Демографските политики и родовата еднаквост во Република Македонија: Мерките за унапредување на еднаквоста помеѓу жените и мажите како мерки за зголемување на наталитетот

10.11.2012 18:16
Демографските политики и родовата еднаквост во Република Македонија: Мерките за унапредување на еднаквоста помеѓу жените и мажите како мерки за зголемување на наталитетот

1. Вовед

Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој , чии цели Македонија како потписник има обврска да ги постигне, ја издвојува родовата еднаквост како клучен приоритет низ чија призма треба да се развиваат демографските политики на една демократска држава. Во таа насока, Стратегијата за демографски развој на РМ ја препознава важноста на создавањето услови за еднакви можности и квалитет на живот меѓу жените и мажите. За постигнување на оваа цел, Стратегијата меѓу другото ги предвидува и следниве мерки:

- Преземање на мерки за остварување на рамноправноста на жената и мажот, нивниот придонес во економијата, достапност на економските ресурси, вреднување на трудот, заштита од дискриминација по основа на родот преку почитување на начелото на еднаквост на пристап на пазарот на работна сила, еднаква платеност за еднаков труд, итн;
- Унапредување на поделбата на одговорностите на жената и мажот во семејството и грижа за членовите на семејството во смисла на потполна рамноправна распределба на одговорноста, преку развивање на соодветна поддршка на семејството и услуги кои се потребни во семејството.
Повод за овој документ се неодамнешните загрижувачки изјави на високи владини претставници, во кои „женските права” беа индиректно посочени како причина за нискиот наталитет во државата. Оваа загрижувачка промена во дискурсот не’ поттикна да го подготвиме овој документ за да ги истакнеме предностите на родовата еднаквост како составен дел од демографските политики. Се надеваме дека неодамнешните изјави нема да бидат најава за сериозно уназадување во оваа важна и сеопсежна област. Имајќи предвид дека Министерството за труд и социјална политика најави мерки за зголемување на наталитет, овој документ има цел да придонесе во тој процес нудејќи информации и конкретни препораки. Очекуваме, дека на крај усвоените мерки нема да отстапуваат од заложбите за унапредување на еднаквоста меѓу жените и мажите содржани во националната Стратегија за демографски развој и во Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој.

2. Клучни заклучоци

Ако ја разгледаме врската меѓу родовата еднаквост и демографските политики во други европски држави, постојат јасни индикации дека мерките за унапредување на еднаквоста меѓу жените и мажите не само што не се во конфликт со мерките за зголемување на наталитетот, туку и постојат емпириски докази кои го потврдуваат спротивното.

Фактори кои негативно влијаат на вкупната стапка на фертилитет

Клучните фактори кои влијаат на намалувањето на наталитетот во една развиена држава се:

  • Ниското учество на жените во пазарот на трудот (во Македонија е на 44.7% во 2011);
  • Високата стапка на невработеност на младите (во Македонија е над 50%), која доведува до тоа младите луѓе да го одложуваат формирањето на семејство додека не постигнат основна финансиска стабилност.
  • Висока стапка на невработеност, емпириските студии укажуваат на фактот дека колку е повиска вкупната стапката на невработеност, толку е помалку веројатно дека жените на репродуктивна возраст ќе се одлучат да го напуштат пазарот на труд, поради тоа што враќањето на пазарот на трудот за нив е многу потешко.

Фактори кои позитивно влијаат на вкупната стапка на фертилитет


Високата стапка на економска активност сама по себе не придонесува за зголемен фертилитет, како што е на пример случајот со Германија. Покрај високата стапка на економска активност на жените, мора да постојат мерки за да им се олесни балансирањето меѓу работата и семејниот живот на жените и мажите, и тоа:


  • Високиот опфат на деца во предшколско образование, директно корелира со зголемување на фертилитетот во државите од европа. Додека стратегијата Европа 2020 предвидува таргет од 95%, опфатот во Македонија моментално е 26%.
  • Флексибилни работни аранжани – можноста жените да работат од дома, да работат со скратено работно време или со флексибилно работно време е клучно за нивното враќање на пазарот на труд.
  • Учеството на мажите во раниот развој на децата. Државите кои нудат комбинирани пакети за родителско отсуство кои можат да ги користат и жените и мажите и во кои има висока искористеност на овие можности од страна на мажите бележат пораст во фертилитетот.

3. Стапка на фертилитет во РМ

При анализа на движењето на вкупната стапка на фертилитет во последните седум години може да се забележи тренд на стагнација. Како што може да се забележи од графиконот подолу, вкупната стапка на фертилитет (ВСФ) не бележи „долготраен и незапирлив тренд на пад на наталитетот.” Во периодот меѓу 2005 и 2011 забележуваме стагнација на ВСФ на околу 1.46. Ако земеме предвид дека последните квартални податоци со кои располага заводот за статистика укажуваат на тоа дека иако во првото тромесечие од 2012 е забележано намалување на бројот на живородените деца во споредба со 2011, во второто тромесечие од 2012 бележи пораст во споредба со претходната година и може да се очекува дека ВСФ ќе остане ист.

