Обама Втори

12.11.2012 08:39
Обама Втори

Ова би можел да биде победничкиот тандем кој ќе доведе до договор со Палестинците: побеснетиот Барак Обама наспроти коцкарот Бенјамин Нетанјаху (кој изгуби во ова делење). Ако Обама Втори го следи своето срце и логика, своите морални принципи и прокламираните вредности, интересите на Америка и светот, тогаш можеме да очекуваме старо-нов претседател во Белата куќа, кој своето незадоволство од Нетанјаху ќе го изрази како притисок врз Израел да стави точка на окупацијата. Значи, токму овој нескладен и несложен пар може да доведе до придвижување.

Сите кои лично го познаваат Обама можат да потврдат дека неговото срце е на страната на Палестинците. Последните години тоа го слушав од највисоките израелски, американски и палестински извори. Меѓутоа, Обама Први одлучи да ги остави на страна личните емоции и природното чувство за правда и да се позанимава со својот политички опстанок. На самиот почеток на првиот мандат, тој се обиде да се занимава со израелската окупација. Неговите први телефонски разговори од претседателската фотелја беа со Нетанјаху и Махмуд Абаз; веднаш именуваше и специјален пратеник за Блискиот Исток.

Меѓутоа, овој обид имаше краток здив, затоа што тој набрзо сфати дека во Израел постојат моќни сили кои работат на тоа окупацијата да биде вечна. Така, најмоќниот човек на планетата одлучи да крене раце и да не презема ништо. Почна да оддава впечаток на очајник кој изгубил секаков интерес за ова прашање, занемарувајќи ја својата реална положба на американски и светски лидер. Нетанјаху го понижуваше и навредуваше, грубо ги игнорираше сите негови барања и продолжуваше по свое, а Обама ги голташе навредите, како да не знае кој е претседател на светската сила, а кој претседател на владата на земја-сателит.

Обама Втори мора да покаже повеќе самодоверба и помалку грижа за своето политичко преживување. Тука лежи најголемата шанса. Ако пред таквиот Обама застане нашиот десничарски премиер, познат по тоа што останува глув на барањата на американскиот претседател, отворено ги поддржува неговите противници и повторно почне да го навредува - пред нас е нова, многу ветувачка реалност.

Тешко е да се верува дека Обама ќе биде попустлив и во вториот мандат. Исто така, тешко е да се поверува дека Израел ќе може да ја продолжи својата политика на постојано зборување за создавање две држави, а истовремено да продолжи со изградба на населби на окупираните територии. Од лицето на Израел треба да се симне оваа маска, а кај Обама се наѕира гневот и одлучноста да го направи тоа во вториот мандат. На Израел му е повеќе од потребен лут и одлучен американски претседател. Тоа е последната шанса Израел да се спаси од проклетството на окупацијата. Тоа никогаш нема да го направи сам. Без американската лутина, нема причини да го напарви тоа, затоа што животот во Израел е добар, а Палестинците се слаби.

Ако на изборите во Израел во февруари следната година биде избран некој друг, а не Нетанјаху, некој кој ќе влезе во преговори, бла-бла-бла, кој ќе се сретне со Палестинците и ќе ги одбие како што тоа го правеа неговите претходници последните десет години - ништо нема да се промени. Постои опасност Обама да падне во замката на наводно умерениот Израел. Напротив, токму Нетанјаху како претседател на Владата и Авигдор Либерман како втор човек во државата можат да запалат искра кај Обама. Претседателот со високо чувство за правда и софистицирана смисла за историја не може да ја пропушти последната прилика да направи нешто со Израел. Да, Обама би го можел тоа. Израел никогаш не бил толку зависен од неговата земја; прашање е само дали американскиот претседател доволно ќе сака и ќе биде доволно одлучен да го искористи тоа.

Ова мора да се случи многу брзо. Нема причина да се чека на инаугурацијата. Обама мора да ги промени правилата на игра според кои Израел дивее како сака и воопшто не се грижи за светот. Европа не може да го направи тоа, ОН исто така, нормално, ниту Палестинците - тоа го може само тој. Затоа, кога повторно избраниот претседател се качи на бината во Чикаго, повторно заискри надежта. После четири години разочарување и горчливи очекувања, оваа нова надеж не е налик на онаа од победничката ноќ во минатиот мандат, но сепак и овде речиси да нема втор план.

Извор: Haaretz
Фотографија: Daniel Shea