Како религијата труе сè (1)

12.11.2012 11:54
Како религијата труе сè (1)

Во пет продолженија ќе објавиме делови од книгата „господ не е голем“ од Кристофер Хиченс. Книгата неодамна излезе на македонски, во издание на Фондацијата Отворено Општество Македонија. Изданието е некомерцијално и не може да се најде во продажба. Преводот на книгата го направи Гордана Стошиќ. Се заблагодаруваме на ФООМ за можноста овде да пренесеме мал дел од книгата. Деловите во Окно не ги содржат фуснотите од книгата. Oпремата на прилозите е на редакцијата на Окно.

 

Благо речено

Доколку оние кои не ја прочитале случајно оваа книга посакаат да го изразат своето несогласување со авторот и се обидат да ги идентификуваат гревовите и искривеноста што го предизвикале да ја напише (сум забележал дека оние кои јавно се застапуваат за милосрдие, сочувство и простување, честопати се наклонети на такви постапки), тогаш тие нема да спорат само со непознатиот и неопислив создател кој - се претпоставува - одбрал да ме направи ваков. Тие ќе го извалкаат и споменот на една добра, чесна и едноставна жена, со цврста и искрена вера, по име госпоѓа Џен Вотс.

Кога бев момче на возраст од девет години и го посетував училиштето на крајот од Дартмур, во југозападна Англија, токму госпоѓа Вотс ја имаше задачата да ме подучува за природата, како и за Светото писмо. Таа нè носеше мене и моите соученици на прошетки низ еден многу убав дел на мојата родна земја и нè учеше да ги разликуваме видовите птици, дрвја и растенија. Прекрасната разноликост што можеше да се најде во живата ограда, чудото на купот јајца пронајдени во замрсеното гнездо, тоа дека до копривата што ќе ти ги испржи нозете (моравме да носиме кратки панталони) ќе има и лист киселец кој ја ублажува болката - сето тоа останало во моето сеќавање како во „музеј на ловочуварот“ каде локалните селани ги изложуваа останките на стаорци, ласици и други штетници и грабливци кои најверојатно ги создало некое помалку љубезно божество. Доколку ги прочитате бесмртните рурални поеми на Џон Клер, ќе ја почувствувате музиката на она што сакам да ви го пренесам.

Подоцна на часовите добивавме отпечатен лист хартија со наслов „Истражете го Светото писмо“, што на училиштето му го испраќаше некојаси национална институција задолжена да ја надгледува верската поука. (Тоа, заедно со дневната молитва, беше задолжително и наметнато од државата.) На листот имаше еден стих од Стариот или од Новиот завет, а наша задача беше да го побараме стихот и потоа пред класот или учителката, усно или писмено, да кажеме за што станува збор и каква е поуката од него. Ми се допаѓаа ваквите вежби, па дури и се истакнував на часовите, така што (како и Берти Вустер) често бев „прв“ по предметот Свето писмо. Тоа беше мојот вовед во практична и текстуална критика. Ќе ги прочитав сите поглавја што му претходеа на стихот и сите што следуваа по него, за да бидам сигурен дека сум ја разбрал „поентата“ на зададеното. И ден-денес можам да го правам тоа, што многу нервира некои од моите непријатели, и сè уште имам почит кон оние чиј стил се отфрла како „само“ талмудски, или курански, или „фундаменталистички“. Тоа е добра и неопходна ментална вежба и книжевна обука.

Но, дојде денот кога кутрата, мила госпоѓа Вотс се надмина себеси. Со амбиција да ги спои своите две улоги, на инструктор за природата и учител за Библијата, таа рече: „Значи, деца, гледате колку е Господ моќен и великодушен. Тој направил сите дрвја и тревата да се зелени, што е бојата која најмногу ги одмора нашите очи. Замислете си колку страшно ќе беше сета вегетација да е виолетова или портокалова“.