Извор: Eurostat



4. Вработените жени, клучот до зголемен фертилитет

Сè поголем број истражувања докажуваат дека државите со најнизок фертилитет (Шпанија, Италија и Грција) се оние со релативно ниско учество на жените во работната сила, додека државите со висок фертилитет (Шведска, Данска, Франција, Финска) имаат релативно високо учество на жените во работната сила(Ahn and Mira 2002, Esping-Andersen 1999, Brewster and Rindfuss 2000, Billari et al. 2002).DelBoca наведува емпириски докази и за огромните разлики во фертилитетот меѓу државите со високи и ниски стапки на младинска невработеност, каде државите со висока невработеноста на младите (Шпанија, Италија и Грција), забележуваат низок фертилитет и каде младите парови како резултат на невработеноста го одложуваат формирањето на семејство. Конечно, дополнителен негативен фактор е и вкупната стапка на невработеност во една држава. Овие наоди кореспондираат со состојбата во Македонија, заради тоа што покрај високата невработеност, составот на работната сила кај нас покажува многу ниска економска активност кај жените (44.7% за 2011 ) и многу висока стапка на невработеност кај младите (која и во 2011 е над 50% ). Сметаме дека овие состојби се клучен фактор за ниската вкупна стапка на фертилитет.

Извор: Eurostat

Дополнителен фактор кој привремено има негативно влијание врз фертилитетот во Македонија е континуираното покачување на просечната возраст на мајката при првото раѓање поради тоа што сè повеќе млади жени се одлучуваат да останат во образовниот систем по завршување на средното училиште и/или факултетот. Иако зголемувањето на просечната возраст на мајката при раѓање на првото дете во прво време го успорува природниот прираст на населението, постојат докази дека тоа е процес кој достигнува свој врв.

Извор: Жените и мажите во Македонија 2012, ДЗС

Искуствата на други држави укажуваат на тоа дека одложувањето на првото раѓање ја достигнува својата највисока точка, по што следи стагнација, т.е. одржување на релативно константна просечна возраст при раѓање на првото дете. Bongaarts и Feeney сметаат дека падот на наталитетот застанува кога ќе се заврши одложувањето на првото раѓање, т.е. кога просечната возраст на мајката при раѓање на првото дете ќе престане да расте. Во Македонија, моментално средната возраст на жените при раѓање на првото дете е 26 год. Имајќи ги предвид податоците од ЕУ, очекуваме оваа возрасна граница да биде конечниот врв во Македонија, па оттука сметаме дека овој фактор веќе нема негативно да влијае врз фертилитетот во иднина.

5. Неопходни мерки за балансирање на работата и семејството

Зголемувањето на вработеноста на жените, само во комбинација со обезбедување на сервиси и мерки за балансирање на работата и семејството, доведуваат до зголемен наталитет(Ermisch 1989, Hotz and Miller 1988, Del Boca 2002, Brewster and Rindfuss 2000, Benjamin 2001). Онаму каде државите поттикнале промени во социјалните норми кон мајката–работничка и каде постојат политики за намалување на јазот меѓу одгледувањето на деца и вработеноста кај жените (родителски отсуства, голема пристапност до установи за грижа за деца, и поголеми можности за флексибилно и скратено работно време) се земји кои успеале да ја зголемат стапката на фертилитет.
Во таа насока е и поскорешнастудија наLuci и Thevenon(2011) која покажува дека:

„Наталитетот побргу расте во земјите кои го поттикнуваат учеството на жените на пазарот на труд и можностите за балансирање на работата и семејството… Земјите членки на ОЕЦД кои комбинираат релативно висок наталитет со високи стапки на вработеност на жените обично се истите земји во кои условите се поволни за вработените мајки...
Наспроти ова, земјите кои комбинираат релативно низок наталитет со ниски стапки на вработеност на жените, нудат помалку поволни услови за балансирање на работата и семејството. Во иднина, врската помеѓу економскиот развој и наталитетот сѐ повеќе ќе ја одразува ефективноста на семејните политики.

6. Од породилно кон родителско отсуство

Зголемена улога на мажите во раната грижата за децата, е исто така еден од клучните фактори кои влијаат на зголемување на фертилитетот. Во РМ во моментов на мажите не им е овозможено да играат поголема улога во раниот развој на нивните деца. Законот за здравствено осигурување гарантира надомест на плата поради отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство (член 5), а Законот за работни односи гарантира дека работничката за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеци непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) една година (член 165).


