Данок

11.11.2012 10:06
Данок

Не знам зошто Шехтански и ТМОРО толку експресно го повлекоа предлогот да се плаќа ергенарина, односно немажените жени и неженетите мажи да плаќаат данок затоа што не стасале да се заљубат и да се венчаат. Предлогот беше толку апсурден, што имаше сериозни шанси да профункционира кај нас. Во секој случај, вредеше да се размисли.

Ваков предлог, на пример, ќе доведе до признавање на хомосексуалните бракови. Зашто не можеш некого да казнуваш поради неговата сексуална ориентација. Или барем не можеш сè уште. Од друга страна, тоа е и монументална шанса да се развие цела една бизнис-гранка во земјава - стројништвото. Невработеноста драстично би се намалила. Замислете само, по стариот обичај секој стројник да добиваше по чифт кондури. Ете развој на чевларската индустрија. Ете нови работни места. И што ќе правеа чевларите со новостекнатите пари? Па, ќе си купуваа кошули. И, опа, се развила и текстилната индустрија. И прехранбената. И услужната. Па, угостителството. Туризмот со огромниот број медени месеци и години. И буџетската каса секогаш би била полна. Замислете само колку врби на Вардар тогаш би можеле да се засадат. Каков само паркинг ќе можеше да се направи на местото на Градскиот парк. А гарантирано ќе можеше да се закачи уште некој споменик на централниот скопски плоштад, за да се димензионира токму за 150 митингаши, колку што оптимално опозицијата може да собере на еден митинг.

Идејата за даночно стимулирање на бракот (?) би можела да развие цел еден нов даночен систем. На пример, да плаќаат данок сите што, без оглед на кои причини, не доручкуваат. Или не вечераат А за тие што не ручаат данокот се дуплира. Така ќе се застане на крај на масовната поjава на анорексии и булимии, а богами ќе се обесхрабри и комерцијализираното држење диети. Данок ќе плати и оној што нема да оди на годишен одмор, зашто годишните одмори се добри за здравјето на здравата нација, а уште подобри за наталитетот. Па ќе се оданочи секој оној што барем еднаш неделно нема да однесе литар зејтин во црква. Мора да се разработат и црквите, а и фабриките за масло. Треба да се оданочи секој што не купил стан, а секако и секој што не се сликал пред Куќата на Мајка Тереза.

Значи, општо гледано идејата за стимулирање по пат на даноци е ингениозна. Сè до појавата на Шехтански и ТМОРО под поимот „стимулација“ се подразбираше давање, а не земање. Но, сега се гледа колку е тоа погрешно. Бадијала, на пример, Владата ги стимулира младите брачни парови со евтини станови, кога белата чума е најстрашната ноќна мора што ја сонува Груевски. Бадијала дава владата субвенции за земјоделството, кога тоа едвај преживува. Наместо тоа требаше да се оданочи секој килограм тутун, на пример, па да се види што е стимулација.

Со еден збор, можеше да се случи чудо, слично на она во „Свети Димитрија“, само Ванчо Шехтански да застанеше похрабро зад својот инаку повеќегодиѓен предлог. Вака и чудото од „Свети Димитрија“ се пошишмани, па се повлече. Стручњаците велат дека чудото било предизвикано од (в)лага. Некој, сепак, ги исчистил фреските. Не може од глава да ми излезе слкиката на премиерот, како со засукани ракави на кошулата самозадоволно зјапа во фреските, веројатно задоволен од тоа како се исчистени. Овој викенд и така ми следи генерално чистење на станот, па очекувам некое слично чудо да се случи и во мојот дом: на пример, премиерот, со засукани ракави и крпа во рацете ја брише правта од сликите што се закачени по ѕидовите. Ете, тоа е таа стимулација за која сум подготвен да му платам данок на Шехтански.

Читам по весниците дека денес во австралиската држава бил државен празник и неработен ден. Станува збор за Празникот на коњите. И ние соодветно го одбележуваме. Во таа смисла, токму за денес е предвидено сечење на преостанатите тополи спроти зградата на АМСМ. За да има каде да се паркираат коњите. Во градот велат дека ќе има место за сто автомобили. Или, со други зборови, за околу 500 коњи.

Сечењето на тополите е секако позитивна работа во периодот пред локалните избори. Имено, некој правилно проценил дека гласаат коњи, а не растенија. Тоа, конечно, е и одговор на загатката зошто мораше да се направат толкму многу споменици на коњи, а да се засадат само три врби, на пример.

Ги гледам, значи, и билбордите и пропагандните материјали на градските власти, на кои доминираат фотографиите од типот „пред и потоа“. Има Скопје архива од стари фотографии, па ме чуди зошто оние со предзнак „пред“ се од понов датум, кога сосема слободно можеа да се стават и фотографии од времето на браќата Манаки. Што се однесува до мене, можеа да се стават и пештерски цртежи, па да се види колку многу изградиле Турците, на пример. Или комунистите. Поентата е дека ако не постоеа властите, ние демек уште ќе живеевме во пештери. Затоа, белким, треба да се поклонуваме на сите власти.

Наводно претседателот Ѓорге Иванов изјавил дека со Бугарија треба да славиме барем три заеднички празници. Не знам на кои празници мислеше нашиот претседател, ама еден имамде сигурно заеднички. Тоа е 1 април. Денот на лагата. Или на влагата. Или на чудото.

Извор: Глобус

ОкоБоли главаВицФото