1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
Шпанската влада има намера да го забрани снимањето и поставувањето на интернет на „реакциите“ на полицијата за време на демонстрациите. Овој обид не треба да нè изненади, затоа што уште во април годинава шпанскиот министер за внатрешни работи, Хорхе Фернандез Дијаз, предложи донесување на уредба со која би се забранил „пасивниот отпор“. Овие предлози, што може да се прочита на голем број интернет форуми, многу Шпанци ги потсетуваат на периодот на диктатурата на Франко.
Од 15 мај 2011, денот кога протестите против програмата за штедење ги окупираа плоштадите во Мадрид, склоноста на Шпанците кон протести значително порасна: на улиците речиси секоја недела се собираат Индигнадоси. Тоа е често проследено со жестоки судири со полицијата, кои учесниците ги снимаат со мобилни телефони или видео камери и ги поставуваат на интернет. Веќе се случувало да бидат отстранети од интернет снимки од полицајци кои брутално ја злоупотребуваат силата, но овој обид за воведување нов облик цензура предвидува забрана за снимање на такви материјали.
Нацрт измените на законот за безбедност на населението предвидуваат забрана за снимање полицајци при вршење на должноста. Оној кој нема да се придржува до законот ќе биде казнет. Ова неодамна на состанокот на полицискиот синдикат во Мадрид го најави директорот на шпанската полиција, Игнасио Косидо. Веќе кружат гласини дека по забраната за снимање се планира и забрана за покривање на лицето и носење какви било маски кои ја отежнуваат идентификацијата.
Меѓутоа, повеќето правници во Шпанија се изјаснија против овие предлози за промена на законот. Експертот за уставно право Хавиер Перез Рохо за дневниот весник El Pais изјави дека „најавените измени на законот се спротивни на уставот и слободата на информирањето. Ваквите мерки би биле оправдани само ако е загрозен животот на полицајците или ако е во прашање борба против тероризмот и организираниот криминал, што овде не е случај“. За Марија Морето од здружението на прогресивни јавни обвинители, ова е реакција на една влада „која сака да ги одврати луѓето од протестите против штедењето и осиромашувањето на нивната земја“. Обајцата се согласуваат дека владата со овие мерки сака да ги заплаши луѓето. Со забраната за снимање демонстрантите ќе го изгубат и најважниот материјален доказ за тоа што се случува за време на протестот.
Косидо, директорот на полицијата, смета дека „во Шпанија се раѓа култура на насилството: демонстрантите ја напаѓаат полицијата, а не обратно. Постои можност по поставувањето на снимките на интернет полицајците да станат мета на насилниците. Сакаме да ги заштитиме нив и нивните семејства од одмазда“. Меѓутоа, до сега не е пријавен ниту еден ваков случај. Полицајците се секогаш маскирани, така што не постои можност некој да ги препознае. Приказната за лошите демонстранти може лесно да се разобличи, затоа што постојат бројни снимки на кои се гледа како полицијата напаѓа мирни демонстранти, меѓу кои жени и постари граѓани.
Шпанскиот министер за внатрешни работи, Хорхе Фернандез Дијаз, нагласи дека забраната за снимање ќе се однесува пред сè на антитерористичките акции. Но, што точно се подразбира под тоа, сè уште не е јасно. Претставникот на здружението на судии за демократија, Хоаким Бош, ја смета оваа мерка за непотребна, затоа што е предвидена како општа норма, а не како норма за вонредни ситуации.
Кон крајот на септември, кога демонстрантите се обидоа да го опколат шпанскиот парламент, полицијата реагираше. Еден дел од демонстрантите се сокрија во барот на Алберто Касиљас, кој стоејќи со раширени раце на вратите од барот го спречи влегувањето на полицијата. Касиљас преку ноќ стана медиумска ѕвезда: „Редовно гласам за конзервативците и ја поддржувам полицијата, но овој пат полицијата го испровоцира судирот. Влетаа меѓу демонстрантите како преторијанска гарда“.
Шпанските граѓани нема да дозволат евентуалното усвојување на законот да ги заплаши. Веројатно само ќе речат: „Е, сега станува сериозно“.
Видео снимка од шпанската полиција која тепа демонстранти на мирен протест
Извор: Der Freitag