И сега гледајте што направи оваа побожна стара вештерка. Ми се допаѓаше госпоѓа Вотс. Таа беше чувствителна вдовица без деца, со пријателски настроено овчарско куче кое навистина се викаше Ровер, и по часовите нè канеше на слатки во својата трошна стара куќа во близина на железничката пруга. Доколку Сатаната ја одбрал неа да ме навлече на грешка, тогаш бил поинвентивен и од суптилната змија во Рајската градина. Таа никогаш не го имаше по- вишено гласот, ниту пак некогаш се беше заканила со насилство - што не може да се каже за сите мои учители - и, општо земено, беше една од оние чиј споменик е романот Мидлмарч, за кои може да се каже дека доколку „нештата со вас и со мене не се толку лоши колку што би можеле да бидат“, тогаш тоа „делумно се должи на оние кои верно живееле скриен живот и почиваат во непосетени гробови“.

Како и да е, јас бев искрено вџашен од она што таа го кажа. Моите мали сандали врзани за глуждот се извиткаа срамејќи се од неа. На деветгодишна возраст немав поим ни за доказот преку дизајнот, ни за Дарвиновата еволуција како негов ривал, ниту пак ја знаев врската меѓу фотосинтезата и хлорофилот. Во тоа време и мене и на другите ни беа целосно непознати тајните на геномот. Тогаш уште ги немав видено местата каде што сета природа е ужасно индиферентна или непријателска спрема човечкиот живот, ако не и спрема животот воопшто. Но сепак знаев, како да имав привилегиран пристап до некој повисок авторитет, дека мојата учителка со само две реченици покажа дека сè погрешно разбрала. Очите се тие што се приспособуваат на природата, а не обратно.

Не можам да речам дека совршено се сеќавам на сè што се случи по ова просветлување, или на редот по кој се одвиваа работите, но мошне бргу почнав да забележувам и други чудни нешта. Зошто, доколку бог навистина е креатор на сите нешта, треба постојано да го „славиме“ за она што тој природно си го прави? Настрана сè друго, ова ми се чинеше сервилно. Ако Исус можел да го излекува слепиот човек кого случајно го сретнал, зошто тогаш не го излекувал слепилото? Што има толку возвишено во тоа да се протераат ѓаволите од кај нас, за тие потоа да влезат меѓу свињите? Тоа ми се чинеше некако зломислено - повеќе како црна магија. Зошто и по сите молитви немаше резултати? Зошто морав постојано јавно да изјавувам дека сум беден грешник? Зошто сексот се сметаше за толку отровна тема? Во меѓувреме открив дека ваквите колебливи и детски забелешки се општо распространети, делумно и затоа што ниедна религија не може да даде задоволувачки одговор на нив. Но се наметна уште една, поголема забелешка. (Велам „се наметна“, а не „ми падна на ум“, затоа што ваквите забелешки не се само несовладливи туку и неизбежни.) Директорот, кој ја водеше дневната богослужба и ја држеше Книгата во рацете, и кој беше по малку садист и прикриен хомосексуалец (и кому одамна сум му простил, бидејќи тој го разбуди мојот интерес за историјата и ми го позајми првиот примерок на книгата на П. Г. Водхаус), една вечер на неколкумина од нас ни раскажуваше бесмислици. „Сега можеби не ја гледате поентата на сета оваа вера“, рече, „но еден ден, кога ќе почнете да ги губите своите блиски, ќе станете свесни за неа“.

Повторно почувствував бодеж од чиста индигнација и неверување. Зошто? Затоа што тоа беше како да кажа дека не е важно што во религијата можеби и нема вистина, бидејќи таа дава утеха. Одвратно. Во тоа време се наближував до својата тринаесетта година и станував крајно неподнослив мал интелектуалец. Дотогаш немав чуено за Зигмунд Фројд - иако тој многу ќе ми користеше за да го разберам директорот - но само што добив сознанија за неговиот есеј Иднината на една илузија.

Сево ова ви го кажувам бидејќи не сум од оние кои останале без цврста вера затоа што како деца биле изложени на злоупотреба или на брутална индоктринација. Знам дека милиони човечки суштества морале да истрпат такви нешта и не мислам дека на религијата може или смее да ѝ се прости поради предизвикувањето такви страдања. (Неодамна видовме како Католичката црква се избламира со своето соучесништво во непростливиот грев на силување деца, или, кажано во латинска форма, „Ниеден детски задник да не изостане“.) Но слични, па дури и поголеми гревови имаат сторено и други, нерелигиозни организации.

