба да ги редефинира семејните односи

06.11.2012 16:52
Македонија треба да ги редефинира семејните односи

Скопје, 6 ноември 2012 година

Ванимир Гебелски, младолик интелектуалец од нашата прекрасна земја предложува нова рамка со која одново ќе се дефинираат семејните односи во републиката. Имено, станува збор за предлог кој ги опфаќа сите деца од основните и средните училишта. Сите машки и женски деца кои завршиле основно образование, според предлогот на Гебелски, ќе треба да стапат во брак, еден месец откако ќе се стекнат со валиден документ за завршено основно образование.

Понатаму, сите млади кои завршиле средно образование, веднаш по матурирањето, во рок од девет месеци ќе мора да имаат барем по едно дете. Овој предлог не ги испушта од вид ниту оние кои имаат амбиции да завршат високо образование. Секој дипломиран студент, веднаш откако ќе ја добие универзитетската диплома, ќе има време од една година, своето семејство да го збогати со второ или трето дете. Најтешко ќе им падне на магистрите и докторите на науки. Тие веднаш по магистрирањето или докторирањето ќе треба да имаат четврто или петто дете.

Предложувачот на овие неколку прекрасни прогресивни мерки допрецизира:

-Сите оние кои нема да ги исполнат овие услови, предвидено е да платат, нормално, глоба. Таа ќе биде различна во зависност од категоријата која ја опфаќа. На оние кои по завршувањето на основното образование не стапат во брак, ќе им биде одземен по еден родител кој ќе мора да извршува општествено корисна работа. Средношколците ќе мораат да плаќаат глоба од една просечна плата годишно, а останатите три категории високообразовани луѓе ќе плаќаат по 10 000 евра годишно, барем до исполнувањето на еден од овие услови.

Во наредните денови очекуваме бура од позитивни реакции во јавноста и некои од медиумите кои беа воодушевени од овие предлог-мерки.

Жална вест: Господинот Ванимир Гебелски го повлече предлогот со најава дека во меѓувреме на ум му паднала побрилијантна идеја и се пофали дека таа ќе биде уште попрогресивна од оваа.