Невиност

10.11.2012 09:13
Невиност

Ако црквата, величајќи го бракот во 19. век, ја сакрализираше женската невиност (Segalen, 1981), „таа исто така придонесе и да се обликува родовиот, а со тоа и општествениот поредок што ја обезбеди политичката и родовата доминација на мажите над жените“ (Le Gall и Le Van, 2002). Низ историјата се покажа дека невиноста е должност што посебно се однесува на жените (Grisoni, 1981) и тоа уште од времето на антиката, и како таква е непроменлива вредност, посилно или послабо наметната во Европа, но и на другите континенти.

Мотивирана од татковите и мајчините долгорочни планови, невиноста најчесто се впишува, да не речам и универзално, во системот вредности каде што „честа“ дејствува како систем на управување со репродуктивните способности на жената и како начин на хиерархизирање на родовите. Од невиноста зависат честа и репутацијата на семејството, зашто „чистотата“ на младите ја гарантирала чистотата на семејството во Грција и Стариот Рим, како што подвлекува Гримал (1981).

Иако оддалечен и во времето и во просторот, системот на честа (nif/hurma) во Кабилија, што го проучуваше Бурдје (1972) го покажува неговиот универзален и континуиран карактер. „Доволно е само еднаш некоја жена да не ја сочувала честа за да заработи репутација на расипана“ (Douglas, 1998), и да се смета за опасна оти го носи белегот на својот прв полов однос, а со самото тоа е и извалкана. За да се избегне оваа опасност, во тие времиња девојките стапувале во брак многу млади.

Во 19. век во Европа, со одложувањето на времето за стапување во брак, се појавило едно ново општествено битие: девојката. За да остане девица до бракот, акцентот се ставал врз невиноста, што за буржоазијата станува вистински капитал и суштински адут во брачните стратегии (Segalen, op. cit.).

Ако посакуваната невиност е физичка, пред сè, таа сепак му припаѓа и на моралниот ред. Девојката мора да покаже доказ за чистотата на духот, за нејзината добронамерност и невиност (Grisoni, 1981). Во тоа време цветот на памукот и белата боја стануваат симболи на таа состојба на невиност што истовремено е и физичка и морална. Фустанот за првата причесна, а потоа и венчаницата се во бела боја, како и „велот преземен од обредната облека и директно инспириран од облеката на придружничките на Богородица“ (Segalen, 1981). Тогаш сексуалноста на девојката станува предмет на општествените групи што разработуваат цела низа обреди кои го означуваат губењето невиност и „пристапувањето во новиот општествен статус преку венчавањето“ (Segalen, op. cit.). Некои други обреди ја вреднуваат невиноста на девојката преку празникот на девиците (Segalen, 1983).

Движењата за сексуално ослободување во шеесеттите години на 20. век доведоа до преуредување на идејата на невиноста, но притоа ова не значи и губење на нејзините значење и важност: „едноставно, една од важните последици на сексуалната револуција беше индивидуализирањето на родовите проблеми“ (Grisoni, 1981). Оттогаш во Франција невиноста веќе не е предмет на општествените групи, туку предмет на интимата.

Сепак, првиот сексуален однос останува многу впечатлив, обвиен со страв, заканувачки и загрижувачки (Le Gall и Le Van, 2002) и продолжува да биде она животно искуство што го означува преминот од фазата детство во фазата возрасна личност (Grisoni, 1981), чијашто смисла и понатаму се разликува во зависност од родот. За момчето неговиот прв сексуален однос му овозможува да ја испита својата мажественост и да пристапи кон светот на мажите; за девојката тој претставува начин да биде во согласност со своето тело на жена и со своите желби на жена; „девојката станува жена поради себе, а не поради другите“ (Grisoni, 1981).

Остварувањето на женската невиност се припишува на еден дел од нејзиното тело: хименот. Општо познато е дека е тоа тенка мембрана што крвави кога ќе се пробие, а реалноста на нејзиното постоење не се доведува под прашање (Sissa, 1987), иако уште во средниот век лекарите признавале дека во некои случаи тешко е да се одреди развратноста или непорочноста на некоја девојка, како и дека некои практикувале реконструкција на хименот (Moulinier, 2001).

Во некои култури, особено во медитеранските и муслиманските во кои невиноста и понатаму се смета за најголемо богатство на девојката (Lacoste-Dujardin, 1996), на хименот му се припишува вредност на доказ. Притоа модалитетите на контрола на женската сексуалност се помалку или повеќе ригорозни, во зависност од патиштата на миграцијата (Hamel, 2002).

Денес и понатаму се користи реконструкцијата на хименот како алтернатива зашто некои муслимански девојки мораат да ги задоволат барањата на семејството. Мајките-заштитнички, hurmi (погоре споменатите), се обвинуваат подеднакво како и нивните ќерки кои ја изгубиле невиноста надвор од бракот (Rigoni, 2004). Поради тоа често токму мајките се оние што бараат реконструкција на хименот, што на алжирските лекари им носи вистинско богатство (Lacoste-Dujardin, 1996), и што во Франција, од истите причини како и барањата за добивање потврда за невиност, претставува предмет на тивка полемика во лекарските кругови (според Конгресот на акушерска и психосоматска гинекологија во Париз, 24. и 25. јуни 2004). Истовремено, според Камиј Лакост-Дижарден (1981), институцијата потврда за невиност е заслужна зашто обредот на (често многу трауматичната) дефлорација ја изгуби драматичноста.

Ако дефлорацијата и понатаму останува извор на проблеми и синоним на непоправлива штета што предизвикува тешки последици за некои поединци, глобално се менува моралниот став, како што подвлекува Сиса, со што им се отстапува место на рамнодушноста и заборавот, а хименот, и покрај сè, останува „единствено важен, единствената природна пречка“ (1987).

Извор: Le dictionnaire du corps
Слики: Miju Lee

Слични содржини

Живот / Култура / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Книжевност / Стрип / Теорија

ОкоБоли главаВицФото