Но остануваат четири приговори на сметка на религиозната вера што не можат да се ублажат: дека таа сосема погрешно го интерпретира потеклото на човекот и на вселената, дека поради оваа прва грешка успева да спои максимална сервилност со максимален солипсизам, дека е едновремено и резултат и причина на опасна сексуална репресија и дека, на крајот на краиштата, се темели врз пусти желби.

Не мислам дека е арогантно да тврдам дека овие четири забелешки сум ги открил уште пред да почне да ми мутира гласот (како што сум го забележал и повулгарниот и поочигледен факт дека религијата ја користат за здобивање со авторитет и оние кои во еден определен период се на власт). Сигурен сум дека и милион други луѓе дошле до истите заклучоци на речиси ист начин, а и сум сретнал многумина такви на стотици различни места и во разни земји. Многумина од нив никогаш не биле верници, а многумина се откажале од верата по мачна борба. Некои од нив имале заслепувачки моменти на разубедување кои биле наполно исти како оние на Савле од Тарс на патот за Дамаск, иако можеби помалку епилептични и апокалиптични (и подоцна, од морален аспект, порационални и пооправдани). И токму во тоа е поентата, што се однесува до мене и моите истомисленици. Нашето верување не е верување. Нашите принципи не се вера. Ние не се потпираме исклучиво на науката и разумот, бидејќи се тие нужни, но не и доволни фактори, и не веруваме во ништо што ѝ противречи на науката или е навреда за разумот. Можеби во многу нешта се разликуваме, но сите ја почитуваме слободата на истражувањето, отвореноста на умот и занимавањето со идеи заради самите нив. Не сметаме дека нашите убедувања се догматски: несогласувањето меѓу професорите Стивен Џеј Гулд и Ричард Докинс во поглед на „испрекинатата еволуција“ и неисполнетите празнини во постдарвиновската теорија е широко колку што е и длабоко, но ќе го решиме со докази и расудување, а не со меѓусебна екскомуникација. (Моето лично несогласување со професор Докинс и со Даниел Денет во врска со нивниот додворувачки предлог атеистите самобендисано да бараат да бидат нарекувани „бистри“ е дел на една подолготрајна расправа.) Не сме имуни ни на заводливоста на чудото, ни на мистеријата и восхитот. Ги имаме музиката, уметноста и литературата, и сметаме дека делата на Шекспир, Толстој, Шилер, Достоевски и Џорџ Елиот содржат подобри одговори на некои сериозни етички дилеми отколку митските поучни приказни во светите книги. Литературата е таа што ги крепи умот и душата (го употребуваме овој збор бидејќи за тоа нема друга метафора), а не светите списи. Не веруваме ниту во рај ниту во пекол, па сепак ниту една статистика нема да покаже дека без ветувањето награда или застрашување ние правиме повеќе злосторства поради алчност или повеќе насилство во споредба со верниците. (Всушност, сигурен сум дека доколку некогаш се направи соодветно статистичко истражување, доказите ќе го покажат токму спротивното.) Помирени сме со тоа дека живееме само еднаш, ако не го сметаме живеењето преку своите деца, и со задоволство прифаќаме дека за нив мора да ослободиме и пат и простор. Претпоставуваме дека штом луѓето го прифатат фактот дека живеат кратки животи исполнети со борба, ќе почнат едни кон други да се однесуваат подобро, а не полошо. Уверени сме дека етичен живот може да се води и без религија. И сигурни сме дека е вистинита и следнава последица на нашиот став - не само што религијата не довела до тоа еден огромен дел од луѓето да се однесуваат подобро од другите, туку била и причината поради која си дозволиле да се однесуваат на начини за кои би кренал веѓа дури и еден сопственик на бордел или, пак, извршител на етничко чистење.

(продолжува)

ОкоБоли главаВицФото