Она што е клучно да се земе предвид во креирањето на мерки за поголема инволвираност на татковците во грижата за децата (како што врочем и предвидува Стратегијата за демографски развој) е дека овие мерки треба да го рефлектираат правото на таткото активно да учествува во грижата за своите деца, наместо обврската да биде добар сопруг.


Распространета е претпоставката дека кај мажите не постои интерес за поголема вклученост во раниот развој на децата. Меѓутоа, истражувањето, кое Реактор го спроведе во 2011 год., на репрезентативен национален примерок, покажа дека оваа претпоставена пречка не е толку распространета. Две третини од вкупниот број на учесници (жени и мажи) во истражувањето не се согласија со ставот дека е „срамота таковците да земаат родителско отсуство“, а една четвртина се согласија со тоа.

Тоа може да значи дека постои помала општествена стигма поврзана со активното учество на таткото отколку што се претпоставува. На изјавата „татковците кај нас би земале родителско отсуство за да можат да се грижат за своите деца, доколку го имаат разбирањето на заедницата и на работодавецот“, повеќе од половина од примерокот (55,2%) се согласија, додека пак малку повеќе од третина (34,6%) не се согласија. Тоа значи дека промените во политиките за родителско отсуство се поддржани од граѓаните. Тука забележавме значителни разлики меѓу мажите и жените на ова прашање, каде мажите значително повеќе се согласуваат дека доколку за тоа постојат услови, татковците би земале родителско отсуство за да се грижат за своите деца. Оттука, во разбивањето на стереотипите за „неспособни и незаинтересирани” татковци ќе биде клучно да се таргетираат и жените.

Срамота е татковците да земаат родителско отсуство

Во потполност се согласува: 17,9%
Се согласува10,2%
Ниту се согласува, ниту не се согласува: 4,7%
Не се согласува: 20,2%
Воопшто не се согласува: 47%

Татковците кај нас би искористиле родителско отсуство за да се грижат за своите деца, доколку го имаат разбирањето на заедницата и на работодавецот

Во потполност се согласува: 26,4%
Се согласува: 28,8%
Ниту се согласува, ниту не се согласува: 10,3%
Не се согласува: 14,6% 
Воопшто не се согласува: 20%

Во насока на вклучување на таткото во раната грижа за децата, пред неколку години беа најавени промениво законодавството за зголемување на породилното отсуство на мајката од 9 на 12 месеци и додавање на 2 изборни „татковски месеци“ кои би можеле истовремено да се земат (што е слично на германскиот модел од 2007 година). Сметаме дека е важно да се разгледа контекстот во кој се воведе германскиот модел во 2007, врз кој се заснова македонскиот. Германскиот модел означи пресврт во семејните политики во земјата (политиките од пред 2007 година претежно беа насочени кон семејството, а тригодишното отсуство беше вообичаено).Воведувајќи намалување, а не зголемување на отсуството (како во македонскиот предлог).Понатаму, германските реформи се појавија како резултат на тоа што подолгото отсуство и мерките насочени кон семејството не ги дадоа очекуваните резултати: „..соочени со фактот дека ниту подолгото отсуство од работа, ниту пак зголемувањето на трансферите немаше никаков опиплив ефект врз зголемувањето на наталитетот, законодавците почнаа да ги разгледуваат решенијата на нивните европски соседи.“ (ErlerвоKamerman&Moss)

Германското искуство би требало да послужи како добар пример за законодавците во Македонија, бидејќи ја открива неуспешноста на ваквите политики. Не постојат докази дека зголемувањето на отсуството и поголеми трансфери го зголемуваат наталитетот, дури и во подобри економски услови. Далеку поуспешни се покажаа политиките на некои од европските држави како што е на пример Финска, кои обезбедуваат квоти за одреден временски период за платено родителско отсуство и за таткото и мајката поединечно, а кои не се преносливи. Оттука, сметаме дека утврдување на 2-3 месеци татковско (непреносливо) отсуство ќе биде клучно за зголемување на фертилитетот, но и намалување на дискриминацијата на жените на пазарот на труд.

7. Грижа за децата: Пренесување на товарот од жените кон општеството

Едно од централните прашања при идентификацијата на идните мерки на демографската политика на државата би морало да биде обезбедувањето на достапни и квалитетни услуги за грижа на децата на предучилишна возраст. Анализите на Економист (Ноември, 2011), упатуваат на корелација помеѓу стапките на фертилитет и системите за поддршка и услуги за грижа на деца. Имено тие се најголеми кај европските земји (Франција и Нордиските земји, особено Финска), кои имаат одлични услуги за згрижување на децата, во смисла на нивна физичка и финансиска достапност и квалитет на услугите. Според овие анализи, животот на вработените жени во овој дел од светот е олеснет низ „просветлени ставови на работодавачите, одлични услуги за грижа на децата и дарежливо семејно отсуство“.

