Првата сенаторка која јавно се изјасни како лезбејка

12.11.2012 08:59
Првата сенаторка која јавно се изјасни како лезбејка

Граѓаните на американската држава Висконсин за свој претставник во Сенатот ја избраа Теми Болдвин, која така станува прва сенаторка која јавно се изјаснила како хомосексуалка.

Теми Болдвин (50) од Демократската партија ќе биде и првата жена која во Висконсин е избрана за член на горниот дом на американскиот Конгрес.

Нејзината победа, освен што им помогна на демократите да ја задржат контролата во Сенатот, има и големо симболичко значење за заедницата на хомосексуалците.

„Свесна сум дека ја имам честа да бидам прва жена во американскиот Сенат од Висконсин. Исто така, многу сум свесна дека ќе бидам првиот член на Сенатот на САД кој јавно се изјаснил како геј. Но, не се кандидирав за да создавам историја. Се кандидирав за да направам разлика“, изјави Болдвин.

Со нејзиниот избор за сенаторка во горниот дом на Конгресот ќе има осумнаесет жени, што е нов рекорд, пренесува Гардијан.

Теми Болдвин од главниот град на Висконсин, Медисон, со мала разлика го победи Томи Томсон, кој четири пати е избиран за гувернер на Висконсин и кој беше министер за здравство.

Во изборната трка за место во Сенатот која чинеше 65 милиони долари, Болдвин доби голема поддршка и донации од припадниците на ЛГБТ популацијата и активистите за заштита на животната средина.

Иако отворено се изјаснуваше како лезбејка откако влезе во политиката, таа во текот на изборната кампања не ја истакнуваше својата сексуална ориентација, инсистирајќи дека тоа не е важен фактор за изборите.

Теми Болдвин четиринаесет години беше членка на Претставничкиот дом, каде стекна репутација на еден од најлибералните припадници на Демократската партија.

Истовремено со претседателските и парламентарните избори, во вторник во државите Мејн, Вашингтон и Мериленд се одржаа референдуми на кои граѓаните гласаа за легализација на хомосексуалните бракови.

Извор: e-novine