Смртна казна и доживотен затвор за хомосексуалците во Уганда

13.11.2012 09:28
Смртна казна и доживотен затвор за хомосексуалците во Уганда

Портпаролката на парламентот на Уганда, Ребека Кадага, потврди дека предлог законот кој ќе го институционализира насилството над хомосексуалците ќе биде официјално одобрен до крајот на 2012 година, и покрај критиките од целиот свет.

Кадага соопшти дека законот против хомосексуалност ќе биде одобрен во декември бидејќи „сè повеќе државјани на Уганда го бараат тоа“. Таа наведе дека овој закон ќе биде „божиќен подарок за народот на Уганда“, а се осврна и на „сериозната опасност“ од хомосексуалците која му се заканува на општеството.

Законот ќе ја утврди криминализацијата на истополовите врски, а прекршителите ќе се соочат и со смртна казна доколку го направат делото по втор пат, ако се ХИВ позитивни или се претставници на власта. Кај полесните облици на кршење на овој закон во Уганда е предвидена доживотна затворска казна.

Првобитно предложен од владата во 2009 година, предлог законот против хомосексуалност привремено е оставен на страна, токму поради меѓународната осуда. Неколку европски држави, на чело со Велика Британија, се заканија со укинување на хуманитарната помош за Уганда доколку го прифати скандалозниот закон. Американскиот претседател Барак Обама го нарече „одвратен“, а канадскиот политичар Џон Баирд го опиша како „недоличен, одвратен и злобен“.

Според резултатите од истражувањето на Pew Research Center од 2010, хомосексуалноста е морално неприфатлива за 89% од државјаните на оваа африканска земја.

Извор: http://www.gaystarnews.com/