Во Германија на пример, има многу ниска покриеност со градинки, со што на родителите не им се нудат доволно можности за грижа на децата на предучилишна возраст. Слично, во Македонија капацитетот на градинките е 16% (а опфатот 26%) од децата на таа возраст. Спротивно на ова, нордиските држави нудат поголема покриеност и поквалитетни установи за дневна грижа на деца. Шведска на пример, за помалку од 10 години со ваквите мерки успеа да го покачи фертилетот од 1.5 (каде отприлика се наоѓа Македонија во моментов), на 1.98 и практично се на прагот да ја постигнат стапката од 2.1. (минималната стапка на фертилитет за одржување на населението).

Системска политика за промоција и обезбедување на еднаквите можности на жените и мажите кај работодавачите, особено оние од приватниот сектор е нешто што исто така недостасува во македонското општество. Жените се дискриминирани на пазарот на труд, а се соочуваат со низа бариери при пристапот до достоинствена работа. Бизнис заедницата не може да се иземе од општествената оддговорност, заради што е потребно промовирање на родовата еднаквост и во рамките на оваазаедница.

8. Достапни и квалитетни услуги во поглед на сексуалното и репродуктивното здравје

Постојат сериозни проблеми во пристапот до квалитетни услуги во поглед на сексуалното и репродуктивно здравје. Само 25% од жените во Македонија имаат пристап до гинеколошки здравствени услуги во близина на местото на живеење. Помалку од една четвртина од жените практикуват редовни гинеколошки прегледи при првата бременост заради оддалеченост и недостаток на финансии. Околу 70%, мораат да користат превоз за редовните прегледи. За речиси 15% од жените, установите за коонтрола на бременоста се оддалечени над 10 километри. Дополнително,стапката на смртноста на новороденчиња е висока (три пати повисока од просекот на ЕУ). Зголемена е и стапката на морталитет кај мајките. Оттука, подобрување на здравствените услуги врзани со пренаталната и постнаталната здравствена нега треба, исто така, да биде приоритет и дел од пакет мерките.

Година(1); Умрени доенчиња на 1000 живородени(2); Смртност на мајката на 100 000 живородени(3)

   1         2       3
2006    11.5    4.4
2007    10.3    0
2008    9.7      0
2009    11.7    4.2
2010    7.6      8.2

Извор: Витални статистики, 2011, ДЗС

9. Препораки

Во продолжение следуваат препораки за мерките кои сметаме дека треба да бидат усвоени од страна на државата во насока на зголемување на фертилитетов во државата, а кои истовремено ќе значат и промоција на родовата еднаквост. Оттука, ова се само дел од севкупните мерки кои треба да бидат преземени , а се однесуваат на дел од причините за ниска ВСФ во државата.

Пазар на труд

  • Воведување на системски политики за привлекување на неактивните жени на пазарот на труд и вработување на невработените, особено млади;
  • Зајакнување на инспекцискиот надзор за почитување на работничките права особено во сектори со традиционално женска работна сила (текстилна индустрија);
  • Донесување на Национален план за вработеност на младите;
  • Справување со проблемот на директна дискриминација на жените на пазарот на трудот (подобро имплементирање на одредбите од Законот за работни односи, казнување на работодавци кои ги принудуваат работничките да потпишуваат договори со кои се обврзуваат да не раѓаат);
  • Редовни исплати на породилно отсуство;
  • Приоретизирање на фирмите, кај јавните набавки, кои се залагаат и спроведуваат политики за родова еднаквост;
  • Воведување на лиценца (бренд) за родова еднаквост која би се доделувала на фирми кои имаат политики за родова еднаквост и би поттикнало вработување на жени;

Социјална заштита

  • Интензивно инвестирање во покриеноста на градинките, како и разгледување на алтернативи начини за зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование (во рамки на основните училишта, регулирано и лиценцирано чување на деца од воспитачи во домашни услови и мали групи, адаптирање на работно време);
  • Поголема вклученост на татковците во раната грижа за деца, со овозможување на непреносливо родителско отсуство од најмалку 2 месеци;
  • Разбивање на стереотипите околу родово поделениот труд во семејството;
  • Спроведување на активности за намалување на малолетничките бракови и бремености.

Здравствена заштита

  • Реформирање на системот за надомест на плата за отсуство поради родителство со воведување на мајчинско отсуство (првите шест месеци по породувањето, кои и’ се гарантираат на мајката и спаѓаат под здравствена заштита) и родителско отсуство (преостанатите три месеци да преминат под социјална заштита и да бидат гарантирани за двата родители)
  • Подобрување на пристапот до контрацепција како можност за подобро планирање на бременоста;
  • Подобрување на здравствените услуги за мајките и децата;

Слики: Alexandra Levasseur




ОкоБоли главаВицФото